X
 18.09.2020 Живот

Иселете се од градот и ќе добиете 20.000 долари, но и помала плата - дали би прифатиле ваков предлог од работодавецот?

Една од многуте последици на пандемијата е промената на начинот на кој работиме, особено на местото за работа. Изминатите месеци покажаа дека за ефикасна и продуктивна работа не е потребно да седите во канцеларија, туку можете да работите од вашиот дом или од кое било друго оддалечено место.

Освен на вработените, оваа промена може да им се допадне и на многу компании бидејќи така се отвораат нови можности - од заштеда до пристап до поголем број потенцијални вработени кои повеќе не мора да живеат на местото каде што се наоѓаат канцелариите, односно не мора да се преселат таму. Со помалку вработени во канцелариите, трошоците за изнајмување се намалуваат, што е особено важно за компаниите кои имаат седиште во најскапите градови за живеење.

Една од таквите компании е и американската „Страјп“, чии канцеларии се наоѓаат во Сан Франциско, Њујорк и Сиетл, кои се најскапите места за живеење во САД во однос на цените за изнајмување и услуги, па шефовите на компанијата им дадоа интересен предлог на вработените - доколку се иселат во друг град, ќе добијат еднократна исплата од 20.000 долари. Но, постои и една отежнувачка околност, а тоа е дека со преселување во друг град во кој животот е поевтин нивната основна месечна плата треба да се намали до 10 отсто.

работа
Фото: Freepik

Ова намалување на платата не би требало многу да им влијае на вработените, особено не на оние што имаат намера да работат од дома затоа што освен фактот дека нивните трошоци за живот ќе бидат пониски во споредба со Сан Франциско и Њујорк, нема да мораат да плаќаат за гориво или за услуги за јавен превоз доколку работат од дома. Неколку технолошки компании размислуваат за сличен потег што ќе им овозможи на вработените да работат од помалите градови и од дома, но нивната заработка не би била иста како да останат да работат во канцеларија во Сан Франциско.

Ќе биде интересно да се види колку вработени ќе се согласат на ваков договор со „Страјп“, а некои претходни истражувања покажуваат дека бројот на вработени што сакаат да ги намалат приходите во случај на преселување е поголем од 40 отсто. Според едно истражување, 49 отсто од речиси 6.000 испитаници сметаат дека ако ја работат истата работа и приходите треба да бидат исти, без оглед на местото на работа, додека 44 отсто од нив би прифатиле компромис за преселување во друг град каде што трошоците за живот се пониски во замена за помала плата.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото:
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот