X
 19.11.2025 Наша тема

Ана Соколова е професорка на Универзитетот во Салцбург: „Многу би сакала да видам студенти од УКИМ на нашите магистерски или докторски студии“

Со љубов одам во амфитеатрите и училниците каде што сум студирала и каде што работев како асистент неколку години пред заминувањето за Холандија. Со љубов предавам на македонски, и на заинтересирани мили млади луѓе, споделува професорката Ана Соколова

Ана Соколова e професорка на катедрата за компјутерски науки при Универзитетот во Салцбург. Годинава таа ја посети Македонија, а и студентите на ПМФ и одржа предавања на тема „Коалгебри“ во рамките на Еразмус+ програмата (Staff Mobility for Teaching), во рамките на предметот Алгебра 2. Соколова ни сподели дека имала одлични впечатоци од посетата на Институтот за математика при ПМФ во Скопје.

- Со љубов одам во амфитеатрите и училниците каде што сум студирала и каде што работев како асистент неколку години пред заминувањето за Холандија. Со љубов предавам на македонски, и на заинтересирани мили млади луѓе. Зборувавме на апстрактна тема, но тие што беа таму беа многу заинтересирани и беше прекрасно да се работи со нив. Темата коалгебри е доста апстрактна, но студентите по математика имаат големо искуство со апстрактни теми. И така не е тешко да се разбере - вели таа.



Се занимавам со теориска информатика

Професорката Ана Соколова ја надградува својата академска кариера заедно со научниот тим на Универзитетот во Салцбург. Вели дека станала дел од овој тим со многу работа, неколку селења и доволно среќа.

- Во 2007 г., по докторатот на Технолошкиот универзитет во Ајндховен, Холандија, и постдокторски во Најмеген, Холандија, барав работа во Австрија (од приватни причини, бидејќи мојот сопруг имаше трајна позиција во Виена). Тогаш најдов еден колега кој работеше нешто сосема друго, но сепак имавме допирни точки во областите и за среќа тој имаше постдокторска позиција. Така почнав во Салцбург. Потоа веднаш добив мој грант/проект и со тоа ми беа обезбедени прекрасни четири години со многу слобода, и веднаш на почетокот пак имав среќа да се отвори позиција за доцент (асистент професор) која ја добив. Следуваше мандат и унапредување во вонреден професор во 2016 и лани веќе бев унапредена во редовен професор, бидејќи имав понуда од друг универзитет - изјави професорката Ана.

Таа ни сподели повеќе за нејзината научна работа, интереси и актуелните ангажмани.

- Многу сум ангажирана, затоа и овие одговори толку доцнат. Се занимавам со теориска информатика, по конкретно мојата поширока област се вика „формални методи“. Тоа се прецизни математички методи за верификација/докажување точност на програми, системи, протоколи и слично. Јас работам на апстрактниот крај на формални методи - ете баш често со коалгебри. Поконкретно, работам на таканаречени „еквиваленции на однесување“ кои се формално дефинирани релации кога две нешта (најчесто состојби во некаков автомат) се однесуваат исто. Најмногу работам на класи од веројатносни автомати. Но ме интересираат и други нешта, и сум работела на многу други нешта порано - а можеби и во иднина ќе се случи тоа (теорија и практика на паралелни пресметувања и структури на податоци; управување со меморија; системи во реално време...) Освен тоа, се занимавам/помагам во евалуација на проекти и донесување одлуки во австриската агенција за проекти (FWF), често организирам конференции, член сум на многу програмски одбори (каде што се решава кои трудови да бидат прифатени) на ценети конференции итн. Шетам по светот, на конференции, на одбрани на докторски работи, во посета на колеги за научна работа и слично. Сето тоа е дел од нашата професија. И се разбира - предавам на студенти, држам часови (и тоа е важен дел, но далеку од тоа дека е единствената наша работа), ментор сум за дипломски, магистерски, докторски работи - споделува Соколова.

Работев и на „поприменети“ аспекти на компјутерските науки

Нејзината работа ги поврзува поимите на веројатност и недетерминираност. Кои се најголемите предизвици при комбинирањето на овие концепти ни појасни професорката.

- Од апстрактна гледна точка, работите едноставно не функционираат така како што сме навикнати кога се комбинира веројатност со недетерминизам. Затоа тоа/таквите системи важеа за многу проблематични со децении - накратко, апстрактно, проблемот е што составување на монадот за веројатност и монадот за недетерминизам не дава монад. Но всушност не е проблем. Во еден многу убав труд (иако е мој, да го пофалам) од 2019 (ЛИЦС) и подоцна проширена верзија 2022 (ЛМЦС) со двајца колеги разрешивме многу од дилемите - вели Соколова.



Таа работи и на конкретни теми како менаџирање на меморија и реално-временски системи.

- Работев и на „поприменети“ аспекти на компјутерските науки. Тоа е многу интересно, но на крај не може човек да постигне да се меша во подалечни теми така лесно. Тие „поприменети“ аспекти ги доживував како многу лесни... но едноставно јас како некој отстрана сама не ги знам проблемите во тие, за мене подалечни, области. Убаво е да се соработува и сега се спремам за една возбудлива соработка на теми што ми се нови, доколку успееме да добиеме грант како што планираме со една група на колеги - најавува Соколова.

Каква е улогата на математиката во развојот на формалните методи и каде таа гледа потенцијал за соработка меѓу математичари и компјутерски научници?

- Формалните методи се во принцип математички методи, но решаваат проблеми кои произлегуваат од информатика. Често пати нашите докторанди се со математичко образование (бидејќи во денешно време не е лесно да се најдат информатичари со доволно предзнаења за да се занимаваат со теорија)... областа е некаде помеѓу. Од друга страна, има голема разлика во начинот на работа, интересите и културата помеѓу овие две блиски дисциплини: (теориска) информатика и математика - вели Соколова.

Сите сме по малку алчни за убави резултати

Во моментов и во последниве 10-ина години Ана Соколова се занимава и со алгебра, што е една од нејзините први љубови.

- Имаме алгебри за веројатност (таканаречени конвексни алгебри), алгебри за недетерминизам (овие се познати, полумрежи) и понови алгебри за двете: конвексни полумрежи. Со тие „суштества“ се занимавам во изминатите 10 години и има некои интересни резултати. Најнова ми е една работа за растојанија - „епсилон-бисимулации“ која ми е многу драга, со една колешка од Канада. Се надевам дека трудот ќе биде набрзо прифатен за печатење. Планирам да се вратам на паралелните структури на податоци во еден многу интересен проект во план, за таканаречени динамични конкурентни (паралелни) алгоритми. Има многу интересни работи и многу отворени проблеми - тоа што нѐ лимитира е недостигот на време (и понекогаш премногу ангажман со други, според мене не толку важни, нешта... како администрација и слично) - ни споделува Ана.

На студентите кои се заинтересирани за теоретска компјутерска наука, особено во областа на формалните методи, им порачува да се интересираат, да учат, да студираат и да одат некаде на магистерски или докторски студии каде што се работат тие области.



- Многу е интересно. Многу би сакала да видам студенти од УКИМ на нашите магистерски или докторски студии! Имаме нови магистерски студии кои се доста отворени, на англиски јазик и во Австрија се со мала административна цена. Секој заинтересиран може да ми пише порака на anas@cs.uni-salzburg.at. - споделува професорката.

Ја прашавме какви промени би сакала да иницира во нејзиното поле на интерес...

- Би сакала да имам влијание, да оставам трага. Сите ние на некој начин се трудиме да го постигнеме тоа. Сите сме по малку „алчни“ за убави резултати. Сакам со својата работа да придонесам за добра и нова наука, нови резултати, повеќе знаење. Би сакала да ја променам културата на публицирање во информатиката, улогата на конференциите и некои работи поврзани со тоа. Но тоа е многу тешко, речиси е сериозна општествена промена. Сепак, вашето прашање ме стави на мисла и тоа е многу важно. Важно е да се концентрираме на работата, дури и да е апстрактна - како мојата, на човечката компонента и на нештата што имаат смисла и носат промена кон подобро - подвлекува нашата соговорничка.


Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема