X
 17.11.2025 Живот

Саграда фамилија стана највисоката црква во светот со последниот додаток од 7,25 метри

Саграда фамилија во Барселона официјално стана највисоката црква во светот благодарение на најновото доградување на кулата на Исус Христос, како што е прикажано во ново видео на платформата на „Јутјуб“.

Снимките го покажуваат подигнувањето на долниот дел од крстот до централната и највисока кула, со што започна последната фаза од изградбата на познатата базилика на Антони Гауди, а почетните работи започнале во 1882 година.

Завршувањето е планирано за 2026 година

Со ова доградување од 7,25 метри во висина, Саграда фамилија достигнува висина од 162,91 метри, надминувајќи ја катедралата во германскиот град Улм, која е висока 161,53 метри, и со тоа станува највисоката црква во светот.

Кулата на Исус Христос, последната од вкупно 18 кули што ќе бидат изградени, се очекува да достигне висина од 172 метри по завршувањето, закажано за 2026 година, што ќе се совпадне со стогодишнината од смртта на Гауди.

Неодамна изградениот сегмент тежи 24 тони и го претставува долниот крак на крстот висок 17 метри, кој ќе ја круниса кулата на Исус Христос. Сегментот има квадратна основа која станува осумаголна кон врвот и е покриен со бела глазирана керамика и стаклени панели.

Изградбата на Саграда фамилија е забрзана во последните години благодарение на употребата на префабрикувани камени панели дизајнирани од инженерската фирма „Аруп“. Тие, исто така, ја намалиле тежината на огромните елементи на базиликата, вклучувајќи ја и кулата на Богородица.


Поголемиот дел од оригиналните планови исчезнале во граѓанската војна

Историјата на изградбата на Саграда фамилија е долга и комплексна, делумно поради фактот што Гауди драстично го променил проектот на црквата во 1883 година, кога ја презел работата од претходниот архитект кој поднел оставка.

Гауди го водел проектот до неговата смрт во 1926 година, кога се проценувало дека е завршена помалку од една четвртина. Изградбата последователно била забавена поради финансии, а потоа запрена за време на Шпанската граѓанска војна, во која биле изгубени повеќето од оригиналните планови на каталонскиот архитект.

Извор: gradnja.rs

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот