X
 21.10.2016 Образование

Една наставничка им порачува на родителите: Престанете да ги праќате децата на милион активности!

Како да го минуваат слободното време

Телевизија, интернет, мобилни телефони

Ограничете им го времето на децата за седење пред телевизор на два часа днево (некој добар филм би можел да трае и подолго од час-два). Телевизорот на којшто вие гледате, преместете го во вашата соба или не дозволувајте да биде пуштен пред децата подолго од предвидените саати, доколку не сте подготвени себеси да си ги ограничувате времето и содржините што ги гледате. Заинтересирајте се за содржините што ги следат вашите деца, особено ако се помали, и потрудете се да им ги ограничите темите со каква било форма на насилство или барем коментирајте пред нив дека насилството е непожелно.

Купете им обични мобилни телефони (не смартфони!), без неограничен пристап на интернет. Ова особено важи за малите деца кои не би требало од нивна возраст да се навикнуваат на достапност на содржини што лесно би им го привлекле вниманието.

Компјутерот преместете им го од детската во заедничка соба, за да можете повремено да следите какви содржини гледаат. На овој начин ќе ги контролирате реалните ризици кога станува збор за интернет комуникацијата. Разговарајте со своите деца во врска со информациите и податоците што никогаш не смеат да ги соопштуваат, особено на непознати лица.

Наведените препораки имаат најголема смисла кај малите деца, од претшколска возраст или основци, кога се формираат навиките што подоцна тешко се искоренуваат. Повозрасните деца кои умерено или со практична цел ја користеле технологијата кога биле помали, поверојатно е дека ќе умеат да го контролираат своето однесување и да ги препознаваат прифатливите и неприфатливите содржини, па нема да има потреба да им поставувате надворешни ограничувања.


Формирање пријателства и слободно време поминато надвор и дома


„Избркајте“ ги од собата макар еднаш дневно во парк или во дворот и забранете им да се вратат саат-два. Малите деца ќе се радуваат на допуштениот излез и немојте да им ја скратувате приликата да си играат, да се качуваат, да скокаат на некое ниско и безопасно ѕитче. Основците веројатно ќе морате да ги „избркате“ надвор, бидејќи поинтересно им е да играат видеоигри, да редат лего коцки, да се допишуваат на месинџер и сл. Ваквата постапка ќе има различни позитивни ефекти: ќе бидат повнимателни, поенергични, ќе ги намалат тешкотиите со спиењето, ќе запознаат други деца со кои ќе создадат пријателства. Слободните и умерено структурирани активности секогаш се вредни можности децата сами да одлучат како ќе го поминат слободното време, да размислат за сите можности што се пред нив. Ако имате тивко и повлечено дете, немојте да инсистирате на дружење со други деца. Доколку сака само да се лула на лулашка или да се качува на дрво – сосема е во ред. Со текот на времето најверојатно ќе сретне друго дете со кое ќе сака да разговара додека се лула или додека се качува негде.

Додека се мали, читајте им барем половина час во денот некоја книга за деца, а кога ќе научат да читаат, заменете ги улогите и дозволете им тие вам да ви читаат. Зачленете се заедно во библиотека и редовно земајте книги. Разговарајте за прочитаното, што и зошто им се допаѓа, кој им е омилен лик и какви би сакале тие да бидат. Направете читањето да им биде забавно – секогаш понудете им избор што сакаат да слушаат/читаат.


Структурирани активности надвор од училиштето

Ве замолувам, престанете да ги носите децата на голем број активности во текот на неделата и ограничете се најмногу на две – спортски, културни и сл. Кога велам „најмногу две“, претпоставувам дека секој тип активност се случува два-трипати неделно, така што со овие две активности детето секој ден има обврска надвор од училиштето. Децата, како и возрасните, после долгиот училишен ден сакаат да се одморат и да се забавуваат (замислете како би ви било вам кога по завршувањето на осумчасовниот работен ден ќе имате дополнителни два-три часа други закажани и организирани активности).


Однос кон училиштето и училишните постигнувања

Прекинете ги приватните часови и речете им да одат на дополнителна настава на училиште. На секој од нас некогаш му била потребна помош со учењето, но подобро е оваа помош да доаѓа од страна на родителите, наставниците или другарите/другарките што знаат повеќе. Ако детето научи да се потпира на приватните часови, ќе стане незаинтересирано да учествува во наставата (бидејќи ќе знае дека ќе има уште една прилика да го чуе истото што се предава на школо), и да вложува самостоен труд во разбирањето на материјата од учебниците, забелешките во тетратките и сл. Дополнителната настава е бесплатна и задолжителна за учениците кои ги праќаме на овој вид настава или за тие што сами сакаат да научат нешто дополнително.

Радувајте се на оцените, какви и да се. Ако е подобра од претходната – пофалете ги умерено и без награди од друг вид. Не им ги „плаќајте“ петките и не им го „наградувајте“ успехот со пари и подароци. Радувајте се и пофалете ги за сè што научиле. Кога ќе добијат пониска оцена, кажете им дека „секој што паднал може и да стане“, порачајте им дека неуспехот е само еден чекор во учењето што ќе го совлада со вложен труд. Немојте да им се лутите нити ним нити на наставниците, кога не се успешни – обидете се тоа да го доживеете како природен процес на учење, бидејќи сега барем знаете што ученикот знае, а со што има потешкотии. Консултирајте се со вашето дете и со наставникот, за да дознаете што не знае или не разбира. Проверете дали дома учи/работи или се занимава со нешто друго. Научете ги дека не е срамота да не знаеш, сè додека се обидуваш да научиш. Доколку се плашат да се соочат со проблемот, потрудете се да им укажете дека ќе успеат да научат, чекор по чекор и дека не постои причина за страв. Изразете ги своите загрижувања пред наставникот кога ученикот по извесен период после лошиот резултат на контролниот тест, не успеал да ја поправи оцената.

Ве замолувам, немојте да ги „окупирате“ вратите од училиштата на крајот од школската година, бидејќи тогаш е веќе доцна да се дејствува на вистински начин, а при тоа на децата и на наставниците им испраќате лоша порака – дека важна ви е само оцената, а не тоа што е во нејзината основа. Доаѓајте еднаш на два месеца, дури и ако е сè во ред со успехот на детето.

Ве замолувам да не ги санирате кризните ситуации „само овој пат“, бидејќи нас следната криза нè чека зад аголот. Ова се однесува на оправдување на отсуствата кои во суштина се неоправдани, на пример, утредента имаме важен контролен тест за кој детето не е подготвено, а сте платиле голем број итни приватни часови, па детето било стресно и не спиело доволно и сл. „Бркајте“ ги в кревет пред полноќ, дури и ако утредента имаат важна контролна, бидејќи поважно ви е да ги научите дека повеќе сакате да бидат добри организатори на своето време, отколку да добијат добра оцена и дека нема да толерирате да бидат ненаспани заради лоша организација на времето.

Секој ден разговарајте што им се случува, како им е на училиште. Доколку низ разговорот дознаете нешто непријатно, контролирајте ја својата реакција и бидете смирени, бидејќи наредниот пат нема ништо да дознаете од своето дете. Повремено кажувајте им дека верувате во нивните капацитети да постигнат повеќе доколку се потрудат, односно нагласувајте им дека трудот (или тоа на кое можат да влијаат) е многу поважен од способностите (тоа на коешто можат да влијаат во незначителна мера). Не им зборувајте дека се генијални и препаметни, но и дека се глупави и неспособни – децата кои ги слушаат ваквите реченици од своите родители и од околината ќе мислат дека не мора да вложуваат труд, во едниот случај, или дека не можат да си помогнат себеси заради недостаток од способности, во другиот случај.

Важно е вашите деца да имаат позитивен однос кон училиштето и наставниците. Според тоа, не им зборувајте дека наставниците се „неспособни и глупави неработници“, но и дека секогаш се во право. Не треба на децата да им поттикнувате црно-бела слика за луѓето, особено не за наставниците, бидејќи во едниот случај нема да сакаат да учат и да бидат како тие луѓе, а во другиот случај вам ќе ве доживеат како некој кој секогаш е на страната на возрасните. И наставниците се луѓе како сите други и понекогаш грешат, но вашите деца во животот многупати ќе се среќаваат со возрасни кои грешат, и тоа ќе биде дел од нивното растење.

Ако имате дилема во врска со квалитетот на наставата, дојдете на училиште и замолете да ви дозволат да присуствувате на часот, договорете се со наставникот како да го изведете тоа дискретно и паметно (можете и да се вклучите во работата на некоја тема) – нема да ве одбијат!


За крај – за наставниците:

Доколку родителите не можат да ги задоволат егзистенцијалните потреби и потребите за сигурност на своето семејство (кров над глава, храна, вода, електрична енергија, чиста и соодветна облека, безбедност од злоупотреби), тогаш навистина не можеме од родителите да очекуваме на овој начин да им помогнат во образованието на своите деца. Нашата улога е да им обезбедиме сè што можеме во текот на наставата, но и да побараме вклучување на други институции да им помогнат на детето и неговото семејство.          

Авторски текст на една наставничка од Србија, објавен на следниов линк.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование