X
 20.09.2018 Наша тема

„Енего Хакеро“, битолчанецот кој над милион следбеници го знаат како Hacktuber: Ако сте добар јутјубер, ќе заборавите на која било друга работа

Препознатлив единствено по буквата М тетовирана на неговата лева рака, Марјанчо има импресивни 207,5 милиони прегледи на неговите видеа. Некои видеа се изгледани фантастични 12, 15, 17 милиони пати


Малкумина го познаваат Марјанчо од Битола, но повеќе од еден милион луѓе од цел свет го знаат American Hacker – јутјуберот кој снима видеа со корисни работи што ќе му се најдат секому, секаде. Името на каналот денес е променето во Hacktuber и досега има 1.177.132 следбеници. А нивниот број расте од минута во минута. Препознатлив единствено по буквата М тетовирана на неговата лева рака, Марјанчо има импресивни 207,5 милиони прегледи на неговите видеа. Некои видеа се изгледани фантастични 12, 15, 17 милиони пати.

Марјанчо Атанасовски од Битола, алијас Hacktuber

Факултети.мк ја раскажува приказната на Марјанчо Атанасовски од Битола, 35-годишниот рударски техничар, среќно оженет и татко на две деца, алијас Hacktuber (поранешен American Hacker), кој буквално растура на „Јутјуб“.

Годинава Марјанчо одбележува јубилеј - една деценија како го има својот канал на „Јутјуб“.
- За тие што не знаат, „Јутјуб“ е оформен во 2005 година. Мојот канал го направив во 2008 година. Откако знам за себе се занимавам со електроника. Цел живот правам електронски уреди (гаџети) кои помагаат во животот (life hacks). Оттаму дојде идејата - како што ги правев уредите, ги снимав со камерата и ги прикачував на „Јутјуб“ за да можат и други да ги видат и да ги применуваат. Ми се допаѓаше тоа што им помагав на моите гледачи – раскажува Марјанчо.

Интернет е моќна алатка - само да знаеш што бараш

На прашањето како го избрал името American Hackeр и колку овој своевиден бренд придонел за големата посета на неговиот канал, тој објаснува:
- Јас сум Македонец, роден сум и живеам во Македонија, ама отсекогаш сум бил инспириран од ветената земја – Америка. Во тогашно време на „Јутјуб“ се појавија неколку канали што работеа слична содржина како мојата. На сите името им завршуваше со хакер – CrazyRussianHacker, Household Hacker, па и јас го одбрав American Hacker. Не можев да поверувам дека дотогаш никој го нема одбрано тоа име. Моја среќа! Мислам дека за постигнување на успехот од 1 милион следбеници името има многу мало влијание. Сите гледаат што можеш да направиш и да биде уникатно. Така почнав како American Hacker, но сега името на каналот е променето во Hacktuber – објаснува тој.

Работилницата каде што ги снима своите видеа

Вели дека секогаш се труди да измисли и да направи нешто ново и невидено на „Јутјуб“. Интернетот денес е моќна алатка - само да знаеш што и каде да бараш.
- Така функционирам. Кога ќе ми дојде некоја идеја, прво ја проверувам на интернет, дали некој ја има направено. Ако е нешто невидено, се фокусирам на таа идеја и ја реализирам да биде истовремено практична и интересна за гледање додека ја изработувам. Сите видеа се снимени и едитирани во моето студио, а материјалите што ги употребувам ги имам собирано речиси цел живот - стари радија, часовници, играчки, телевизори. Како што велат: за некој, тоа е старо ѓубре, за друг - богатство – вели Марјанчо.


Некои проекти ги работи и по неколку дена. Сè зависи од содржината

Секое видео е приказна сама за себе. Снимањето зависи од многу работи, пред сè од содржината што ја работи. За некои проекти му требале и неколку дена да го осмисли гаџетот. Повеќето кратки јутјуб-клипчиња ги снимал, едитирал и прикачил на „Јутјуб“ за 3 до 5 часа.
- Во денешно време технологијата е на високо ниво и не можеш да ја следиш секојдневно. Но, никогаш не ти треба скапа камера за да покажеш што знаеш. Ако твојата содржина е уникатна, гледаноста ти е загарантирана. Многу битно е да имаш стабилен и брз upload интернет. Ако решите да прикачите клипче од 10 минути со просечниот интернет-пакет што го имаат сите по дома, ќе го прикачувате 2 часа. Проверено! – раскажува Марјанчо.

Нема трошоци – само да посветите време

Нема никакви трошоци за одржување на јутјуб-каналот. Доволно е вашето драгоцено време, дециден е тој. Додава дека во денешно време не можете да ја следите технологијата. Секоја година излегуваат нови камери со подобра резолуција, а за тоа ви треба помоќен компјутер за да може да ја сработи висококвалитетната видеорезолуција.

Ако решите сериозно да се занимавате со ова, набавете технологија за складирање на материјалот

- На пример, денес сите сакаат да гледаат во HD-резолуција, и тоа 1080. За да можете да го едитирате снимениот материјал со таа резолуција, потребна ви е графичка карта со најмалку 4ГБ резервирана меморија, 8ГБ РАМ меморија за едитирање во еден од софтверите како Аdobe Premiere или Final Cut. А бидејќи работите во HD резолуција, хард дискот ви се полни многу брзо. А сакате да ја чувате целата архива, па бидете спремни да имате неколку терабајти слободна меморија за складирање на снимениот материјал – објаснува Марјанчо.

Неговите видеа најмногу ги гледа младата популација, од 15 до 30 години. Најчести прашања од публиката се каде ги наоѓа материјалите, од каде е (поради акцентот во англискиот) и од каде ги црпи идеите. Најгледани се компилации од повеќе стари видеа во едно, наречено на пример „5 хакови за полесен живот“. Во нив изработува хакови кои можат сите да ги направат со домашни предмети.
- А како станува видеото вирално, тоа само „Јутјуб“ знае – вели Марјанчо.

Кога го почнал јутјуб-каналот, не му било битно да стигне до 1 милион следбеници. Вели дека тоа е тајната на неговиот успех.
- Ако го правите тоа со љубов и пасија, гледачите сами ќе ве наградат со тоа што ќе го прошират. Ете, тоа го прави убавиот збор за вас. За мене, успехот е во константа и упорност во секој аспект од животот – објаснува тој.

Тие на Широк сокак знаат дека е јутјубер

Марјанчо живее во Битола. Но бидејќи долгогодишното име на каналот беше American Hacker, на повеќето битолчани не им се верува дека тој ги прави хаковите на „Јутјуб“.
- Откако ќе им се претставам и ќе им ја покажам буквата М тетовирана на мојата рака, веќе сите веруваат. Во Битола сите пријатели што ме познаваат и пијат кафе на Широк сокак знаат за мене - дека сум јутјубер и хакер за гаџети. Најблиските ме викаат Mацо, а на Широк сокак - Енего Хакеро :) – вели на смеа Марјанчо.

Реномираниот магазин „Форбс“ ја состави листата со најбогати јутјубери во 2017 година. На тронот е Англичанецот Dan TDM, кој на својата сметка инкасирал 16,5 милиони американски долари. На прашањето како во Македонија се живее од овој бизнис, Марјанчо вели:
- Ако сте добар јутјубер со повеќе од 1 милион прегледи месечно, ќе заборавите на која било друга работа – вели Hacktuber.


Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема