X
 16.01.2018 Технологија

Начини на кои блокчејн-технологијата може да го промени образованието

Блокчејн-технологијата се развива со брзо темпо, но со себе носи и низа прашања. Едно од нив е и тоа дали блокчејн-технологијата може да го трансформира образованието, како што тоа го стори со финансискиот сектор?


Од истражниот центар на Европската комисија наведуваат специфични начини на кои блокчејн-технологијата може да влијае врз образованието. Блокчејн-технологијата е всушност дигитална книга на економски трансакции кои можат да бидат програмирани да ги следат не само финансиските трансакции туку сето она што е од вредност, на виртуелен начин. Ова се 4 начини на кои оваа технологија може да го трансформира образованието:

1. Може да помогне во елиминирањето на хартијата

Бескрајните фиоки со документи може да се намалат, па и да исчезнат. Блокчејн-технологијата може на сигурен и на траен начин да ги складира сите податоци, сертификати и награди и да води евиденција.

2. Нема потреба од централен авторитет

Ова се однесува на валоризација на сертификатите. Со блокчејн-технологијата ќе нема потреба од орган што ќе врши валоризација. Нема да доаѓа и до лажни дипломи, кои често се достапни на нелегални пазари. Менаџментот на интелектуалната сопственост ќе биде поедноставен, односно со технологијата ќе се следат сите публикации и цитати, без потреба од авторитет кој ќе врши надгледување. Исто така, авторите на публикациите ќе можат да бидат веднаш и автоматски платени.

3. Образовните институции ќе заштедат пари

Со оглед на тоа дека со учеството во технологијата секој ќе има сопственост и контрола над сопствените податоци, училиштата и факултетите значително ќе ги намалат трошоците за менаџмент на документите.

4. Криптовалутите ќе ги поедностават системите за плаќање

На институционално ниво ова е навистина поедноставен начин. Плаќањето ќе може да се изврши веднаш со самото аплицирање, а криптовалутите може да се користат и за финансирање грантови и ваучери.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија