Во знакот на големата манифестација Европска ноќ на истражувачите 2026, УКЛО подготвува богата програма на интерактивни активности и средби со научници и истражувачи. За значењето на европскиот настан, за интересот на новите генерации за истражувачка работа, поддршката што УКЛО им ја обезбедува на студентите, како и за можностите што ги отвора членството на Универзитетот во европската универзитетска алијанса КОЛОРС, разговаравме со проректорот за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Горан Илиќ.
УКЛО КОЛОРС: Годинашното мото на Европската ноќ на истражувачите е „Избери наука! Градење на општеството преку наука и иновации“ и УКЛО за битолската јавност за овој настан подготви извонредно богата програма.
Настанот е одлична платформа за популаризација на науката. Забележувате ли кај поновите генерации студенти во Битола зголемен интерес за истражувачка работа или сè уште доминира перцепцијата дека науката е „тешка и резервирана само за во кабинетите“?
Проректор Горан Илиќ: Стереотипот дека научно истражувачката дејност е херметички затворена област, резервирана исклучиво за професорските кабинети или за тесен круг луѓе, го губи своето значење. Новите генерации се дигитално писмени, брзо пристапуваат до глобалните извори на знаење и имаат природен инстинкт да го преиспитуваат светот околу себе.
Она што особено го забележуваме кај денешните студенти е фактот дека нивниот интерес за наука не се буди преку класични, суви теоретски предавања, туку преку конкретна применливост и општествена релевантност. Студентите реагираат позитивно кога истражувањето опфаќа теми од нивното секојдневие и иднина: дигитализацијата, практичната примена на вештачката интелигенција, енергетската и зелената транзиција, локалниот развој и современите општествено-правни и политички предизвици. Кога науката ќе се демистифицира и ќе се покаже како практична алатка за решавање реални проблеми, стравот исчезнува, а на негово место доаѓа истражувачката љубопитност.
Сепак, кај дел од студентите сè уште преовладува доза на резервираност или недоволна самодоверба, чувство дека патот до научен труд или проект е тежок и сложен. Токму затоа, стратешката определба на раководството на УКЛО е институционално да ги отвори вратите. За таа цел:
• Ги охрабруваме студентите уште во првиот циклус на студии да се вклучат во истражувачки тимови, студентски конференции и научни работилници.
• Овозможуваме учество во меѓународни и европски проекти, преку кои студентите добиваат можност за вмрежување со странски колеги, стекнување практични лабораториски вештини и пристап до отворени ресурси и реномирани бази на податоци.
• Организираме настани од ваков тип, кои се клучни затоа што ја изнесуваат науката надвор од традиционалните амфитеатри, докажувајќи дека истражувачот денес е иноватор и двигател на промени.
Нашата институционална одговорност е постојано да создаваме плодна почва и менторска поддршка, со цел студентот да не биде само пасивен консумент на наставните програми, туку рамноправен творец на новото научно знаење.
УКЛО КОЛОРС: Како УКЛО ги поддржува студентите? Кои се конкретните механизми со кои Универзитетот во моментов ги стимулира студентите од сите циклуси на студии да започнат со сопствени научноистражувачки проекти?
Проректор Горан Илиќ: Поддршката на студентите и на младите истражувачи на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола не е само декларативна заложба, туку суштински стратешки столб на нашето академско дејствување. Нашата цел е јасна: да создадеме амбиент во кој студентот нема да биде само пасивен слушател, туку активен креатор на ново научно знаење, со развиена критичка мисла и љубопитност. За таа цел, на УКЛО развиваме структурирани механизми што ги опфаќаат сите три циклуси на студии:
На ниво на додипломските студии (прв циклус), фокусот ни е да го разбудиме истражувачкиот инстинкт. Тоа го постигнуваме преку организирање студентски научни конференции и други активности, како на ниво на универзитетот, така и во рамките на неговите единици, каде што студентите за првпат имаат можност јавно да ги презентираат своите заклучоци и да дебатираат. Истовремено, силно го поттикнуваме менторскиот концепт „професор – студент“, каде што поквалитетните семинарски и дипломски работи не завршуваат само во архивите, туку се надградуваат во коавторски научни трудови со кои студентите настапуваат на научни собири. Сведоштво за тоа е и создавањето на првото меѓународно научно студентско списание „Нови хоризонти“, како официјално издание на УКЛО (https://ojs.uklo.edu.mk/index.php/nhjsr/index).
Кај постдипломските и докторските студии (втор и трет циклус), тежиштето се става на практичната применливост на истражувањето и неговото поврзување со реалниот сектор и општеството. За да им овозможиме поголема видливост, обезбедуваме отворен простор за објавување на резултатите од нивните истражувања во меѓународното научно списание „Хоризонти“ (Horizons – International Scientific Journal) на УКЛО (https://ojs.uklo.edu.mk/index.php/horizons/index). Ова им дава сериозна предност, бидејќи уште за време на студиите се стекнуваат со статус на објавувани автори според меѓународни академски стандарди. Дополнително, нашите докторанди директно се вклучуваат во истражувачките тимови на меѓународни проекти, особено во рамките на Европската универзитетска алијанса COLOURS, стекнувајќи практично искуство во водење комплексни проектни циклуси.
Имено, како рамноправен партнер во престижната Европска универзитетска алијанса COLOURS, УКЛО им отвора на студентите од сите циклуси директен пристап до европски лаборатории, споделени истражувачки платформи и интердисциплинарни истражувачки тимови. Во комбинација со програмите за мобилност (Erasmus+ и CEEPUS), нашите студенти имаат можност за истражувачки престои во странство, што драстично ја проширува нивната научна перспектива.
Со ваквиот сет мерки покажуваме дека истражувачкиот пат на УКЛО не е препуштен на случајноста, туку е поддржан со конкретен, функционален и европски екосистем кој ја претвора секоја амбициозна студентска идеја во реален научен резултат.
УКЛО КОЛОРС: Сведоци сме на одлични студентски и професорски истражувања на единиците на УКЛО. Колку овие проекти успеваат да најдат практична примена во Пелагонискиот регион и бизнис заедницата?
Проректор Горан Илиќ: Кога зборуваме за онаа популарна „трета мисија“ на универзитетот или преносот на знаењето во заедницата, за нас тоа навистина не е само бирократска фраза. Силно сме посветени на тоа да го профилираме УКЛО како универзитет насочен кон заедницата (community-oriented university), а дека сме на вистинскиот пат потврдуваат и конкретните резултати од најновата евалуација на престижната ранг-листа Times Higher Education Impact Rankings 2026. На глобално ниво, УКЛО се позиционираше во рангот од 1001. до 1500. место, но она што нè прави особено горди е успехот во конкретни Цели за одржлив развој. Имено, и за Целта 8, која се однесува на пристојна работа и економски раст (SDG 8), и за Целта 16, за мир, правда и силни институции (SDG 16), влеговме високо меѓу најдобрите, во рангот од 401. до 600. место во светот. Тоа е најдобра потврда дека нашето влијание врз општеството веќе добива сериозна меѓународна препознатливост.
Инаку, во однос на другиот дел од Вашето прашање, можам да кажам дека Пелагонија, но и сите останати градови каде што делува УКЛО, се наш природен, жив лабораториум. Ние не сакаме науката да остане затворена во кабинетите, туку да биде на терен. Ако погледнете што конкретно работиме, врската со стопанството веднаш станува опиплива.
Огромен поттик за сето ова ни дава европската универзитетска алијанса COLOURS. Преку т.н. лаборатории за отворени иновации, буквално ги седнавме на иста маса професорите, студентите, стопанските комори и градоначалниците, за заедно да ги решаваме локалните проблеми. Да бидеме искрени, предизвици секогаш има. Бизнисот често бара инстант-решенија „за утре“, додека науката бара време за темелно истражување. Дополнително, сè уште постои онаа стара навика да се купуваат скапи решенија од странство, наместо да му се верува на домашниот академски кадар. Затоа, мојата порака до стопанствениците е многу едноставна: на УКЛО имаме опрема, и експерти, и одлични млади луѓе со свежи идеи. Отворете ни ја вратата со вашите реални предизвици, ние сме тука да понудиме практични, одржливи и ефикасни решенија за целиот регион.
УКЛО КОЛОРС: Неодамна се инвестираше во нова опрема и ресурси, во СИЦ на УКЛО, тука е и Центарот за ангажирање таленти на УКЛО. Што значи оваа нова инфраструктура за еден студент кој сака да се насочува кон научни истражувања, тука, во Битола?
Проректор Горан Илиќ: Инвестициите во новата опрема во Студентскиот информативен центар (СИЦ) и отворањето на Центарот за ангажирање таленти на УКЛО навистина прават суштинска разлика за студентскиот стандард и академскиот развој во Битола. За секој млад човек што сака да се занимава со наука, ова испраќа јасна и охрабрувачка порака, дека современи услови за истражување веќе постојат и тука, дома. Науката одамна престана да биде работа на изолиран поединец. СИЦ функционира како вистински креативен хаб каде што идни инженери, програмери, биотехнолози, правници и економисти можат спонтано да се сретнат, да дебатираат и заедно да развиваат мултидисциплинарни идеи. Уште поважно е што со Центарот за ангажирање таленти конечно се надминува еден долгогодишен проблем, талентираните студенти повеќе не се оставени сами на себе. Сега постои институционална поддршка што навреме го препознава потенцијалот, нуди конкретно менторство и отвора реален пат за развој во науката. Сето ова практично го брише оној стар географски хендикеп дека за сериозен успех или иновација мора да се замине во главниот град или во странство. Кога на располагање имате модерна опрема, дигитални ресурси и тим што ви помага да ја развиете идејата од почетна замисла до готов научен труд или стартап, Битола природно станува место каде што младите сакаат да останат и да создаваат знаење — а тоа е правец што дефинитивно мора да продолжи да се развива!
УКЛО КОЛОРС: УКЛО одржува Годишна Меѓународна студентска конференција. Заинтересираноста на студентите за учество е показател дека на младите науката им e блиска.
Проректор Горан Илиќ: Огромниот интерес и масовниот одѕив за Годишната меѓународна студентска конференција на УКЛО, во рамките на европската алијанса COLOURS, е најсилниот емпириски демант на предрасудата дека новите генерации се пасивни или незаинтересирани за наука. Напротив, овој настан покажа дека младите имаат исклучителен истражувачки порив за знаење, сè што им беше потребно е кредибилна, отворена платформа.
Конференцијата донесе вистинска европска димензија, ги надмина локалните рамки и покажа храброст за интердисциплинарност и актуелни теми. За огромен број од учесниците, ова беше и прво автентично академско „крштевање“: прв сериозен судир со методологијата на пишување научен труд, рецензентската постапка, јавната одбрана пред научна комисија и директниот дијалог со публиката.
Ваквиот интерес е најголемото признание за универзитетот, но истовремено и сериозна обврска. Научната љубопитност кај младите не смее да биде инцидентна појава; наша должност како раководство е континуирано да создаваме современ простор и услови каде што нивните амбиции ќе можат слободно да се развиваат и артикулираат.
УКЛО КОЛОРС: Тука се и годишните конференции за докторанди на УКЛО. Што е она што најмногу им недостига на младите истражувачи во Македонија во моментов - дали се тоа фондови, лаборатории или мотивација и како УКЛО го решава тој јаз?
Проректор Горан Илиќ: Ако треба отворено да ја дијагностицираме состојбата во домашниот академски простор, мотивацијата е последното нешто што им недостига на младите истражувачи во Македонија. Напротив, кај нашите докторанди постои извонреден интелектуален потенцијал, автентична љубопитност и силна желба за докажување. Она што суштински недостигаше досега е системски и рамномерен пристап до современа истражувачка инфраструктура и лаборатории, предизвик што активно го надминуваме на неколку фронтови. Дури и кога одредена специјализирана лабораторија или опрема во моментот не е достапна во Битола или во земјата, нашите докторанди веќе не се ограничени од локалните капацитети. Преку европската алијанса COLOURS, на младите истражувачи им се отвораат вратите на лабораториите и споделените научни ресурси на реномирани универзитети во Германија, Франција, Шпанија, Италија и другите партнерски земји. Локалните ѕидови се надминати, а европскиот истражувачки простор станува нивна секојдневна работна средина.
Во таа насока, Годишната конференција за докторанди на УКЛО е конципирана да биде многу повеќе од формален академски настан. Таа е вистинска академска лабораторија каде што докторандите учат како отворено да ги бранат своите тези пред авторитетни професори, да прифаќаат конструктивна критика и да ги изострат своите аргументи пред да излезат на меѓународната сцена. Тоа гради научна самодоверба и го елиминира стравот од рецензентските постапки. Јазот во материјалните ресурси е реален, но тој не смее да биде изговор за академска стагнација. На УКЛО секојдневно докажуваме дека со паметно вмрежување, интернационализација и посветено менторство, секој млад македонски истражувач може да создава наука релевантна и рамноправна на европско ниво.
УКЛО КОЛОРС: УКЛО е дел од престижната европска универзитетска алијанса КОЛОРС. Како ова партнерство директно им помага на студентите да се вклучат во меѓународни истражувачки тимови и да добијат пристап до европски лаборатории и фондови?
Проректор Горан Илиќ: Членството на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во европската универзитетска алијанса COLOURS претставува веројатно најголемиот институционален и квалитативен исчекор во поновата историја на нашиот универзитет. Стоејќи рамноправно, рамо до рамо со реномирани европски универзитети од Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, Полска, Хрватска и Летонија, практично целосно го трансформиравме концептот на студирање во Битола: нашите студенти повеќе не се само дел од локален универзитет, туку граѓани на заеднички европски академски кампус од преку 120.000 студенти. Ова партнерство не е само протоколарно, туку носи директни и конкретни придобивки за секој млад човек со истражувачки афинитет. Тоа значи отворен пристап до споделена европска истражувачка инфраструктура, вклучување во мултинационални истражувачки тимови и т.н. “Living Labs”, како и директно користење на европски фондови за целосно финансирани краткорочни и долгорочни мобилности. Освен тоа, нашите истражувачи добиваат можност за европско коменторство, што директно води кон меѓународно признати публикации. Суштината на COLOURS за еден млад истражувач во Битола е многу едноставна: ја елиминира потребата од трајно напуштање на сопствената земја (“brain drain”) за да се изгради релевантна научна кариера. Наместо тоа, овозможуваме автентична циркулација на знаење и мозоци (“brain circulation”), студентот останува дома, гради овде, а истовремено пред себе ги има широко отворени сите врати на европската научна сцена.
УКЛО КОЛОРС: Како професор и проректор за наука во втор мандат, што би им порачале на младите – зошто вреди да се „избере наука“ и да се гради кариера како истражувач во сопствената земја?
Проректор Горан Илиќ: Да се избере науката како животен пат значи да се избере највозбудливата форма на интелектуална слобода, слободата да се поставуваат прашања таму каде што другите гледаат готови вистини, постојано да се учи и директно да се создава нова вредност.
Од перспектива на професор и проректор за наука во втор мандат, сведок сум на длабока промена во академскиот пејзаж: науката одамна престана да биде заложник на географските граници. Денес, градењето истражувачка кариера во сопствената земја веќе не значи изолираност или професионален компромис, туку исклучителна шанса да се биде двигател на промени од прва линија. Вреди да се чекори по овој пат токму овде затоа што нуди моќ да оставите реален, мерлив печат дома, отвора простор за пионерски потфати и брза академска видливост, а овозможува и европска кариера од сопствениот дом, преку вистинска циркулација, а не одлив на мозоци.
Научната кариера не е спринт, туку возбудлив маратон што бара трпение, интегритет и многу љубопитност. Но, таа ви дава нешто што ниедна рутинска професија не може да го понуди: шанса да бидете слободни градители на сопствената иднина.
Науката ви ја дава најмоќната алатка за општествена трансформација. Верувајте во сопствениот интелектуален потенцијал, искористете ги можностите што ги отвора универзитетот и бидете генерацијата што ќе докаже дека врвно, меѓународно признаено знаење може и мора да се создава токму овде, дома.
Науката, како што порачува проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ, не е само професија или академски пат, туку простор за љубопитност, слободно размислување и создавање нова вредност. А кога младите ќе ги добијат условите, поддршката и можностите да ги развиваат своите идеи, науката може да стане сила што ги поврзува Универзитетот, градот и заедницата со европскиот истражувачки простор. Токму во тоа е и пораката на „Избери наука!“