X
 20.08.2025 Технологија

„Крисалис“ - вселенскиот брод што би можел да превезе луѓе до најблискиот ѕвезден систем

Тим инженери осмисли впечатлив дизајн за вселенскиот брод „Крисалис“, долг речиси 58 километри, кој еден ден би можел да превезува до 2.400 патници до Алфа Кентаур - најблискиот ѕвезден систем до Земјата.

Оваа амбициозна визија неодамна му ја донесе на тимот главната награда на дизајнерскиот натпревар „Проект Хиперион“, започнат минатата година од меѓународен конзорциум научници, инженери и урбанисти.

Живот во вселенскиот џин

Концептот „Крисалис“ звучи како сцена од научно-фантастичен роман. Ова хипотетичко вселенско живеалиште би создавало гравитација слична на земјината преку постојана ротација околу својата оска.

Структурата се состои од повеќе слоеви налик на лушпи од кромид, секој со своја функција.

Внатрешните слоеви би биле наменети за живеење, градини, производство на храна и одржување на екосистемот. Би имало и заеднички простории за дружење.

Секоја од овие „лушпи“ би ја напојувале реактори на нуклеарна фузија - технологија која човештвото сè уште не успеало практично да ја примени на Земјата. „Крисалис“ е замислен во повеќе фази, при што секоја е целосно автономно и комплетно живеалиште.

1
Фото: Team Chrysalis

Слојот најблиску до јадрото би бил резервиран за растенија, микроорганизми и стока, со различни средини како разновидни шуми за зачувување на биодиверзитетот.

Космичка купола и контрола на популацијата

Вториот слој би содржел заеднички простории, а третиот 3Д испечатени станбени модули. Најоддалечената „лушпа“ би служела како магацин за машини и ресурси.

Посебно впечатлива е таканаречената космичка купола, висока околу 130 метри и со дијаметар од 360 метри. Таа би нудела контролирана средина без гравитација, топлинска изолација и заштита од вселенско зрачење. Тоа би било и единственото место каде жителите би можеле да го набљудуваат космосот, слободно лебдејќи во бестежинска состојба.

- Преку проѕирните панели на куполата, жителите ќе можат да го гледаат просторот зад вселенскиот брод - се наведува во описот на проектот.

Бидејќи „Крисалис“ е генерациски брод, планот предвидува и строга контрола на популацијата. Жителите би имале тригодишен период, помеѓу 28 и 31 година, за репродукција, со ограничување од две деца по лице, иако нема да биде задолжително тоа да биде еден ист партнер.

Целта е да се одржува стабилна популација од околу 1.500 луѓе во текот на три генерации. Вештачката интелигенција би имала клучна улога во обезбедување отпорност на целокупниот општествен систем, подобар пренос на знаења меѓу генерациите и подлабоко разбирање на динамиката на комплексот.

Меѓу визијата и реалноста

Иако станува збор за фасцинантна и детална визија за повеќегенерациско патување, „Крисалис“ сè уште припаѓа на областа на научната фантастика.

Покрај проблемот со непостоење на практична нуклеарна фузија, производствените процеси потребни за изградба на структура долга десетици километри во нулта гравитација далеку ги надминуваат сегашните можности на човештвото.

Извор: Index.hr
Фото: Team Chrysalis
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија