X
 22.11.2018 Образование

Со 10 златни и 9 сребрени медали од „Јејл“ ќе се вратат учениците-дебатери од Струмица

Иако до пред два месеца патувањето во САД им беше неизвесно зашто немаа доволно пари, осумтемина ученици и нивните професорки од гимназијата „Јане Сандански“, сепак, успеаја и гордо ја претставија Македонија

Вкупно 10 златни и 9 сребрени медали освоија тимовите на струмичката гимназија „Јане Сандански“ на финалето на Светскиот ученички куп, кој синоќа заврши на Универзитет „Јејл“ во Њу Хејвн, Конектикат. Осумтемина ученици под менторство на професорките Верица Јанкова, Виолета Николова и Катерина Калева-Ташева успешно ги претставија и училиштето и Македонија со своите успеси, велат од училиштето. Учениците се квалификуваа за финалната рунда преку квалификациите во Струмица и полуфиналната рунда во Барселона, Шпанија.


Ова не е прв нивен успех. Лани оттаму се вратија со четири златни медали.
Во септември ученици се пожалија дека им е неизвесно патувањето на престижниот универзитет од финансиски причини. Факултети.мк ги поддржа во нивната мисија и ја објави нивната приказна. На голема радост, се појавија фирми, поединци, кои им подадоа рака и младите дебатери од Струмица им се придружија на нивните врсници од цел свет, иако и нивните семејства мораа да покријат дел.
Од околу 14.000 долари што беа потребни, собравме околу 4.000. Генерално спонзорствата беа од фирми во Струмица и од Гевгелија, а добивме одредена сума и од Општина Струмица, објаснуваат учениците од ова училиште.


- Благодарение на вашата статија, со помошта од Даниел Николоски и неговата фирма, обезбеден ни беше превозот од аеродромот во Њујорк до хотелот во Милфорд, Њу Хејвн, и назад - ни изјави ученичката Бојана Венинова, која е дел од тимот.
На Светскиот куп е потпишан и договор за соработка според кој локална рунда на овие средби во кои се дебатира на различни теми веќе секоја година ќе се одржува во Струмица, велат од училиштето.
Првата рунда се одржа во април годинава, а учествуваа 400 ученици од Македонија и од регионот.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование