X
 10.02.2018 Култура

The Chicks: Македонија ни е отскочна штица од која земаме залет

Чувствувавме потреба да создадеме бенд кој во својата оригиналност би имал доминантно женска енергија и кој преку музиката ќе ѝ овозможи уживање на публиката во една сосема нова димензија, која дотогаш ја немаше на македонската сцена

Талентирани, модерни, свежи – тоа се трите девојки од музичкиот состав The Chicks. Речиси секој трет одговор на нашиот повик за предлози за интересни приказни и личности од Велес беше токму за промоција на Девојките. Факултети.мк ги послуша и не погреши. Вчера тие беа наши гостинки и за нашите читатели изведоа неколку песни. Ви ги претставуваме трите вокалистки Моника Ѓорѓиева (гитара), Наталија Мејанџиева (гитара) и Сандра Јорданова (перкусии), кои заедно музицираат една и пол година.



За Факултети.мк велат
:
- Преку викенди сме The Chicks, свириме, пееме и пренесуваме убава енергија, а преку недела си работиме други професии (нешто слично како Супермен, хаха). Музиката е причината поради која сме заедно. Професиите ни се точно погодени според карактерот на секоја од нас – вели Наталија, која е економист и работи во секторот за човечки ресурси. Моника е докторка, а Сандра работи во адвокатска канцеларија.
И тие не го криеја задоволството што ги повикавме да бидат наши гости во серијалот посветен на градот Велес.



- Многу ни е драго што нѐ повикавте да се претставиме на вашиот портал. Нашето формирање беше резултат на потребата од бенд кој во својата оригиналност би имал доминантно женска енергија и кој преку музиката топло ќе ја разбуди уметничката душа на луѓето и ќе им овозможи уживање во една сосема нова димензија, која дотогаш ја немаше на македонската сцена. Да, ние се знаеме и од претходно, но бендот и настапите заедно создадоа цврста пријателска, па дури можам да речам и сестринска врска помеѓу нас трите – вели Ѓорѓиева.

Наталија Мејанџиева, Сандра Јованова и Моника Ѓорѓиева (од лево кон десно)

Тие главно настапуваат со кавери на познати светски песни, но имаат и своја нова песна - „Боите на љубовта“ со која настапија на фестивалот „Макфест“, каде што беа прогласени за најдобри дебитанти.
- Учеството на „Макфест“ дополнително нѐ мотивира да бидеме отворени за да создаваме музика со позитивна вибрација. Сега за сега тоа ни е најбитно. Сакаме да оставиме позитивно светло на македонската музичка сцена, на луѓето, и генерално да бидеме извор и емитер на позитивна енергија. Правецот музички сѐ уште не сме го дефинирале, но поп-рок стилот ни е некако најсроден на сите три. Македонија ни е отскочна штица од која земаме залет и пуштаме да нѐ води текот на нештата – вели Јорданова.

Се радуваат на поддршката што ја имаат од своите сограѓани

- Велешани се нашата најголема поддршка и премногу се израдувавме кога дознавме дека сме еден од најпосочените „брендови“ во градот. Нашите настапи се распространети низ цела Македонија. Настапите ги објавуваме тековно на официјалната фејсбук-страница на Тhe Chicks - Девојките (https://www.facebook.com/thechickss/), каде што нашите пријатели можат да се информираат за нив – додава Моника.



Љубовта кон музиката и енергијата што ја пренесуваат им се најважни на трите девојки.
- Знаеме која музика нѐ исполнува и се стремиме да му го пренесеме тоа чувство на секој што нѐ слуша. Сме процениле дека луѓето што присуствуваат на нашите настапи се пронаоѓаат во овој поп-рок стил со композиции од широк спектар. Се трудиме во нашите изведби во голем дел да биде застапена и македонската музика и на таков начин ја промовираме и ги оживуваме веќе постојните, некогаш и подзаборавени македонски композиции. Во македонската музика постојат многу квалитетни композиции што заслужуваат да бидат застапени во изведбата на секој музички бенд – категорична е Наталија.



Посебен шмек на составот му дава фактот што освен што пеат, и свират на музички инструменти.
- Нашето музичко образование е процес кој сѐ уште трае и ќе продолжи затоа што, како и во секоја друга област, постојаната надградба е клучна за успехот. Една голема благодарност упатуваме до маестро Горан Диновски, кој несебично ги споделува своите сознанија околу техниката на пеење со нас и кој успеа да ни создаде една поинаква перцепција за пеењето, творештвото и самата музика воопшто, за таа да не се сведе само на техничко изведување, туку да има и посебна духовна компонента – вели Моника.


Сите три се посебна приказна во однос на афинитетот кон одредени стилови музика. Ја издвојуваат Џос Стоун, која им е заедничка љубов на трите. Ги импресионира нејзината музика и соработките што ги снима со многу уметници.
- Од македонската сцена особено ја почитуваме музиката на „Архангел“, „Фолтин“, Тоше Проески, Каролина Гочева, Влатко Стефановски, браќата Тавитјан и многу млади и надежни артисти на кои допрва им доаѓа времето – нагласува Сандра.
Периодов The Chicks подготвуваат нова авторска песна, како и кавер на странска песна во соработка со друга музичка група. Се подготвуваат и за џез-проект, за кој сѐ уште не сакаат да откријат детали.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура