Туристите што се искачуваат на планина сега можат да изнајмат роботски нозе кои ќе им го олеснат одењето.
За вистинските љубители на планинaта, не постои поголемо задоволство од моментот кога, по часови напорно искачување, конечно ќе стигнат на врвот. Тоа е триумф не само на физичката, туку и на менталната издржливост. Но, не сите го гледаат планинарењето на тој начин. Наместо да уживаат во самиот процес, некои луѓе сакаат што побрзо и полесно да стигнат до врвот само за да направат селфи и да бројат лајкови.
За сите што сакаат да пешачат во природа, но не се во најдобра физичка форма или едноставно не сакаат да се уморат, Кинезите пронајдоа совршено решение. На планината Тај во провинцијата Шандонг туристите можат да изнајмат роботски нозе, односно егзоскелет.
Ова технолошко помагало веќе се користи во магацини, каде што им помага на работниците при подигнување и носење тежок товар, преземајќи дел од товарот врз себе.
Како функционираат роботските нозе?
Роботските нозе го преземаат товарот на мускулите, значително намалувајќи го заморот и правејќи го искачувањето многу полесно.
До врвот на планината, кој се наоѓа на висина од над 1.500 метри, водат дури 7.000 скалила. Овој предизвик стана особено популарен благодарение на „Тик-ток“, каде што кружат видеа на луѓе кои, целосно исцрпени, буквално се качуваат на раце и колена. За оние што не се во најдобра физичка форма, како и за постарите лица, локалниот туристички одбор понуди иновативно решение – изнајмување роботски нозе, што веднаш се покажа како одличен потег. Првиот ден ги изнајмиле повеќе од 200 туристи, плаќајќи за ова помагало нешто помалку од 10 долари.
Лесни, практични и ефективни
Роботските нозе, развиени од кинеската компанија „Кенгинг технолоџи“, тежат помалку од 2 кг и се прицврстуваат околу половината и бутовите. Опремени се со батерија што трае околу 5 часа, што е повеќе од доволно за искачување.
Според туристите што ги испробале, чувството е како некој буквално да ги турка нагоре. Сепак, по нивното отстранување, потребно е кратко време за да се навикнете.
Освен што овие роботски нозе можат да помогнат при тешки искачувања, тие би можеле да бидат корисни и за постари лица кои имаат проблеми со движењето и одењето, како и за професии што бараат постојано движење на долниот дел од телото.
Овој модел моментално е во фаза на тестирање, но се очекува следниот месец да се појави на пазарот.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Screenshot/Taishan Cultural Tourism Group