Кога станува збор за „Чет-ГПТ“ и слични алатки на вештачка интелигенција, корисниците главно се делат на две групи: оние што никогаш не би му верувале ни збор и оние што го користат секојдневно, и тоа не само за работа, туку и за решавање лични дилеми и проблеми.
Според неодамнешни истражувања и многубројни објави на социјалните мрежи, сѐ повеќе луѓе го користат „Чет-ГПТ“ како дигитален терапевт или пријател на кој му се доверуваат и од кого бараат совети. Но, експертите предупредуваат дека таквиот пристап може да има сериозни последици.
Мајк Вулдриџ, професор по компјутерски науки од Универзитетот Оксфорд, истакнува дека корисниците често забораваат што всушност е „Чет-ГПТ“, а што не е.
- „Чет-ГПТ“ нема емпатија. Немa сочувство. Никогаш ништо не доживеал. Тоа е софтвер дизајниран да ви го каже она што сакате да го чуете и ништо повеќе. Човечките односи се темелат на разбирање, искуство и емоции, нешто што никаков алгоритам не може да го замени. Затоа, погрешно е да се поврзуваме со овие алатки како со блиски пријатели - предупредува професорот.
Италија ја забрани употребата на „Чет-ГПТ“
Освен емоционалните ризици, постои и загриженост за приватноста. Кога корисниците споделуваат чувствителни информации со алатки на вештачка интелигенција, не е секогаш јасно каде и како се чуваат тие податоци, кој има пристап до нив, ниту на кој начин можат да бидат користени, па дури и злоупотребени.
За потсетување, Италија во 2023 година стана првата западна земја што ја забрани употребата на „Чет-ГПТ“ поради загриженост за заштита на лични податоци. Италијанската агенција за заштита на приватноста наведе дека корисничките податоци, вклучувајќи ги содржината на разговорите и податоците за плаќање, се користат за тренирање на моделот, што претставува сериозно кршење на приватноста.
Зад технолошкиот напредок стојат и луѓе од сиромашни земји. За време на развојот на „Чет-ГПТ“, работници од Кенија и други држави биле изложени на трауматични содржини како насилство, сексуално злоупотребување и расистички навреди за да ги „исчистат“ податоците и да помогнат во тренингот на моделот.
Станува збор за вистински луѓе кои, за ниски плати, морале да поминуваат низ тешки емотивни предизвици за машината да може да „учи“ и подоцна да им одговара на корисниците низ целиот свет.
Вештачката интелигенција сигурно може да биде корисна алатка, но не е пријател, терапевт или личност на која може да ѝ се верува. Пред да ѝ ги доверите вашите тајни и проблеми, добро размислете. Иако „Чет-ГПТ“ може да „разбере“ што пишувате, не може да сочувствува, а вашите податоци можеби нема да останат таму каде што мислите дека ќе бидат.
Извор:
Vecernji.hr
Фото: Unsplash