Марија Стоилковска, и покрај тоа што живее со целосно оштетен вид, испиша историја во македонскиот образовен систем откако дипломира на Факултетот за правни и политички науки на АУЕ-ФОН, на насока политички науки, а дипломскиот труд го одбрани учејќи од аудиоверзија.
„Марија покажа што значи да се чекори храбро и достоинствено, без отстапување. Твојата сила е инспирација за сите нас! Честитки за дипломскиот труд, твојата приказна нека биде пример за тоа што значи да се сонува храбро и да се оди напред со цврста волја и јасна цел“, објави Универзитетот.
- За мене и за моето семејство, ова значи награда за вложеното во сите изминати години. А за овој успех ми беше потребна поддршка од семејството, од околината, морав да прикажам голема истрајност, борба, активност и капацитет на учење со разбирање - ги сподели Марија првите импресии за Факултети.мк.
Марија често слушала вести и контактни емисии во кои се јавувале граѓани за да ги кажат своите проблеми. Откако го слушнала гласот на народот, посакала да им се посвети на политичките науки надевајќи се дека така ќе може да направи барем мала промена за подобар живот на граѓаните.
- Верувам дека преку политиката како наука може да се подобрат условите и инклузивниот пристап за лицата со оштетен вид. Оптимист сум дека може да има промени - вели Марија.
Нејзината енергија за учење зрачи уште од предучилишна возраст, кога првпат се впуштила во непознатото - непознат простор, нови другарчиња, нови наставници. Сето ова брзо го надминала благодарение на наставничката, која ја подучувала со монтесори-педагогија создавајќи и услови и можност слободно и целосно да ги развие своите потенцијали.
Во текот на основното и средното училиште Марија се соочила со аномалиите на образовниот систем, кој не е подготвен за ученици со оштетен вид.
- Нема книги на Брајово писмо, нема Брајови таблети, а бидејќи сум дијабетичар, не можам да пишувам. Морав да ги снимам во аудиоверзија сите лекции со помош на мојот асистент. И дипломската ја снимив и така ја одбранив. Имав одлично помагало од Германија - специјални очила со камера која чита цени, производи, имиња, забележува и меморира сѐ што се повторува. Одреден период одев на настава со физичко присуство, но поради пандемијата, моравме да се префрлиме на онлајн предавања - истакна Стоилковска.
Токму при онлајн наставата Марија ја добива најголемата помош од асистентката Марија Груевска.
- Марија многу ми помага. Секој ден одиме во продавница, излегуваме на прошетки надвор, правиме десерти, се дружиме, гледаме телевизија. На факултет ме придружуваше кога посетувавме настава со физичко присуство, а кога бевме онлајн, ги снимаше предавањата со дозвола на професорот. Марија ми ја напиша дипломската, ми помогна, ја сними, јас ја ислушав, отидовме на дипломска и положивме - сподели Стоилковска.
Марија Груевска работи со Стоилковска од средно училиште, поточно од четврта година. Вели дека прават буквално сѐ заедно, во сите аспекти на животот каде што сметаат дека има потреба да се асистира.
- Секој има индивидуални потреби. Со Марија си правиме неделен план со активности и извештај подоцна што е сработено од тоа. Со неа почнав да работам од четврта година средно училиште. Ја правевме заедно и проектната за матура. Почнавме со основни активности како излегување надвор, кафе, пешачење, односно социјализација. Потоа почнавме да учиме материјал на факултет, јас ги снимам лекциите, а таа ги слуша. Некогаш Марија има потреба од помош во секојдневните обврски како шминкање, фризури. Но, таа научи сама да прави кафе, а заедно правиме десерти и набавуваме намирници. Некогаш и бришеме прашина заедно - ни откри Груевска.
Како асистент и едукатор на лице со оштетен вид, таа сподели како Марија Стоилковска се справува со обврските надвор од образованието, како што е одењето на лекар или посета на институција со оглед на тоа дека нашиот систем нема инклузивни услови за овие лица.
- Првиот ден кога појдовме на факултет, ни рекоа дека не знаат како да се однесуваат со Марија, како да се поздрават. Тие немале дотогаш таков пример и таа е прво лице со оштетен вид што дипломира на ФОН. Друг пример е посетата на стоматолог. Нејзиниот матичен стоматолог беше на одмор и неговата замена не сфати дека Марија е лице со оштетен вид. Нејзината оштетеност не е толку видлива и не го забележале стапчето што го носи. Сепак, ние чекавме во ред и покрај нејзините силни болки. Кога видоа дека се работи за лице со оштетен вид, не прашаа зошто не сме кажале. Пристапот на лекарите е добар, но нема пристапни ходници и скалила наменети за овие лица, па добро би било тоа да се подобри - откри асистентката Марија.
Штотуку дипломираниот политиколог засега нема понуда за вработување, но очекува.
- Јас имам и план Б, имам и струка физиотерапевт и масер, па можам да го работам и тоа - рече Стоилковска, а нејзината асистентка ја прекина и додаде:
- Марија е патриот, си ја сака државата, сака да живее тука и да се бори за подобро утре.
Фото: приватна архива