Трендот на купување недвижности на грчкото крајбрежје од страна на македонските граѓани, кој почна по ковид-пандемијата, а кулминира во 2024 година, сега се сели и во другите соседни земји - Албанија и Србија.
Македонците сѐ повеќе купуваат недвижности во овие три земји, но сега причината не е само уживањето во одморот, туку е повеќе бизнис, односно потенцијалните купувачи гледаат да остварат приходи со изнајмување или со продажба на недвижноста по одредено време со оглед дека цените на станбениот квадрат рапидно растат и кај нас и во соседството.
Македонците најмногу купуваат во Грција поради географската близина, топлата клима, прифатливите цени и начинот на живот кој има многу сличности, но е далеку поквалитетен од нашиот. На плажите крај Солун и полуостровот Халкидики се стигнува во просек за три-четири часа од која било точка во Македонија, што ги прави недвижностите атрактивни за викенд-посета или викенд-изнајмување.
Цените на недвижностите во Грција постепено закрепнуваат и растат, што на купувачите им дава сигурност дека нивната инвестиција ќе се зголеми во вредност. Па така, оној што купил стан во Солун или на Халкидики пред 10 години за 40.000 евра, сега може да го продаде за 120.000 евра, што е добар профит за стан кој бил амортизиран само 10 години.
Според некои агенции за недвижности, македонските граѓани најмногу купуваат имот во Солун и крајбрежните места на Халкидики поради нивната близина и достапност. Велат, купувањето имот во Грција се смета за сигурна инвестиција, безбедна со оглед дека земјата е членка на ЕУ и на НАТО, но и поради правната сигурност и стабилните услови.
Како се движат цените на недвижностите во Грција?
Според информациите од нашите агенции кои нудат станови на продажба во Солун, Атина и Халкидики, македонските граѓани најмногу бараат помали имоти и се подготвени да платат од 60 до 70.000 евра, но според сегашните просечни цени, за тие пари може да се најде само еднособен стан кој не е во близина на морето.
Цените на недвижностите на Халкидики варираат во зависност од локацијата и близината до плажата. На полуостровот Касандра просечните цени на становите се движат од 1.800 до 3.000 евра за квадратен метар, додека на Ситонија се малку пониски и се движат од 1.500 до 2.500 евра за квадратен метар. На полуостровот Атос, кој важи за малку помирно и порурално место, цените се движат од 1.200 до 2.000 евра за квадратен метар, додека новата градба на популарни локации може да достигне од 3.500 до 4.000 евра за квадратен метар.
Солун е најатрактивен град во кој Македонците купуваат имот. Градот нуди богат културен живот, шопинг, туризам и е на само 70-ина километри од македонско-грчката граница.
Цените на недвижностите во Солун се движат од 2.000 до 2.500 евра за квадратен метар во популарните делови на градот. Во централните области, како Ано Поли и Лададика, цените можат да достигнат и до 3.000 евра за квадратен метар, додека предградијата и помалку популарните области се попристапни, а цените почнуваат од 1.700 евра за квадратен метар.
Неа Каликратија, мало популарно место за Македонците кое се наоѓа на почетокот на првиот крак Касандра, нуди цени од 1.300 до 2.200 евра за квадратен метар, но без директен излез на плажа. Во првиот ред некои апартмани може да достигнат цена од 3.000 евра за м2.
Паралија, исто така, е популарна населба која се наоѓа во областа Пиреја на автопатот Солун-Атина. Можеби нема кристално чисти плажи, но до неа се стигнува побрзо од Македонија и нема метеж како на Халкидики. Цените на недвижностите во Паралија се движат од 1.500 до 2.500 евра за квадратен метар, додека становите во близина на плажа можат да достигнат цена и до 3.000 евра за квадратен метар.
Во Полихроно, на првиот крак, познато место по ноќниот живот, еден наместен стан од 42 м2 со поглед на море се продава за 105.000 евра, а простран кат од 93 м2 во куќа со 6 соби и поглед на море се продава за 167.000 евра. Цените се движат од 1.700 до 2.800 евра за квадратен метар.
Во првиот квартал од 2025 година, областа Касторија во Грција е на врвот на листата со најевтини области во Грција за купување недвижен имот. Тоа е ретко населена област која заостанува во некои основни аспекти - како што се здравствените услуги.
Според податоците објавени од грчкиот пребарувач за недвижности „Спитогатос “, просечната цена по метар квадратен во Касторија е 518 евра. Ова значи дека може да се купи стан од околу 100 квадратни метри за помалку од 70.000 евра, ако се вклучат дополнителните трошоци.
Зад Касторија, со значително повисока просечна цена, но сепак во групата на прифатливи области е Кожани со 625 евра за квадратен метар, по што следуваат Лерин, Кукуш и Кардица.
Според „Спитогатос“, првиот квартал од 2025 година беше обележан со значително зголемување на цените на продажбата и изнајмувањето на становите. Просечната цена се зголеми за 8,8 % во споредба со истиот период во 2024 година, додека во споредба со четвртиот квартал од 2024 година е забележано зголемување од 3,1 %. Цените за изнајмување станови се зголемија за 6,7 % на годишно ниво, додека квартално се зголемија за 3,7 %.
Србија
Странците сè повеќе се одлучуваат да купат недвижен имот во Србија, пред сè, во Белград и во Нови Сад. Податоците на тамошниот Републички геодетски завод (РГЗ) покажуваат дека уделот на странските државјани за една година е речиси двојно зголемен, а интересно е тоа што токму Македонците се меѓу најголемите купувачи на куќи и станови во Србија од земјите во регионот. Македонците најчесто купуваат куќи кои би можеле во иднина да се доградуваат.
Во моментов цените на становите во Србија, особено во Белград и во Нови Сад, за мнозинството граѓани се исклучително високи и се движат од 2.500 до 10.000 евра за квадратен метар.
Албанија
Албанија се истакнува како популарна дестинација за купување недвижности поради своите примамливо ниски цени.
Со цени кои започнуваат од околу 40.000 евра за стан од педесет квадрати, оваа земја привлекува не само Македонци, туку и други странски инвеститори кои бараат поволни можности за купување недвижности на море.
Колку за споредба, во Грција цената на квадратен метар најчесто надминува 1.500 евра, што ја прави Албанија значително поатрактивна опција за многу купувачи.
Во Драч цените на становите се движат од 800 до 1.500 евра за квадрат во центарот, од 800 до 1.100 евра за м2 во другите населени места околу градот. Во Валона може да се купи стан по цена од 900 до 1.100 евра за м2 во централното градско подрачје, а во периферијата може да се најаде и за 800 евра за квадрат.
Во монденското излетничко место со најубави плажи во Албанија - Дерми цените на квадратот се движат од 1.100 до 2.500 евра во зависност од квалитетот на градбата и нејзината местоположба. Во Саранда цените се движат од 1.000 до 1.500 евра за м2.