Научници развија алатка која може да го измери ризикот за дебелина подоцна во животот.
Истражувачите се надеваат дека овој нов вид алатка во иднина ќе овозможи оние со најголем ризик да добијат навремена поддршка и со тоа да се спречи развојот на дебелина уште пред да започне.
Алатката, која ја проценува генетската склоност кон дебелина, покажала двојно подобри резултати од сите досегашни слични методи, тврдат експертите.
Покрај тоа што може да го утврди ризикот за дебелина кај децата, алатката може да предвиди и како возрасни со прекумерна тежина ќе реагираат на специјализирани програми за слабеење.
Полигенските тестови имаат потенцијал да дадат подобри прогнози за дебелина
Научниците користеле податоци за генетски варијации кај повеќе од пет милиони луѓе со цел да развијат тест за полигенски ризик, кој ги анализира генетските карактеристики на поединецот за да го пресмета ризикот од развивање дебелина.
Истражувањето било спроведено под водство на научници од Универзитетот во Копенхаген и Универзитетот во Бристол. Тие ја испитувале поврзаноста меѓу полигенскиот ризик и дебелината користејќи телесни и генетски податоци од повеќе од 500.000 лица.
Алатката била тестирана и на учесници од истражувањето „Деца од 90-тите“, долгорочно истражување спроведено во Бристол, кое ги следи семејствата со деца родени во 1991 и 1992 година.
Резултатите покажале дека алатката успешно го предвидува порастот на телесната тежина уште од најрана возраст, односно од само две и пол години, па сè до тинејџерскиот период.
- Во целина, овие податоци покажуваат дека полигенските тестови имаат потенцијал да ја унапредат прецизноста во предвидувањето на дебелината, особено ако се применат во раните фази од животот - пишуваат авторите во списанието „Нејчр медисин“.
Раната интервенција може да биде клучна
- Она што го прави овој тест толку моќен е доследната врска меѓу генетските карактеристики и индексот на телесна маса уште пред петтата година од животот, па сè до зрелоста, што е многу пред да почнат да влијаат другите ризик-фактори. Интервенцијата во тој период теоретски би можела да има огромно влијание - вели водечкиот автор на истражувањето, Рулоф Смит, од Универзитетот во Копенхаген.
Кејтлин Вејд, професорка по епидемиологија на Универзитетот во Бристол и коавторка на истражувањето, вели дека дебелината е сериозен проблем за јавното здравје и дека нејзиниот развој е под влијание на многу фактори, меѓу кои се генетиката, околината, начинот на живот и однесувањето.
- Се надеваме дека ова истражување ќе помогне за рано препознавање на поединци со висок ризик од развивање дебелина, што би можело да има големо клиничко и јавно-здравствено значење во иднина - додава таа.
Извор:
n1info.hr
Фото: Pixabay