X
 22.06.2025 Живот

Најубавото метро во Европа е под Неапол

Длабоко под раздвижената улица „Виа Толедо“ има нешто што ја надминува секојдневната претстава за метро. Станицата Толедо, отворена во 2012 година, е прогласена за најубава метро-станица во Европа.

Нејзиниот дизајн, осмислен од каталонскиот архитект Оскар Тускец Блан, комбинира функционалност, современа уметност и поетска визија за морето, сите лоцирани 50 метри под површината.

Влегувањето во станицата Толедо не е само физичко спуштање под земја, туку е патување низ светлината, бојата и историјата. Главната тема на дизајнот на станицата е водата, а искуството се интензивира како што се спуштате подлабоко: од топли, земјени тонови што потсетуваат на неаполската почва до длабоки сини нијанси што го евоцираат чувството дека сте потопени во морето. Оваа транзиција се доживува и визуелно и емоционално.


Во центарот на станицата се наоѓа „Кратер де Луз“, голем конусен отвор што продира во сите нивоа и ја пропушта природната светлина од површината. Оваа светлосна инсталација не само што осветлува, туку и создава впечаток дека сте под отворено небо, и покрај тоа што е опкружена со бетон и керамика.

Станицата е дом и на значајни уметнички дела. Меѓу нив се издвојуваат два мозаика од познатиот јужноафрикански уметник Вилијам Кентриџ, кои црпат мотиви од неаполската историја и симболика. Прикази на поворки, коњи, ликови од револуцијата од 1799 година, сите изгледаат речиси кинематографски, како да шетате низ историјата додека чекате метро.

Но, можеби најмагичниот дел е „Морска галерија“, долг ходник украсен со ЛЕД-инсталации кои симулираат бранови и игра на светлината во водата. Ова светлосно искуство создава речиси медитативна атмосфера, сосема необично за фреквентен простор како метрото.

Станицата Толедо е дел од поширокиот проект „Уметнички станици“ (Le Stazioni dell’Arte), во кој учествуваа повеќе од 90 уметници од целиот свет, а целта беше метрото во Неапол да се трансформира во јавна галерија на современа уметност. Успехот на проектот е потврден со многу награди, вклучувајќи ја наградата „Лиф“ за најдобар јавен проект на годината и место на листите со најубавите метро-станици според престижни медиуми како што се Си-ен-ен и „Телеграф“.


Кога уметноста и архитектурата се спојуваат со град во движење, се создава нешто како Толедо, најубавото метро во Европа, скриено длабоко под Неапол.

Извор: 24sata.hr

Фото: Wikipedia/Instagram

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот