X
 21.10.2021 Здравје

Зошто треба да јадеме чоколадо?

Љубителите на чоколадо може да воздивнат - истражувања покажуваат дека чоколадото е добро за здравјето, па дури и може да помогне при намалување на килограмите.

Какаото е природен производ за кој е докажано дека помага против дебелината, срцевите болести и е добро за работата на мозокот. Може и да го подобри расположението. Меѓутоа, чоколадото што најчесто се продава во продавниците е полно со шеќер.

Сепак, експертите велат дека може да се јаде малку чоколадо бидејќи целосното одвикнување може да ги влоши прехранбените навики, пишува „Сан“. Весникот наведува и неколку причини зошто треба да се јаде чоколадо.

За подобро расположение

Се чувствуваме добро кога јадеме чоколадо, а тоа најверојатно е последица на зголеменото лачење на ендорфините, допаминот и серотонинот. Едно истражување покажало дека лицата што јадат чоколадо се помалку депримирани.


Фото: Pixabay

Добро е за срцето

Чистото какао е полно со соединенија за кои се верува дека ја подобруваат циркулацијата, го намалуваат крвниот притисок и нивото на холестерол. Едно истражување покажало дека јадењето најмногу три чоколади месечно може да го намали ризикот за срцева болест за 13 отсто. Сепак, експертите предупредуваат дека јадењето премногу чоколадо го зголемува ризикот од срцева болест за 17 отсто.

Добро е за мозокот

Чоколадото содржи природни состојки што ја стимулираат работата на мозокот, но треба да се внимава на шеќерот. Во едно истражување испитаници што јаделе какао имале подобри резултати при решавање проблеми отколку другите испитаници.


Фото: Pixabay

Го намалува ризикот за Алцхајмерова и Паркинсонова болест

Некои експерти велат дека има поврзаност помеѓу чоколадото и овие две болести поради флаванолите и кофеинот што ги содржи чоколадото, а кои го чуваат здравјето на мозокот.

Помага во слабеењето

Звучи неверојатно, но истражување објавено годинава покажува дека консумирањето чоколадо за појадок или пред спиење помага во слабеењето бидејќи ви помага да ја задржите мотивацијата. Истражувањето било спроведено на 19 жени во постменопауза.


Фото: Pixabay

Друго истражување од 2014 г. спроведено на лабораториски глувци покажало дека антиоксиданс кој го има во какаото ги спречува глувците да се здебелат кога јадат храна со многу маснотии.

Ги штити кожата и коските

Германски истражувачи откриле дека производите со какао се извор на витамин Де, кој е основен за здравјето на кожата, коските и имунитетот. Според истражувањето, најмногу од витаминот има во путерот од какао и темното чоколадо.

Извор: The Sun
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје