X
 21.09.2021 Здравје

Словенечки имунолог: Со ковид-19 ќе се заразат сите што не прележале и не се вакцинирале

Истакнат професор на Медицинскиот факултет во Љубљана, имунологот Алојз Ихан, смета дека со ковид-19 ќе се заразат сите оние што не го прележале и не се вакцинирани. Ова го изјавил зборувајќи за значењето на вакцините против болеста во интервју за телевизијата „Н1“.

Меѓутоа, тој е оптимистичен кога станува збор за текот на пандемијата.

- Откако сите со својот имунолошки систем ќе се запознаеме со вирусот, преку вакцинација или зараза, ќе влеземе во многу помирна, ендемска фаза во односот со вирусот. Вирусот ќе ги заразува новите генерации на деца и постари лица чие ниво на антитела ќе падне, но тие нема сериозно да се разболат поради мемориските Т-лимфоцити. Сè укажува на тоа дека овој чекор на почетно запознавање со вирусот ќе го завршиме во наредните месеци, бидејќи многу е веројатно дека ќе се заразат сите што не ја прележале болеста и не биле вакцинирани - образложил тој.



Според него, пред нас е последната зима во која пандемијата ќе предизвикува тешки проблеми. Тој е меѓу оние што сметаат дека вакцинацијата не треба да биде задолжителна.

- И понатаму сум на ист став, но станува збор за субјективен начин на размислување - дали човекот повеќе размислува како личен или клинички лекар или како епидемиолог. На епидемиологот му е поблиска задолжителната вакцинација бидејќи тоа во одреден момент обично е поефективно. Како лекар на лично ниво, ми се чини дека нашата задача е завршена тогаш кога на луѓето ќе им се понуди вакцина и кога ќе ги запознаеш со тоа што донесува одлуката за вакцинација или невакцинација - изјавил професорот.

Според него, лекарите треба да им ги објаснат најдобрите здравствени опции на пациентите, а тие треба да ја донесат одлуката. Сепак, тој напоменува дека вакцинацијата чини помалку од тестирањето и спасува животи.

- Дали воопшто сме свесни дека комплетната вакцинација чини помалку од тестирањето што вреди само една недела? И потоа луѓето тврдат дека нема да ја поддржуваат фармацевтската индустрија со вакцинирање. Таа добива десетпати повеќе пари од тестирање на оние што не сакаат да се вакцинираат. Цената на вакцините е ситница во однос на трошоците за непотребното продолжување на епидемијата - изјавил тој.

Извори: Klix | N1
Фото: Facebook
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје