X
 23.03.2018 Живот

Тајното овошје на Канада

вишни

Како турист што првпат ја посетил западната канадска покраина Регина во Саскачеван, не знаев дека е возможно вишната праира да расте во овој регион, каде што температурите може да паднат до -40 степени, додека сушата може да трае со месеци во текот на летото. Мислев дека во вакви екстремности земјоделците немаат многу избор.

„Вишната праира е разновидност на овошје по кое сме познати во Саскачеван. Тука се одгледуваат на секој чекор“, ми рече еден жител.

Овие вишни отсекогаш биле кулинарски производ. Украсните цутови и сјајните лисја на дрвјата создаваат прекрасно црвено овошје што зрее од крајот на јули до почетокот на август. Тие се покисели од традиционалните слатки цреши и можат да се јадат директно од дрвото.

Една причина за нивната популарност може да им се припише на имигрантските заедници во регионот кои често ги вметнуваат во нивната исхрана, вели Боб Борс, доцент и научник за растенија на Универзитетот во Саскачеван.

„Луѓето што најмногу ги сакаат се од Источна Европа и се населиле тука. Воодушевени се што тука можат да пронајдат вишни.

„Многу луѓе не знаат што се вишните. Во првите години, кога го промовирав ова овошје тука, морав да носам примероци пред луѓето да започнат да ги одгледуваат, бидејќи не веруваа дека е возможно“, вели тој.

Но повеќе не е така. Во последниве години ова овошје стана присутно на менијата низ целата провинција поради шеќерите што ги содржи, моќните антиоксиданти и издржливоста. За разлика од другите сорти, вишните го одржуваат својот интензивен вкус и боја, дури и кога се готват на висока температура. Локалните жители велат дека вишната има и лековити својства и помага при воспаление. Регионалните готвачи ги ставаат во сè, од колачиња до пити и сладолед, а рестораните го ставаат нивниот сок во вино, пиво, па и во виски.

Започнувајќи од крајот на 60-тите години, професорите и техничарите за растенија на универзитетот започнале да ги одгледуваат вишните од семки што успеале да ги соберат од сибирската ботаничка градина во Русија. Со оглед на тоа што научниците сметале дека нема да ја преживеат зимата, воопшто не се труделе со вкрстување на други сорти.

„Вишните не беа успешни, освен едно дрво“, вели Рик Саватцки, истражувачки техничар на универзитетот. Меѓутоа, тоа се променило.

Непознат за повеќето од земјоделците во таа област, д-р Лес Кер, вработен во локалната влада, приватно одгледувал вишни уште од 40-тите, со цел да го подобри нивниот квалитет.

„Неговите први вкрстувања не резултираа со квалитет. Меѓутоа, тој направи многу важен чекор“, вели Саватцки.

По неколку генерации, неговите растенија се подобрија до комерцијален квалитет. Меѓутоа, Кер ги држел во тајност своите растенија сметајќи дека ако неговите претпоставени дознаеле за работата, веднаш ќе го спречеле.

На крајот, немал друг избор и морал да го сподели својот успех. Во 1983 година, пред неговата смрт, тој поканил неколку луѓе во болницата каде што лежел за да им даде детали за неговата работа.

Пред ова откритие, универзитетот повеќе не се занимавал со програмата за одгледување вишни. Меѓутоа, со наследството на Кер, заедно со дополнителна финансиска донација за истражување, учениците успеале да продолжат онаму каде што Кер застанал. Тие растенија не само што живеат и ден-денес, туку и продолжуваат да ги инспирираат земјоделците, така што голем дел од нив имаат создадено цели бизниси.

„Тој имаше визија. Тој е човекот со визијата, а ние сме само техничари што работат на неа“, вели Саватцки.

Автор: Рајан Мекдоналд
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот