X
 21.12.2015 Култура

Зошто „Малиот принц" е книга за сите времиња?

Постојат милион причини зошто „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери е најчитаната и најпреведуваната книга напишана на француски јазик, зошто е прогласена за најдобра книга на 20-от век, зошто е преведена на 250 јазици и дијалекти, зошто ширум светот се продава во повеќе од 1 милион примероци годишно и зошто е продадена во 200 милиони примероци досега. 

Ви откриваме неколку причини со надеж дека книгата ќе ја земете по прв, втор, петти или кој знае кој пат.


Затоа што е приказна за сите генерации


„Малиот принц“ е универзална, а едноставна приказна, актуелна кога за прв пат е објавена во 1943 година, во текот на Втората светска војна, кога современата цивилизација од ден во ден ги „јадеше“ најважните човечки вредности.

Приказна за детството, мечтаењето и неизбежното растење. За подготовката за светот во возрасните кој ги збунува сите деца бидејќи овој свет е толку грандиозен, важен и толку болен. Приказна за детето во секој нас и за возрасниот човек во секое дете.

Затоа што е буквар од животни лекции

Ќе ве потсети животот да не го гледате површно, туку да изгребете малку под површината. Да не ги криете вистинските чувства за да не го изгубите она што е највредно. Прво да се преиспитате себеси пред да им судите на другите. Да не бидете самобендисани и да не барате од другите постојано да ви кажуваат колку сте убави. Да ги следите вашите инстинкти и да бидете отворени за нови искуства. Да го цените она што го имате бидејќи е незаменливо. Да не заборавите да уживате во секој момент.

Било која страница да изберете и каде и да прочитате, ќе пронајдете вистина. „Си беше еднаш еден мал принц и живееше на планетата која е малку поголема од самиот тој, а му беше потребен пријател...“ Оние кои го разбираат животот нема да им биде тешко да сфатат.


Затоа што ја враќа надежта во подобро утре

Читајќи ја книгата, ќе ја прочитате најсуровата критика на современиот свет, светот на возрасните луѓе, светот кој не ја сфаќа едноставната вистина - дека работата, пријателството и љубовта, се вредности без кои не можете да живеете. Но на крајот ќе почувствувате силна порака која ја враќа надежта дека во морето на пијаните, студените и себични постојат и оние кои ја сфаќаат силата и значењето на вистинските вредности.

Затоа што за оваа книга не важи изговорот дека немате време за читање

Ако земеме во предвид дека книгата има околу стотина страни, дека ви се потребни 30-тина секунди за да прочитате една страна, јасно е дека целата книга може да се прочита за помалку од еден час. Па, додека чекате во некој ред или се возите во автобус, книгата во рака!
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура