„Сајдвок Лебс“, компанија која е дел од „Алфабет“, која пак е дел од „Гугл“, планира да имплементира футуристичка технологија во паметен град што сака да го изгради во Торонто.
Конечен договор за самиот проект сè уште не е постигнат бидејќи со оглед на тоа што станува збор за „Гугл“, јасно е дека постои сомневање околу приватноста и собирањето податоци, така што ќе помине уште некое време пред „Гугл“ да се фрли на работа. Проектот е наречен „Сајдвок Торонто“ и „Сајдвок Лебс“ сака да стане глобален центар на урбани иновации во кој компанијата ќе се обиде да реши многу предизвици на модерниот начин на живот во градовите.
Компанијата вели дека 82 отсто од предлозите имаат постојни преседани низ целиот свет или се целосно или делумно спроведени. Ова се неколку клучни технологии што веќе постојат во некаква форма и кои „Сајдвок“ би можел да ги имплементира во својот проект.
Фото: Getty Images
Премини за велосипеди
Познати како „зелени велосипедски бранови“, овие улични премини откриваат кога е присутен велосипед и ги координираат семафорите за да му се овозможи на велосипедистот да патува без да застане. Ова веќе постои во градовите низ целиот свет, вклучувајќи го и Амстердам и делови од Торонто.
Приспособливи пешачки сигнали
На 25-годишен маж кој трча потребно му е помалку време да ја премине улицата отколку на 85-годишен маж кој користи бастун - приспособливите пешачки сигнали може да се адаптираат на секој од нив. Во Сингапур луѓето можат да активираат подолг сигнал за пешачење на одредени крстосници, користејќи картичка за постари лица.
Пристапни цени за изнајмување станови онлајн
„Сајдвок“ предлага да се поедностави апликацијата за изнајмување станови со пристапни цени, кои ќе опфаќаат 40 отсто од становите во паметниот град. Њујорк и Сан Франциско имаат создадено апликации за доделување станови преку интернет, но „Сајдвок“ вели дека тие не вклучуваат верификација на приходот.
Регистар за собирање податоци од уреди
Сиетл има мастер-список на технологија за надзор што ја користи градот, но „Сајдвок“ ќе оди чекор понапред и ќе создаде јавна мапа на сензори и уреди за собирање податоци.
Паметно ѓубре
Многу
градови имаат контејнери за ѓубре со сензори за волумен, но „Сајдвок“ предлага автономни контејнери што сами ќе се испразнат во централизираното место за отпад пред да се вратат на првобитната локација.