X
 17.08.2026 Наша тема

Од пожари до загадување – нова генерација инженери за безбедност и заштита на Техничкиот факултет во Битола

Проф. д-р Цвете Димитриеска, раководител на машинскиот отсек, вели дека новата студиска програма ги поврзува машинството и заштитата на животната и работната средина, а кадрите ќе бидат подготвени за справување со пожари, загадување, отпад, поплави и други ризици.

На 65-годишнината од своето постоење, Техничкиот факултет, академска единица со најдолга традиција при универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола, ја збогатува својата понуда со нова студиска програма - Инженерство за безбедност и заштита. Ова се современи мултидисциплинарни студии кои спојуваат едни од најзначајните области на денешницата - животната и работната средина. За потребата и важноста на новата студиска програма, разговараме со проф. д-р Цвете Димитриеска, редовен професор на Техничкиот факултет – Битола и раководител на машинскиот отсек.

Што точно е инженерство за безбедност и заштита?

Оваа студиска програма е конципирана така што да обезбеди стекнување компетенции кои се општествено оправдани и корисни, особено во услови на енормно загадување на животната средина, неконтролирани климатски промени, загрозени услови на работното место и во околината, кои се заштитени и подлежат на законски регулативи и прописи. Образувањето и добивањето ваков квалификуван кадар ќе даде придонес во навремена превенција, контрола и спречување на негативните влијанија и последици врз животната и работна средина, со примена на знаењето кое ќе го стекнат во процесот на студирањето.



Зошто токму сега се воведува новата програма?

На Техничкиот факултет пред речиси 15 години, поточно во учебната 2012/2013 година беше воведена четиригодишна студиска програма Инженерство за заштита на животна и работна средина, со два модули А - Инженерство за заштита на животна средина и Б – Инженерство за заштита на работна средина, на прв циклус студии, а потоа и на втор циклус, како едногодишни студии. На оваа студиска програма до денес имаат дипломирано 34 студенти и магистрирале 26 студенти. Одлуката да се направи нова студиска програма како спој на претходните две е заради рационализација и приспособување на студиските програми на реалните потреби и барањата на пазарот на трудот, а во согласност со основните задачи и цели на Техничкиот факултет, формирање квалитетен инженерски кадар од оваа област, во услови на зголемено загадување на животната средина и потреби од безбедно работно место и околина.

Дали постојат некакви анализи за потребата од воведување на оваа програма?

Согласно резултатите од Анкетата за потреба од вештини на пазарот на трудот во Република Северна Македонија за 2023 година (https://av.gov.mk/content/Statisticki%20podatoci/Izvestaj_APV%202023%20god_RSM_sumirani%20rezultati_k.pdf), спроведена од Агенцијата за вработување на РСМ, на листата со приоритетни вработувања занимањето машински инженер кој ќе биде стручен за безбедноста и заштитата на работната и животна средина е меѓу првите, што оди во прилог на оправданоста за воведување на студиската програма. Значи, станува збор за мултидисциплинарна наука, која се темели на класично машинство, надградено со други научни дисциплини.


Проф. д-р Цвете Димитриеска

Каде ќе можат да се вработат дипломираните кадри?

При креирањето на студиската програма се тргна од основната потреба на Пелагонискиот Регион за едуцирање технички кадар кој ќе го менаџира, одржува и развива стопанството во согласност со потребите на современото време и сè поголемото значење на заштитата на животната и работната средина. Во општината и регионот постојат и значајни капацитети од областа на земјоделството, производството на храна, графичката, текстилната, процесната индустрија, градежништвото и др. Исто така, тука се и потребите на странските инвеститори во Пелагонискиот Регион, како и други производни капацитети од различни области, кои понатаму даваат стипендии за одредени профили и студенти.

Дали овие инженери ќе се занимаваат и со пожари?


Одговорот е да, но не само за тоа. Во студиската програма се предвидени предметите: Заштита од бучава и вибрации, Управување со отпад, Системи за заштита и прочистување на води, воздух, почви, Анализа на податоци за состојбата во околината, Транспорт на флуиди, Индустриски извори на загадување, Управување на проекти, Одлучување во животната средина, Заштита и безбедност при градежни активности и други стручни предмети. Мора да има стручен кадар кој ќе ги проучи, предвиди, спречи, санира, ќе управува професионално и одговорно со ваквите појави, кој ќе биде оспособен да проектира, применува нови технологии за прочистување, ревитализација, симулација и следење на состојбите во животната и работна средина, со мерење на податоците во реално време, обработка и анализа, со цел навремена превенција, безбедност и избегнување ситуации на кои сме, за жал, сведоци во изминатиот период, како што се пожарите, поплавите, загадувањето на водите, почвата, воздухот, а особено проблемите со одлагање, третирање на различни видови на отпад.
Затоа издигнувањето на оваа проблематика на повисоко академско и стручно ниво со продуцирање компетентен кадар е неопходна, наспроти досегашниот мал опфат со неколку предмети во рамките на други студиски програми од областа на машинството, или пак преку курсеви, обуки и други облици на неформално образование каде што се спремаат вакви кадри, за чии квалификации и стручност не би сакала да коментирам.



Кој може да се запише и колку студенти се предвидени?


Предвидени се 25 студенти во државна квота со партиципација од 200 евра, 5 студенти со кофинансирање од 400 евра и 10 вонредни студенти со кофинасирање од 400 евра. Значи вкупно 40 студенти, водејќи сметка идејно и за апсорпционата моќ и потребите на пазарот на трудот. Искрено, очекуваме новите бруцоши да ја препознаат и изберат оваа студиска програма, која трае 4 години, односно е со 240 ЕКТС, со можност за продолжување на едногодишни студии од втор циклус со 60 ЕКТС. Морам да напоменам дека целна група се средношколци од различни профили, не само од техничките училишта, туку и од гимназиските, стопанските, економските, медицинските училишта, со оглед на мултидисциплинарноста на оваа област.

Дали вакви студии постојат во Европа?

Во услови на безмилосни еколошки катaстрофи на кои сме сведоци, интензивни климатски промени, во делот на образованието земјите се приспособуваат на новонастаната состојба. Само за илустрација, во соседството и пошироко на техничките, односно машинските факултети во Србија, Словенија, Грција, Чешка има слични студиски програми, често и како мултидисциплинарни студии.
Меѓусебната соработка на УКЛО со европските универзитети е канализирана преку Колорс алијансата (COLOURS) каде што УКЛО е првиот македонски универзитет како член. Оваа алијанса има цел да ги поттикне мобилноста, иновациите, одржливиот регионален развој и заедничките европски образовни програми. Техничкиот факултет има потпишано договори за меѓусебна соработка со сродните на него, со што е овозможена мобилност на студентите, добивање двојна диплома, препознатливост и на европскиот пазар на труд.

ТФБ слави 65 години, што денес може да им понуди на младите за да останат да студираат дома?

Со оглед на моето работно искуство од 35 години во оваа институција, на која сум ги стекнала сите степени на образование, како и многу мои колеги, паметам времиња кога имаше повеќе од илјада студенти на сите студиски програми. Точно е дека интересот за студирање на техничките науки изминатите години генерално на светско и европско ниво опадна. Кај нас трендот се задржува, согласно интерните анализи што ги правиме. Но сега ќе зборувам и како родител, светот станува опасно место за живеење. Да се студира дома има и предности и недостатоци. Факт е дека излегувањето надвор е предизвик за младите луѓе. Често на слични прашања одговарам: „Одете, видете како е надвор, но вратете се дома.“ Стојам на фактот дека знаењата што се стекнуваат на Техничкиот факултет – Битола се споредливи со знаењата по странските факултети, тоа е потврдено и со многу наши кадри-алумни кои излегле од границите на нашата држава, ги има по сите континенти, ценети се, препознаени, што кажува дека е и тоа како добро да се студира дома, а за шетање, доусовршување, има време и можност понатаму во животот. На крајот на краиштата, сите, особено младите ѝ се потребни на оваа држава. Чудна коинциденција, нашиот факултет слави 65, а државата 35 години постоење, што значи ТФБ е „значително постар“ од државата, па затоа треба сиот свој капацитет да го стави во нејзина функција, што впрочем и го должи, а тоа и вистински го прави.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема