X
 10.01.2018 Култура

Последниот двобој на Пушкин


Пушкин на слика
(Фото: Pyotr Konchalovsky)


Во првата половина од 19 век двобоите биле чест начин за разрешување конфликти што биле предизвикани од повреда на честа меѓу руските благородници. Вербалните испади, навредливите писма или зајадливите епиграми што ќе поминеле без извинување од страна на предизвикувачот се разрешувале со двобои.

Постојат многу уметнички сведоштва за таквите двобои, пред сè во делата на Тургенев и Пушкин. Општо е познат фактот дека Александар Пушкин бил убиен во двобој со Данте, француски благородник кој наводно ѝ се додворувал на сопругата на Пушкин – Наталија, убавицата од високите кругови во Санкт Петербург. Двобојот се случил на 27 јануари 1837 година по стариот календар, а Пушкин им подлегнал на повредите два дена подоцна.

Тоа не бил првиот двобој во кој учествувал познатиот поет. Изброени се дури 29 „неприлики“ во кои бил вклучен Пушкин, а кои завршувале со одржани или откажани двобои.

Интересно е дека Пушкин на еден од двобоите дошол со корпа полна со цреши, кои ладнокрвно ги јадел додека противникот нишанел во него. Овој несекојдневен настан од животот, уметнички преобликуван, се споменува во Пушкиновиот расказ „Куршум“.

Рускиот формалист Виктор Шкловски во својот текст „Приказна за Пушкин“ веројатно со право забележува дека животот на Пушкин не му бил неопходен на рускиот двор.

Имено, Пушкин и со двајцата руски цареви, во чие владеење ги создал своите бесмртни стихови и дела, постојано имал проблеми. Со своите крајно отворени песни за слободата и поддршката на прогресивните движења во Русија од почетокот на 19 век Александар Сергеевич со право стекнал глас како непријател на нивниот апсолутизам, „обезбедувајќи“ си така судбина и живот во постојано прогонство.

Во 1831 година, вљубениот Пушкин ја запросува Наталија Гончарова, која потекнувала од осиромашено благородничко семејство. Откако се оженил со неа, се вратил на служба во руското министерство за надворешни работи. Убавата Наталија била причина за нов вид напади кон Пушкин. Наводно, и самиот руски цар се загледувал во неа.

Во текот на целата 1836 година организирано се ширеле интриги и озборувања за однесувањето на Наталија Пушкин. Повод за тоа биле сè почестите посети на Жорж Данте, француски благородник кој побегнал од револуцијата во 1830 година и бил посвоеник на холандскиот амбасадор – баронот Хекерн, во домот на Пушкинови.

Во ноември 1836 година, по анонимните писма што кружеле низ дворот, Пушкин преку Хекерн го предизвикал Данте на двобој, на што тој возвратил дека ја посетува Наталија заради нејзината сестра. Дуелот тогаш бил избегнат, односно одложен, а Данте во јануари 1837 година се оженил за Катерина Гончарова.

Меѓутоа, провокациите и шпекулациите не престанувале, па Александар Сергеевич на 26 јануари испратил навредливо писмо до холандскиот амбасадор, по што морал да се случи двобојот.

Шкловски вака ја објаснува заднината на положбата на Пушкин:

„Можно е самиот Данте да не ѝ бил љубовник на Наталија Пушкин, туку само параван кој го сокривал љубовниот занес на Николај, подметнато лице. Пушкин тука не можел ништо да направи. Му останувало само тоа – да излезе на двобој, не за да го убие Данте, туку за да предизвика скандал и да ги принуди повторно да го пратат во прогонство во селото Михајловско. Тоа бил план за негово бегство“.

Двобојот се случил на 27 јануари 1837 година, попладне, под многу тешки околности. Противниците меѓусебно биле оддалечени десет чекори, а прв пукал Данте и го погодил Пушкин во стомакот. Тешко ранетиот Пушкин паднал во снегот, но станал по неколку минути и успеал да го испука својот куршум, погодувајќи го Данте во раката.

Повредениот Пушкин го однеле во неговиот дом, а покрај него седел неговиот пријател Даљ, писател и проучувач на сказни. Бил повикан и дворскиот лекар Аренд, кој му дал два спротивни лека, но и опиум, кој го стега желудникот и ја забавува работата на цревата. Неправилното лекување предизвикало смртоносно воспаление на стомакот, што не било последица од ранувањето во дуелот.

Се очекувало телото на мртвиот поет да биде изложено во црквата на Исакиј, но властите се плашеле дека ќе се собере многу незадоволен народ кој би реагирал поради начинот на кој настрадал Пушкин. Затоа сандакот со неговото тело во тајност бил однесен во малата црква на Коњушарската управа, а потоа во текот на ноќта со санки бил однесен до Светогорскиот манастир во Псковската губернија.

Шкловски наведува: „Така сакаа да го одведат славниот поет, да му ги одземат спомените, да го претворат во поданик мирно погребан на имотот, кој царот го ослободил од сите долгови“.

Александар Сергеевич Пушкин, поетот кој „во суровиот век ја опејувал слободата“, не можеле да го претворат во нешто што не ни бил:

„Подигнав споменик несоздаден од рака...“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура