X
 07.02.2017 Спорт

Од каде потекнува бодирањето во тенисот?

Знаете ли од каде потекнува начинот на бодирање во тенисот?

За потеклото на тенисот постојат повеќе верзии. Една од најинтересните е дека на почетокот се играл со рака и дека бил популарен во античките држави Рим, Грција и Египет, а името го добил според еден град на Нил, на арапски наречен Тинис. Во прилог на ова оди и општоприфатената теза дека зборот „рекет“ доаѓа од арапскиот збор „рахат“ што значи дланка.

Првата игра што дефинитивно потсетува на модерниот тенис, се играла во Франција во Средниот век, заради што повеќето експерти сметаат дека етимолошкото потекло на зборот „тенис“ доаѓа од францускиот збор „ тенез“ што значи „земи, играј“.

Легендата вели дека автор на името е анонимен патувачки забавувач на францускиот двор од 10 век, а докажано е дека во 11 век оваа игра се играла на францускиот двор и по манастирите, каде калуѓерите почнале да користат и канап; и тогаш сè уште се играло со гола рака, за подоцна  да се користат и ракавици и на крајот нешто што потсетува на денешните рекети.

Луј Четврти и Католичката црква се обиделе да го забранат тенисот но без успех, па во 13 век веќе постоеле 2.000 терени во целото кралство. Во следниот век, тенисот почнал да се игра и во Англија, а оваа игра особено ја засакале Хенри Седми и Хенри Осми; наводно, на последниов му се припишува и авторството на зборот „сервис“ (англ. servant = слуга), бидејќи ги терал слугите да му го фрлаат топчето во воздух, затоа што не можел самиот да го прави тоа заради сопствената дебелина.

Сепак, најголемата мистерија е начинот на бодирање во овој спорт, кој датира уште од Средниот век со оглед на тоа дека се напоменува во песната за Битката кај Азенкур во 1415 година. Се чини дека првично бодирањето одело од 15 преку 30 до 45, за подоцна луѓето како полесно да ја заменат 45-ката во 40.

Но, зошто се почнува со 15? Тоа никој не го знае со сигурност. Некои сметаат дека се следи часовникот според минутите, но иако се чини логично, за тоа не постојат конкретни докази.

Многу поверојатна е хипотезата за француското потекло од раниот Среден век, бидејќи бројот 60 бил многу важен за тогашна Франција, на сличен начин како што денес нам ни значи заокружената бројка 100. Затоа, дури и денес, броевите 70,80 и 90 кај Французите се основаат на бројот 60: тие за „седумдесет“ велат „sioxante-dix“ во превод “шеесет и десет“, за „осумдесет“ – „шеесет и дваесет“ итн. Ова веќе ја разјаснува смислата играта да се игра до 60.

Но, зошто играта е поделена на четири делови? Најверојатно, заради обложувањето, затоа што повеќето игри се играле за пари. Во соседната Германија постоел закон кој забранувал обложување на износи поголеми од 60, а истовремено во Франција постоела монета што се нарекувала „голем турнирски динар“ што имал вредност од 15. Можеби и затоа француските „тенисери“ и набљудувачи се обложувале во „еден турнирски динар“ по поен, па сè до максималните шеесет по гем.

Што се однесува до зборот „џус“ – тој доаѓа од францускиот израз „a deux du jeu“ што значи „два поени до гем“, а Англичаните го скратиле на „deus“ (џус).

Кога некој играч нема ниту еден поен, ние велиме „ништо“, но во англиското говорно подрачје се вели „love“ (како љубов). И пак, никој со сигурност не знае од каде доаѓа овој збор; некои тврдат дека доаѓа од францускиот збор за јајце „l´oeuf“ и дека е поврзано со изразот „му снема јајца од пајка“ во смисла - нема ништо, иако оваа хипотеза е многу слаба.

Многу поверојатно е дека доаѓа од холандско-фламанскиот збор „lof“ што значи чест;  приближно во времето кога во Англија се пробива оваа игра, истовремено надоаѓале и бегалци од Фландрија, па можеби и изразот „love“ потекнува од нивниот израз „omme lof spelen“ што значи „игра за чест“. Или како што ние велиме – „почесен погодок“.
 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт