X
 17.01.2018 Култура

Почна одбројувањето до испраќањето човек на Марс


Луѓе на Марс -
(Фото: Thinkstock)


Оваа година Земјата и Марс ќе бидат најблиску една до друга. Истото ќе се повтори дури по 15 години. Ќе бидеме ли подготвени дотогаш да испратиме човечки екипаж на Марс?

Почна одбројувањето до испраќање луѓе на Марс, но што сè ќе биде потребно, што веќе е испланирано и дали навистина ќе бидеме подготвени? 2018 ќе биде одлична година за патување, пишува „Гардијан“.

Толку блиску, а сепак толку далеку


Во јули Земјата и Марс ќе бидат најблиску во последните 15 години. Марс ќе се најде во точката на својата елиптична орбита која е најблиску до Сонцето, додека Земјата симултано ќе помине меѓу Марс и Сонцето.

Планетите меѓусебно ќе бидат оддалечени 56 милиони километри, што е огромна оддалеченост по земски стандарди, но скромна од перспектива на меѓупланетарни патувања. Теоретски, патување во еден правец кон Марс во тоа време би траело малку повеќе од 200 дена (додека вообичаената должина би била 250 дена).

За жал, сè уште не сме подготвени да испратиме луѓе на Марс годинава, но во последно време постигнат е значаен напредок со роверите и роботите. Сепак, треба уште доста да се научи за безбедното испраќање луѓе на Марс, но часот веќе отчукува.

Кога за 15 години Земјата и Марс повторно ќе бидат толку блиску, НАСА има намера да ја лансира првата мисија на Марс со човечки екипаж. „Спејс икс“ има уште поамбициозен план за тоа – 2024 година.

Прашањето е: дали ќе бидеме подготвени? Ако оставиме човечки отпечаток на Марс во следните 15 години, ќе мора да совладаме три предизвици: ракетите, вознемиреноста и радијацијата. Еве краток преглед на овие главни лоцирани проблеми, како и планови како да се разрешат.

Ракети

Што е проблемот? Испраќањето луѓе на Марс чини многу. Со денешната технологија цената на мисијата со вклучен повраток би чинела меѓу 100 и 500 милијарди долари. Единствен начин да се намалат овие трошоци е да се направат ракети што ќе можат повеќекратно да се користат.

Дале е можно тоа? „Спејс икс“ верува дека е можно. Оттаму веќе демонстрираа лансирање и слетување на ракетата „Фалкон 9“, а за оваа година го планираат и првиот пробен лет на ракетата „Фалкон хеви“. Ако сè биде успешно, тоа ќе биде значаен чекор за демонстрирање на способностите на „Спејс икс“ за испраќање вселенско летало надвор од Земјината орбита.

Што е следно? „Спејс икс“ планира со текот на времето да ја замени целата своја флота со една ракета – „БФР“, која би можела да носи 100 луѓе и товар од 150.000 килограми. Повеќето делови од ракетата би можеле повторно да се употребуваат, што значително би ги намалило трошоците.

Ќе бидеме ли подготвени за 15 години?


Се планираат две товарни мисии на БФР за 2022 година, додека во 2024 година би требало да изведат уште два товарни лета, како и два лета со екипажи. Постојат добри шанси „Спејс икс“ за 15 години, ако не и порано, да поседува ракета подготвена за патување до Марс, по прифатлива цена.

Вознемиреност

Што е проблемот? Патувањето до Марс би можело да биде многу досадно. Факт е дека долгите периоди без стимулација и загледувањето во бесконечната темна празнина од вселената можат да доведат до појава на депресија и недостиг на концентрација. Иако астронаутите поминуваат низ интензивни психолошки тестови, ниту една вселенска мисија досега не претставувала толку голем предизвик во однос на разбивање на досадата како летањето до Марс.

Што може да се направи по тоа прашање? Многу работи можеме да ги научиме уште на Земјата. Пример за тоа е проектот „Хај-сиз“ на Хаваите, кој почна пред пет години. Во овој проект групата „астронаути‘ се држат во изолација до осум месеци.

Само работа без никаква забава? Илон Маск верува дека на луѓето што навистина сакаат да одат на Марс, патувањето ќе им биде забавно. Затоа планира да обезбеди игри во нулта гравитација, филмови, предавања и ресторани за екипажот на БФР. Тој верува дека патниците „одлично ќе се забавуваат“.

Ќе бидеме ли подготвени за 15 години? Не може со сигурност да се потврди тоа додека не се случи. Сепак, постојат позитивни знаци.

Радијација

Што е проблемот? Опасното вселенско и соларно зрачење може да предизвика проблеми со видот, деменција и рак. Патувањето до Марс во еден правец ќе ги изложи астронаутите на радијација 15 пати поголема од дозволениот годишен лимит на вработените во нуклеарните електрани.

Како би можеле да се заштитат астронаутите? Постојат разни видови штитови, но радиоактивните зраци со голема сила лесно ги пробиваат. Дополнително, штитовите ја зголемуваат масата, што ја зголемува потрошувачката на гориво, а тоа ја зголемува и вкупната цена на чинење на мисијата.

Тогаш, како може да се реши тоа? Следните десет години истражувањата на оваа тематика ќе бидат приоритет. Податоците од Меѓународната вселенска станица, научните лаборатории на Марс, па дури и „Војаџер 1“ веќе помагаат во создавањето целосна слика за „вселенските временски услови“, што би можело да помогне за подобро планирање и темпирање на мисиите.

Што ќе се случува во 2018? Во мај НАСА ќе го лансира долгоочекуваното вселенско летало „Марс инсајт“, кое би требало да слета на крајот од ноември. Негова примарна мисија ќе биде да ја мапира сеизмичката активност на Марс, но магнометарот на лендерот ќе го проучува однесувањето на зрачењето од соларниот ветер на површината на Марс.

На крајот, најверојатно сè се сведува на тоа дека треба до Марс да се дојде што побрзо, затоа што така се минимизира времето на изложување на вселенското зрачење. Тоа би значело дека се потребни побрзи ракети.

Ќе бидеме ли подготвени за 15 години? Не се знае. Радијацијата без сомнеж претставува најголема закана. Јасно, предизвиците за испраќање луѓе на Марс се огромни, но истото се однесува и на условите, па дефинитивно постои можност дека за 15 години ќе можеме да го видиме и првиот човек на Марс.

Како што еднаш истакна Илон Маск: „Сметам дека иднината е значително поинтересна и повозбудлива ако станеме цивилизација која ќе патува низ вселената и вид кој ќе живее на повеќе планети“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура