X
 22.10.2021 Живот

Со насмевка до програмер: Кампањата на една српска компанија ги насмеа сите

Познато е дека ИТ-секторот се развива многу брзо и дека е еден од најпопуларните кога станува збор за изборот на саканата професија.

Бројот на ИТ-компании во Србија расте, но расте и побарувачката за програмери. Брендирањето на работодавците е составен дел од оваа потрага по персонал, а може да се направи и на хумористичен начин - покажа новосадската компанија „ИТ енџин“.

Кон крајот на септември на социјалните мрежи се појави видео со тема „Интервју на човечки ресурси со јуниор девелопер“, а по две недели и интервју со сениор. Главни актери на скицата се Милош Милаковиќ и Наташа Мрѓа, кои на комичен начин прикажаа како не се одржува интервју за работа.
 
Имено, кампањата почна со интервју за работа со јуниор (Милош Милаковиќ) и личност од човечки ресурси (Наташа Мрѓа). Видеото покажува дека кандидатот е подготвен на сѐ само за да започне кариера во ИТ-индустријата. Пораката на крајот од видеото е: „Ова НЕ е интервју за работа. Дојдете кај нас и видете како го правиме тоа“.



Брендирање во ИТ-секторот на сосема поинаков начин

Во ИТ-индустријата брендирањето на работодавците е од големо значење бидејќи голем број компании што работат во Србија бараат нов кадар.
 
„ИТ енџин“ е компанија од Нови Сад која се занимава со развој на софтвер веќе 10 години и нејзиниот тим во моментов се состои од 43 вработени, а тие работат со клиенти кои претежно се од Швајцарија, Холандија, Шведска, Германија и Америка.

Кампањата, која почна кон крајот на септември, предизвика многу коментари на социјалните мрежи, а на кој начин тимот на „ИТ енџин“ дошол до оваа идеја, објаснува извршниот директор Бојан Зрниќ.
 
- По 10 години постоење без маркетинг и онлајн рекламирање, сакавме да направиме нешто сосема поинакво од она што моментално е присутно на социјалните мрежи. Идејата беше да го претставиме преку смешни видеа и нашата маркетинг-менаџерка, Милана Божичиќ, која стои зад кампањата, дојде до одлична идеја да почнеме соработка со сценаристите Милош Милаковиќ и Васили Гломажиќ и нивниот тим, бидејќи би биле одлични за нашата целна група. Така и беше - вели Бојан Зрниќ, додавајќи дека идејата за поинаков пристап кон маркетингот дошла од секојдневната работа со колеги кои уживаат во одлична атмосфера, што го потврдува нивното мото „Само лесно“.


Бидејќи се работи за кампања за брендирање на работодавци, на крајот од двете видеа се наоѓа е-адресата hr@itengine.rs на која секој кандидат може да испрати свое резиме, а за кои позиции може да се пријавите, погледнете ја страницата за кариера на „Ит енџин“.

Извор: 021.rs
Фото:  Screenshot/Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот