Пролетта 2000 година, во кутија со прашливи книги во антикварницата „Бартер букс“ во британскиот Нортамберленд, беше откриен плакат од Втората светска војна кој никогаш не ја реализирал својата првична цел. Црвен дизајн, бели букви и круна во стилот на Тудорите, со едноставната порака „Keep Calm and Carry On“ („Остани смирен и продолжи“), за брзо време го освои светот, претворајќи се во еден од најпрепознатливите слогани на 21 век.
Плакатот бил нарачан од британското Министерство за информации, во 1939 година, како дел од серија од три пропагандни постери чија цел била да го подигнат моралот на граѓаните пред очекуваните германски бомбардирања. Другите два плакати содржеле пораки: „Твојата храброст, твојата ведрина и твојата решителност ќе ни донесат победа“ и „Слободата е во опасност. Брани ја со сета своја сила“.
Историчарот Даниел Коулинг од Националниот воен музеј во Лондон објаснува дека „Keep Calm“ бил замислен како одговор на хаосот по тешките воздушни напади, играјќи на картата на стереотипната британска смиреност. Иако биле отпечатени околу 2,5 милиони примероци, најголемиот дел од нив биле уништени во 1940 година заради заштеда на хартија. До јавноста стигнале само неколку примероци, а плакатот никогаш не бил масовно дистрибуиран.
Истражувањата покажале дека јавноста не реагирала многу на другите два постери. Иако британските градови претрпеле тешки бомбардирања, не дошло до очекуван општествен колапс. Наместо паника, граѓаните покажале отпорност и заедништво, па затоа тогаш на некои „Keep Calm“ можел да им звучи претерано и непотребно.
Пронајдок кој никој не го очекувал
60 години подоцна, сопствениците на „Бартер букс“, Стјуарт и Мери Менли, нашле еден од ретките зачувани примероци во кутија со книги купени на аукција. Одлучиле да го изложат во книжарницата, не претчувствувајќи што ќе следува.
Првично, Мери била против печатење копии, но Стјуарт тајно нарачал мала серија. Интересот на посетителите растел, а пресвртот дошол во 2005 година кога „Гардијан“ го вклучил плакатот во листата „10 омилени дизајни“ на новинарката Сузи Стајнер. По статијата, почнале да пристигнуваат нарачки од целиот свет.
До 2007 година биле продадени 50.000 примероци, а во 2008 и 2009, за време на глобалната финансиска криза, слоганот доживеал нов бран на популарност. Пораката за смиреност и издржливост одеднаш била насекаде: во домовите, канцелариите, на маиците.
Британскиот премиер Гордон Браун имал еден примерок во својот кабинет, а познати личности како Крис Еванс, Руперт Гринт и Џејмс Меј ја популаризирале пораката со тоа што ја носеле јавно.
Неисцрпен извор на пародии
Професорката Луси Ноукс од Универзитетот „Есекс“ вели дека „Keep Calm“ совршено го отелотворува современото британско сеќавање на војната - време кога „храбро се продолжувало понатаму“ и покрај сè. Професорката Кети Пери од Универзитетот во Лидс нагласува дека слоганот е дел од пошироката митологија на „воениот дух“, која и денес го обликува националниот идентитет.
Интернетот од слоганот создаде неисцрпен извор на пародии: Keep Calm and Drink Tea, Keep Calm and Code On, Keep Calm and Have a Cupcake. Активисти го користеле и во политички кампањи (Keep Calm and Resist).
Дизајнерите велат дека слоганот е лесен за адаптација поради едноставниот изглед: круна на врвот, пет збора во „Санс-сериф“ фонт, бели букви на црвена заднина.
Критики и „губење на душата“
Но, не биле сите воодушевени. Критичарите го гледаат како симбол на британската елита, застарена пропаганда и несоодветен одговор на реалните кризи.
Зошто и понатаму живее?
И покрај критиките, плакатот опстојува затоа што комбинира универзална порака, едноставен дизајн и бескрајни можности за адаптација.
Д-р Бекс Луис, авторка на книгата „Остани смирен и продолжи: Вистината за постерот“, смета дека денешната популарност му ја должи и на нашето чувство за иронија. Неговиот глобален успех покажува дека иако длабоко вкоренета во британската култура, пораката ги надминува границите и јазиците.
Како што вели дизајнерот Џонатан Барнбрук, луѓето имаат способност да ја претворат болката во хумор, а сериозноста во игра и токму во тоа лежи силата на овој едноставен, но моќен слоган.
Извор:
Index.hr
Фото:
Instagram