X
 04.02.2022 Наша тема

Oсвен дигитални, за основците ќе има и печатени учебници, најавува во интервју за Факултети.мк министерот за образование Јетон Шаќири

Еден од главните приоритети ми е подготовка на нова стратегија за образование која ќе биде прифатена од сите и ќе ја применува секој следен министер. За многу кратко време ќе почнеме да ја правиме. Поентата е да се вложува во наука, во лаборатории. Буџетот за наука и истражување расте, но сепак сакам да ги посетам универзитетите и да видиме каде и што е потребно, со цел да придонесеме за поквалитетно високо образование, вели Шаќири

Ресорот во кој се сменија најмногу министри во последниве години и во кој постојано се воведуваат експерименти, од кои, пак, традиционално подебелиот крај го извлекуваат учениците, го наследи триесет и петгодишниот Јетон Шаќири. Професорот на Меѓународниот универзитет во Струга е петнаесеттиот по ред министер за образование и наука. Во интервју за Факултети.мк вели дека е свесен за сложеноста на образовниот систем, но дека има волја да ги поправи работите. За тоа што ќе се менува и што ќе работи, открива Шаќири во овој разговор.

Од неодамна сте прв човек на ресорот-столб во државата, кој е прилично комплексен, па поради тоа бара многу време, енергија и ресурси за да се менаџира како што треба. Ќе одговорите ли на проблемите и на предизвиците?

- Штом веќе ја имам прифатено задачата да бидам на оваа позиција, со задоволство ги прифаќам сите предизвици. Образованието е најважното нешто што го имаме и е многу важен фактор, па сметам дека тука сите можеме да придонесеме. Овде зборуваме за најважните личности, нашите деца. Сите ние сме биле дел од ова образование. Мислам дека со добра волја и заеднички придонес ќе биде подобро. Од првиот работен ден на оваа функција се сретнав со сите директори од сите институции – Државниот просветен инспекторат, Бирото за развој на образование, Државниот испитен центар, стручното образование. Она што ќе биде главно во мојата програма е директниот контакт со сите што се дел од образовниот процес. Мојата намера е да ги посетам сите основни и средни училишта и високообразовните установи. Сакам да сум присутен за да ги чујам проблемите и успесите на сите. Ќе бидам присутен и во студентските домови бидејќи студентскиот стандард е многу важен. Сакам студентите да се чувствуваат достоинствено, па без најава ќе ги посетувам за да бидам поблиску до нив. Сметам дека така полесно ќе ги решаваме проблемите, со присуство на терен. И друго нешто што ми е многу важно е да има стратегија за образование. Веќе имаме направено стратегија за 2018 – 2025 година, ќе ја разгледам, но сакам да направам една долгорочна стратегија и без оглед на промената на министрите, таа да биде водилка за секој министер. Отворен сум да соработувам со сите партии, сите високообразовни институции, сите експерти и професори, сите што мислат различно. Само така може да се решаваат проблемите.



Дали ја прочитавте Концепцијата за основно образование и дали ќе продолжи да биде дел од образовниот систем?

- Ја имам разгледано, од првиот ден се вклучив во тоа. Ако ги разгледаме концепцијата и јавните дискусии, има неколку гледишта од содржински аспект, програмите за 1. и 4. одделение и делот на реализација. По новата концепција учат децата во прво и во четврто одделение. Ова значи дека децата што лани биле трето одделение продолжиле во четврто да учат по нова концепција. Оваа година почнуваме во второ и петто. Како концепција ја прифаќам, но има неколку варијанти, односно ќе се видат разликите, придобивките и проблемите, па врз основа на тоа ќе се прават измени. Можеби ќе има промени, но ќе се чујат сите професори и наставници. Од друга страна, дигиталните учебници почнуваат од четврто одделение. Имаме простор во овој период да комуницираме со локалните самоуправи, колку се подготвени за дигитални учебници, односно ќе треба да одлучиме и за дигиталните и за печатени учебници. Ќе имам предвид и сакам сите деца да имаат учебници, материјали. Треба убаво да се види Законот за учебници, да се види со БРО и со Педагошката служба. Нека има дигитални учебници, но јас сум поборник да има и печатени учебници и материјали.

Имаше многу реакции околу второто полугодие, дали да почне со физичко присуство или онлајн. Настрана ставот на УНИЦЕФ, дали лично Вие сте уверени дека наставата со физичко присуство е вистинскиот потег во време кога имаме и по 2.000 ковид-случаи дневно, а неофицијално бројката е многу поголема?

- Неколку пати јавно имам кажано дека поддржувам настава со физичко присуство. Веќе две години и неколку месеци сме во пандемија. Во почетокот имавме различна ситуација отколку сега. Ако разгледаме некои европски земји, на пример, Франција и Германија, на почетокот од пандемијата кога се затворија многу сектори, тие како главна цел имаа наставата да продолжи со физичко присуство. Ние добиваме препораки од Комисијата за заразни болести, лани имаше препорака за онлајн, сега има одлука наставата да е со физичко присуство. Од друга страна, мене лично образовниот сектор ми е многу важен. Многу анализи во различни земји покажаа дека децата покажуваат послаби резултати, односно дека потешко учат, на пример, по математика ако наставата е онлајн. Јас сум во постојана комуникација со учениците и наставниците. Еве сега од почетокот на второто полугодие има отсуства, но не значи дека сите се отсутни поради ковид, можеби имаат и сезонски грип. Процентот на отсуства е 0,15 отсто на ниво на држава. Кај вработените во образовните институции тој процент е 0,84. Важно е да се почитуваат протоколите, а веќе е докажано дека имаме повеќе придобивки од физичкото присуство во споредба со онлајн.

Нашиот образовен систем е сѐ понеквалитетен, излегуваат сѐ понеписмени генерации, а тоа се потврдува и на меѓународните истражувања. На што се должи ова и што ќе направите за да ја поправите ситуацијата?

- Мислам дека ова е резултат на времето на глобализација. Јас сум професор, па знам дека сега во многу земји една од точките ставени во фокусот е менаџирањето на времето. Тоа е еден од поважните фактори зашто сите ние со дигитализацијата добиваме повеќе информации, но колку од нив се корисни? Има начин да се поправи проблемот со неквалитетот, ако се има волја. Јас имам волја.



На светските рангирања македонските универзитети се на ниските места. Според Вас, што е причината?

- Тука има неколку фактори, а најважни се наставниот кадар, инфраструктурата и студентите. Најважно е да имаме поподготвен наставен кадар, добра инфраструктура и успешни студенти. Шангајската листа е една од поважните ранг-листи. Во 2018 година, со измените во Законот за високо образование, почна со работа Агенцијата за квалитет на високото образование. Јас досега не сум се сретнал со некој од нив, но ќе имам состанок со директорот на Агенцијата, за да се види работата на Одборот за акредитација и за евалуација. Имаме и Национален совет за високо образование. Со последното рангирање на Шангајската листа се покажува дека сите високообразовни установи кај нас се отворени преку различни програми за размена, а делот на соработка е битен за рангирањето. Ќе ги разгледам сите можности, ќе ги посетам сите ректори, за да ги видам нивните потреби за наставен кадар. Поентата е да се вложува во наука, во лаборатории. Буџетот за наука и истражување расте, но сепак сакам да ги посетам универзитетите и да видиме каде и што е потребно, со цел да придонесеме за поквалитетно високо образование.

Кои ќе бидат Вашите приоритети во работата?

- Институцијата МОН да биде отворена за сите. Не мислам дека досега не беше, но ќе бидам лично подостапен за сите, за наставници, ученици, за сите што се вклучени во образованието. Еден од главните приоритети ми е подготовка на стратегија за образование која ќе биде прифатена од сите, без разлика на промените на министрите. За најбрзо време ќе почнеме да ја правиме. Последната стратегија е направена од ЕУ. Треба да најдеме финансии за новата. Во основно и средно учениците ќе ми бидат најважен приоритет, па потоа наставниците, а во високото образование прво студентите, па професорите. Ќе се залагам за тоа како што имаме програми за развој на учениците, да имаме и програми за развој на наставниците.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема