X
 19.06.2021 Живот

Прирачник за разбивање кодови од времето на Студената војна содржи лекции за „невозможни“ загатки

Агенцијата за национална безбедност на САД, која е главна организација за разузнавање во земјата, неодамна декласифицирале документ од Студената војна за разбивање кодови.

Книгата од 1977 година, напишана од криптологот Ламбро Калимахос, е последна во трилогијата наречена „Воена криптоаналитика“. Таа е прилично значајна во историјата на криптографијата со оглед на тоа што објаснува како да се разбијат секакви видови кодови, вклучувајќи и воени кодови или загатки.

Првите два дела од трилогијата биле објавени во 80-тите години и опфаќале решавање на познати типови класични шифри.

Но, во 1992 година министерството за правда на САД тврдело дека објавувањето на третата книга може да ѝ наштети на националната безбедност со откривање на мајсторството за разбивање кодови. Но, книгата конечно беше објавена во декември минатата година.

Клучен дел од книгата на Калимахос е поглавјето наречено „Принципи на криптодијагноза“, кое опишува систематски пристап во три чекори за решавање шифрирана порака користејќи непознат метод.

Агенцијата за разузнавање може да пресретне илјадници шифрирани пораки од одредена земја која е цел, но во тој случај тие веќе го знаат методот. Но, ако наиде на нешто ново, прво ќе мора да го сфатат методот на криптирање или ќе ризикуваат да изгубат време.

Како што детално пишува Калимахос, разбивачот на кодови мора да почне со сите неопходни податоци. Ова вклучува шифриран текст (кој ја крие вистинската порака), кој било основен обичен текст (текст пред да се примени шифрирањето), како и важни информации за контекст.

За загатките, може да се даде дел од обичен текст што би му помогнал на тој што ја решава. Кај доверливите воени пораки, решавачот може да се посомнева дека одредени зборови биле кодирани во шифрата, засновани на минатото знаење. На пример, може да има клучни термини како што се „пораката почнува“, „пораката завршува“ или „тајна“ или специфични имиња, места или адреси.

Потоа, разбивачот на кодови ги организира и преуредува податоците за да најде неслучајни карактеристики. Со други зборови, го наоѓа методот на шифрирање.

Шифрите на Зодијак и Криптос

Минатата година шифрата „3340“ од 1969 година на убиецот наречен Зодијак беше разбиена од меѓународен тим на разбивачи на кодови. Тимот внимателно и систематски развил список на набљудувања во текот на 51 година.

1
Скулптурата Криптос во ЦИА/„К4“ е видлив во последните редови десно
Фото: Carol Highsmith, Library of Congress

Користејќи процес наречена „Монте Карло“, тие тестирале дали моделите забележани во текстот се случајни или не. Заедно со детално познавање на контекстот на шифрата и решението од претходната шифра од Зодијак, тие успеале да го погодат користениот метод за шифрирање.

Еден од тимот на разбивачи на шифрите на Зодијак, Дејвид Оранчак, вели дека седум или осум од вкупно десет шифри на Зодијак се тешки за дешифрирање.

Слично на тоа, познатата скулптура Криптос на американскиот уметник Џим Санборн, сместена во Централната разузнавачка агенција, долго време ги мачи разбивачите на кодови. Скулптурата содржи четири шифрирани пасуси кои претставуваат вистински предизвик за вработените во агенцијата. Последниот пасус, познат како „К4“, останува нерешен и по 30 години.

Кога од дизајнерот на кодови на Криптос, Ед Шејд, било побарано да оцени колку е тешко да се дешифрира шифрата, тој проценил дека е прилично тешка. Тој изјавил дека неговата намера била да се реши за пет, седум или можеби 10 години.

Зошто „К4“ е толку тешка за решавање? Прво, со само 97 букви, пасусот е многу краток, што значи помалку податоци и помалку показатели. Методот за шифрирање што се користи за да се создаде е непознат и постои мал контекст за тоа како може да е шифриран.

Една класична книга за решавање математички задачи, „Како да се реши“ од Џорџ Полја, сугерира на општ принцип за решавање на кој било проблем - повикување на сличен проблем што веќе е решен. Овој принцип се применува и во светот на историските сложувалки.

Лекции за креаторите на кодовите

Да се погледне сложувалката од перспектива на креаторот на кодови е важно. Квалификуван креатор на кодови треба да остави барем некои неслучајни обрасци во шифрата, за загатката да не биде невозможна.

Замислете дека сте создале загатка, но по многу години вашата публика не успеала да ја реши. Ако сакате да ја реши, ќе треба да почнете да оставате траги. Некои загатки, како што е книгата „Маскарада“ од 1979 година и „Загатки за дешифрирање“, биле решени само откако биле оставени траги.

Но, ако никој не ја решил вашата загатка дури и ако сте објавиле траги, тогаш кодот е тежок да се пробие. Ова значи дека на крајот ќе треба да го откриете методот што сте го користеле. Еден пример е сложениот алгоритам познат како „Кеосајфер“. Додека пораките на „Кеосајфер“ биле дизајнирани да бидат многу тешки, практично било невозможно да се дешифрираат без да се знае методот.

Во презентација на Агенцијата за разузнавање за Криптос во 2007 година се споменува дека десетици вработени во агенцијата не успеале да ја решат загатката „К4“. Но, како што се декласифицираат повеќе историски текстови и како што расте капацитетот за складирање и вмрежување на компјутерите, можеби еден ден аматерски разбивач на кодови ќе го пробие тешкиот пасус, а не агент на Агенцијата за разузнавање.

Извор: Тhe Conversation
Фото: NSA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот