Професорката Анка Трајковска Петкоска, академски кадар од УКЛО добитник е на високото признание - Едукатор во технологијата на годината. Одликувањето неодамна и го додели претседателката Гордана Сиљановска - Давкова, покровителка на церемонијата, во организација на Women in Tech Македонија, во соработка со Министерството за дигитална трансформација.
Вработена на Технолошко – техничкиот факултет – Велес, проф. д-р Анка Трајковска Петкоска припаѓа на оние ретки професионалци што знаењето не го задржуваат за себе, туку го претвораат во влијание — во лабораторија, во индустрија, во училница и меѓу младите луѓе што допрва го бараат својот пат. Докторските студии ги завршува на Универзитетот во Рочестер, Њујорк. И покрај можностите да ја продолжи кариерата во странство, се враќа во Македонија — со убедување дека знаењето и искуството треба да се вложат таму каде што можат да создадат нова вредност и каде се попотребни.
Таа е научник, професорка, инженер и истражувач со меѓународна кариера што се протега низ Европа, Америка, Азија, Африка и Австралија и со години ја гради својата професионална мисија низ пресекот помеѓу едукацијата, науката, технологијата и реалната примена на знаењето.
Нејзиниот научен пат опфаќа повеќе од 100 научни трудови, 6 книги, 20 поглавја во книги и учество во бројни меѓународни проекти од областа на зелените технологии, одржливите материјали и современото хемиско инженерство. Еден од најзначајните резултати од нејзината долгогодишна работа е патентот издаден во САД за иновативен природен третман за заштита на кожата од т.н. blue light pollution — тема што станува сè поважна во современиот дигитален свет.
Во време кога многумина заминуваат, ваквите приказни потсетуваат дека вистинскиот успех не се мери само со лични достигнувања — туку и со тоа колку луѓе си инспирирал да продолжат понатаму. Професорката Анка Трајковска Петкоска е токму таков пример. Таа нагласува дека достигнувањето е во создавање нови генерации млади луѓе што ќе бидат подобри, похрабри и поподготвени за иднината. Нејзината работа со студенти, млад истражувачки кадар и соработници е дел од нејзината најголема лична гордост. За неа, науката нема вредност ако не успее да се претвори во нешто корисно, применливо и достапно за луѓето, или, како што посочува и самата - да се вратиш дома, да создаваш тука и да веруваш дека младите заслужуваат време, простор, доверба и иднина во сопствената земја. Најдобра награда во животот е шансата да работите на нешто што го сакате и е вредно за работа, но истовремено - некој да верува или го поддржува тоа.
Во тој дух беше и нејзината порака при доделувањето на наградата, кога истакна дека ја прифаќа не како триумф за добро завршено дело, туку како поттик да биде подобра верзија од вчера. Во таа мисла се содржани и нејзината скромност и нејзината посветеност на постојан напредок – вредности што ги пренесува на генерациите кои ги образува и инспирира.
Особено значајна е и нејзината улога во поврзувањето на македонската академска средина со светот. На нејзина иницијатива, во Македонија гостуваше нобеловецот проф. д-р Дан Шехтман, со што беа отворени нови академски и меѓународни перспективи за младите генерации и научната заедница на УКЛО и во земјата. Денес, покрај ангажманот во Македонија, проф. д-р Анка Трајковска Петкоска е и надворешен професор на Универзитетот Кореја во Сеул — еден од најпрестижните универзитети во Јужна Кореја што е уште една потврда за нејзината меѓународна препознатливост и научен кредибилитет.
Од богатата професионална биографија на професорката Анка Трајковска Петкоска, можеби најсилен впечаток покрај наградите и признанијата, оставаат вредностите што ги живее. Вербата дека младите треба да добијат шанса. Дека знаењето е најголемиот капитал и дека успехот ја добива својата вистинска смисла само кога се споделува со другите. „Секој што престанал да учи е стар. Оној што постојано учи — останува млад“.
Во време кога често зборуваме за одлив на таленти и недостаток на перспектива, ваквите размислувања, пораки и доделени признанија се силен и вреден потсетник за трудот, посветеноста, вербата и изборот во животот. Токму такво е влијанието на професорката Анка Трајковска Петкоска – во знаењето што го создава, во луѓето што ги инспирира и во вредностите што ги негува и споделува, охрабрувајќи ги другите да растат и да напредуваат.
(Комерцијална објава)