Корисниците на „Нетфликс“ беа потресени поради една сцена од документарецот поврзан со имплозијата на подморницата „Титан“.
Новиот филм со наслов „Титан: Катастрофата на подморницата на Оушнгејт“ ја раскажува приказната за настаните што довеле до смртоносната имплозија на подморницата во која петмина патници загинаа длабоко под површината на водата, на 18 јуни 2023 година.
Откако неодамна беше премиерно прикажан на стриминг-платформата, документарецот за експедицијата на „Оушнгејт“ стана најгледан на „Нетфликс“.
Многумина го гледаат филмот за да дознаат повеќе за причините што доведоа до фаталната експлозија на подморницата која имаше цел да стигне до остатоците од „Титаник“, а голем дел од фокусот е ставен врз Стоктон Раш, извршниот директор на „Оушнгејт“ и креатор на подморницата.
Во една клучна сцена се прикажува Раш како го отпушта поранешниот директор за морски операции на „Оушнгејт“, Дејвид Лочриџ, откако тој изразил загриженост околу јаглеродно-влакнестата обвивка на подморницата.
Но, уште еден момент што предизвика многубројни реакции се случува на почетокот на документарецот. Само неколку минути по почетокот се прикажува снимка од патници како се качуваат на подморницата, додека Раш со леснотија ги отфрла сите грижи поврзани со безбедноста.
- Нема ништо што бара итна реакција. Ако слушнете аларм, не грижете се. Најдобро е да не правите ништо - вели Раш.
Оваа изјава била означена од гледачите како една од највознемирувачките сцени во целиот документарец.
Безбедносни ризици и контроверзии
Исто така, документарецот открива дека Раш продолжил со експедицијата и покрај тоа што подморницата никогаш не добила независна техничка класификација за да се дозволи нејзина употреба.
Поранешниот директор Лочриџ претходно влегол во конфликт со Раш откако Раш, за време на претходно патување до остатоците од бродот „СС Андреа дорија“, го управувал подводното пловило во опасна насока.
Во една сцена од филмот се слуша како Раш ладнокрвно вели:
- Немам желба да умрам и нема да умрам. Може да не успееме, но нема да умрам. Никој нема да умре додека сум јас одговорен. Точка.
Кога се прошири веста дека туристичката подморница што требало да ги однесе патниците до остатоците од „Титаник“ исчезна кај брегот на Њуфаундленд, Канада, приказната веднаш се прошири и стана тема во сите медиуми.
По четиридневна потрага, беше објавено дека „Титан“ доживеа катастрофална имплозија во моментот кога комуникацијата со подморницата прекинала.
Извор:
Independent.co.uk
Фото: Screenshot/YouTube