X
 19.10.2019 Живот

Прикази на рак на дојка на ренесансни слики

Често се смета дека карциномот е модерна болест поттикната од нашите избори во исхраната и животот. Меѓутоа, студиите покажуваат дека сме во голема заблуда...

Без оглед на тоа дали сте љубител на ренесансната уметност или не, постои едно нешто околу кое сите може да се сложат, а тоа е дека на сликите преовладуваат голи женски гради. И иако уметноста е единствената причина за тоа, научниците сега ги искористија токму тие слики за да ја анализираат историјата на ракот на дојка.

Рафаела Бјанучи и Антонио Перчијаканте, главните автори на новото истражување објавено во списанието „Лансет“, велат дека постои сомнеж дека ракот на дојката е болест на модерната доба. Сепак, најновите пронајдоци покажуваат дека болеста била прилично честа и во минатото.

Имено, проучувајќи ја преваленцијата на ракот на дојката во минатото, научниците откриле две уметнички дела од ренесансата кои ги прикажуваат знаците за оваа болест.

Фото: National Geographic

Првиот знак се појавува на сликата „La notte“ на италијанскиот сликар Микеле Тозини, насликана меѓу 1553 и 1555 година. На сликата е претставена жена чија лева дојка е помала од десната, а брадавицата е вовлечена, што се симптоми на рак.

Втората слика „Allegoria della fortezza“, дело на италијанскиот сликар Масо да Сан Фријано, прикажува женска фигура како седи над лав. Нејзината лева дојка изгледа отечено околу брадавицата - подрачје каде што туморот се пробил низ кожата.

- Прилично сме сигурни дека овие жени пателе од малигнен рак на дојка - се наведува во студијата.

Фактот што двете уметнички дела датираат од 16 век не е случаен. Како што Бјанучи и нејзините колеги објаснуваат во студијата, ренесансата е обележана како период на иновации во полето на медицината, а една од тие иновации била и операција на тумор на дојка. Францускиот хирург Бартелеми Кеброл (1529-1603), кој му служел на кралот Хенри IV и предавал на Универзитетот во Монпелје, бил еден од првите практиканти на мастектомија.

Фото: Research gate

Меѓутоа, радикалната мастектомија во тоа време не била толку честа практика поради недостигот од општа анестезија, асептични техники, но и фактите дека градите во тоа време се сметале за симбол на женственост и многу хирурзи ја сметале практиката за нехумана.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот