X
 22.03.2018 Технологија

Марк Закерберг ги најави промените што ќе следуваат на „Фејсбук“

zakerberg

На својот фејсбук-профил Закерберг конечно се изјасни за скандалот со кражбата на личните податоци во кој е вклучена неговата компанија „Фејсбук“:

„Сакам да споделам ажурирање на ситуацијата со „Кембриџ Аналитика“ - вклучувајќи ги чекорите што веќе ги презедовме и нашите следни чекори за решавање на ова важно прашање.

Имаме одговорност да ги заштитиме вашите податоци, и ако не можеме, тогаш не заслужуваме да ви служиме. Долго работев за да разберам што точно се случило и да се осигурам дека ова нема да се случи повторно. Добрите вести се дека најважните акции за спречување на ова да се повтори сме ги направиле пред неколку години. Но имаме направено грешки, треба да се направат уште повеќе работи, и ние треба да го направиме тоа.

Еве ја временската линија на настаните:

Во 2007 година ја лансиравме фејсбук-платформата со визија дека повеќе апликации треба да бидат социјални. Вашиот календар треба да биде во можност да ги прикажува родендените на вашите пријатели, мапите треба да ви покажуваат каде живеат вашите пријатели, а вашиот адресар треба да ви ги кажува нивните слики. За да го направиме ова, ние овозможивме луѓето да се логираат на апликациите и да споделат кои се нивните пријатели, како и некои дополнителни информации за нив.

Во 2013 година истражувачот Александр Коган од Универзитетот „Кембриџ“ создаде апликација за квиз на личноста. Апликацијата беше инсталирана од 300.000 луѓе кои ги споделија своите податоци, како и податоци од нивните пријатели. Со оглед на начинот на кој нашата платформа работеше во тоа време, ова значи дека Коган можел да пристапи до десетици милиони податоци од нивните пријатели.

Во 2014 година, за да се спречат злоупотребливи апликации, најавивме дека ја менуваме целата платформа со драматично ограничување на пристапот до податоци. Што е најважно, апликациите како таа на Коган повеќе не можеа да бараат податоци за пријатели на личноста, освен ако нивните пријатели не ја одобриле апликацијата. Исто така, од програмерите баравме да добијат одобрение од нас пред да можат да побараат какви било чувствителни податоци од луѓето. Овие акции беа со цел да спречат апликации како таа на Коган - да не можат да пристапат до толку многу податоци.

Во 2015 година од новинарите на „Гардијан“ откривме дека Коган ги споделил податоците од неговата апликација со „Кембриџ Аналитика“. Против нашата политика е девелоперите да споделуваат податоци без согласност на луѓето, така што веднаш ја забранивме апликацијата на Коган и побаравме од него и од „Кембриџ Аналитика“ да потврдат дека ги избришале несоодветно стекнатите податоци. Тие ги обезбедија бараните сертификати.

Минатата недела од „Гардијан“, „Њујорк тајмс“ и „Канал 4“ дознавме дека „Кембриџ Аналитика“ не ги избришала податоците. Веднаш им забранивме пристап до која било од нашите услуги. Од „Кембриџ Аналитика“ ни тврдеа дека веќе ги избришале податоците и се согласија на форензичка ревизија од фирма што ја изнајмивме за да го потврдиме ова. Се работи и со регулатори кои истражуваат што се случило.

Ова беше прекршување на довербата помеѓу Клоган, „Кембриџ Аналитика“ и „Фејсбук“. Но беше и прекршување на довербата помеѓу „Фејсбук“ и луѓето што ги споделиле своите податоци со нас и очекуваат од нас да ги заштитиме. Треба да го поправиме ова.

Во овој случај, веќе презедовме важни чекори пред неколку години, во 2014 година, за да спречиме трети странки да добијат пристап до информациите на луѓето на ваков начин. Но потребно е да направиме повеќе. Во неколку чекори ќе објаснам што ќе направиме:

Прво, ќе ги испитаме сите апликации што имале пристап до големи количини информации пред да ја смениме нашата платформа за драматично намалување на пристапот до податоци во 2014 година, и ќе спроведеме целосна ревизија на која било апликација со сомнителна активност. Ќе му забраниме пристап на нашата платформа на кој било девелопер што не се согласува со нашата темелна ревизија. Ако пронајдеме девелопери кои злоупотребиле лични информации, ќе им забраниме пристап и ќе им кажеме на сите погодени од тие апликации. Ова ги вклучува луѓето чии податоци Коган ги злоупотребил.

Второ, ќе им го ограничиме пристапот до податоците на девелоперите за да спречиме други видови злоупотреби. На пример, ќе го отстраниме пристапот на девелоперите до вашите податоци, ако не сте ја искористиле нивната апликација во период од 3 месеци. Ќе ги намалиме податоците што ги давате на апликациите кога се логирате - ќе се бара само вашето име, фотографија на профилот и е-адреса. Ќе бараме од девелоперите не само да добијат одобрение, туку и да потпишат договор со кој ќе прашуваат за пристап до постовите на корисниците или приватните податоци. И ќе имаме повеќе промени за споделување во наредните неколку дена.

Трето, сакаме да бидеме сигурни дека разбирате кои апликации сте дозволиле да пристапат до вашите податоци. Во наредниот месец ќе им покажеме на сите алатка на горниот дел од „Њуз фид“, со апликациите што сте ги користеле и лесен начин за откажување на вашата дозвола за овие апликации да ги имаат вашите податоци.

Освен чекорите што веќе ги презедовме во 2014 година, верувам дека ова се следните чекори што мораме да ги преземеме за да продолжиме да ја обезбедуваме нашата платформа.

Го започнав „Фејсбук“ и одговорен сум за она што се случува на нашата платформа. Сериозен сум за она што е потребно за да ја заштитиме нашата заедница. Додека овој специфичен проблем ја вклучува „Кембриџ Аналитика“, повеќе не смее да се случи, тоа не го менува она што се случило во минатото. Ќе научиме од ова искуство за понатамошно обезбедување на нашата платформа и ќе ја направиме нашата заедница побезбедна за сите што напредуваат.

Сакам да ви се заблагодарам на сите што продолжувате да верувате во нашата мисија. Работиме заедно за градење на оваа заедница. Знам дека е потребно подолго време за поправање на проблемите, но ви ветувам дека ќе работиме и ќе изградиме долгорочна добра услуга“.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија