Одделенскиот наставник Иле Михајловски од Свети Николе е меѓу 50. финалисти што ќе се борат за светската награда од 1 милион долари за наставници (Global Teacher Prize) што ја доделува образовната мрежа „Gems education“ (ГЕМС), иницијатива на фондацијата „Варки“ што ја доделува во соработка со УНЕСКО.
Михајловски е еден од тројцата финалисти од Балканот, заедно со Андреја Павловиќ, наставник по математика од Смедерево, и Данило Ковач, наставник по историја од Бања Лука. Михајловски е 29 години одделенски наставник во школото „Св. Кирил и Методиј “во Свети Николе.
- Сѐ почна со пополнување обемна апликација за која потрошив три и пол недели. Те оценуваат 90 еминентни судии од светот кои се стручни лица од различни области. Не е гласање по социјални мрежи. На прво место се ставени работните постигнувања на наставникот. Нема местенки, нема фаќање врски како што сме навикнати во Македонија. Нема влијание на политика, што е исклучително важно. Без разлика до кој степен ќе дојдеш во таа селекција, те радува моментот дека единствено се важни твоите постигнувања како наставник. Тешкотија при процесот на апликација ми беше скромноста на поединецот. Имав мали сомнежи за тоа дали имам доволно да аплицирам, си велев: „Чекај, ова е на светско ниво, Македонија е мала, потекнувам од мал град, се борам со многу“. Поттик ми дадоа блиски луѓе кои веруваат во мене. Се сметам себеси за скромен човек и затоа колку што сум радосен, толку сум и збунет. Од над 5.000 апликации се најдов на таа топ-листа од 50 наставници - истакна Иле Михајловски за „Факултети.мк“.
Тој бил информиран за процесот на селекција кон крајот на декември и буквално пред новогодишната ноќ имал интервју со тројца претставници кои му поставувале прашања за сегментите од апликацијата што им биле интересни. Му поставиле прашања за неговата инволвираност на процесот на инклузија и работата со децата со посебни потреби, отворањето на дневниот центар за деца со посебни потреби од 1999 до 2007 година.
Платформата која го организира изборот за најдобар наставник на годината го опиша нашиот наставник како посветен работник од Свети Николе, кој е светилник на надеж во образовниот систем кој се соочува со многу системски предизвици. „Неговиот животен пат, обликуван уште од адолесценцијата како дете без родители и страста за уметноста, е обележана со непоколеблива посветеност за поддршка на децата од ранливите категории, поттикнување инклузивно образование и негување на нова генерација емпатични глобални граѓани“, пишува меѓу другото.
Платформата го пофали Михајловски за неговите напори да внесе иновативни методи во процесот на образование на децата.
- Сите сме свесни, особено ние наставниците колку е еродиран македонскиот образовен систем. Јас како наставник кој работи 29 години во училиштето, секој технолошки напредок го зедов предвид за примена во наставата. Бев мастер обучувач за ИКТ во наставата на времето кога тоа почна да се применува. Но, технологијата има и негативна страна и ние ги плаќаме штетите од неа. Кај секоја нова генерација имаме сѐ повеќе ученици со проблеми со моториката, проблеми на говор, екранизам, вештачки симптоми на аутизам со преголема изложеност во виртуелниот свет. Свесно се вршат многу измени во образовните програми и ние како наставничка фела и реализатори, секогаш сме неконсултирани. Многу е важно кога се вршат такви измени, најмногу да бидат таргетирани наставниците за мислење, за правење споредба на програмите, чисто да се одбегне моментот на катастрофални штети од која било неквалитетна наставна програма врз учениците. Грешки во учебниците, слабиот квалитет, сето тоа прави штета на секоја идна генерација што ја вадиме - потенцира Михајловски.
Наставникот од Свети Николе наскоро ќе замине за Дубаи и ќе учествува на завршната церемонија, на која прво ќе бидат прогласени најдобрите десет наставници, а потоа и победникот, кој ќе добие награда од еден милион долари.
- Нескромно би било дека не се надева човек за одење понатаму. На крајот од јануари ќе се формира топ-10 листа, на почетокот на февруари е прогласувањето на победникот. Ова е сериозна награда од сериозна фондација поддржана од УНЕСКО. Пред десет години водител на настанот беше актерот Хју Џекмен. На светско ниво овој настан се смета за наставнички Оскар, за наставничка Нобелова награда. Голема одговорност се и овие топ-50. Да, победникот добива 1 милион долари, тој милион не само на мене, туку на многумина би има решил многу проблеми. Ајде чекор по чекор, мое е да го исполнам тоа што ќе го побараат од мене. Постојат правила кои фондацијата ги бара, како да се однесуваш на сите социјални мрежи, како да се однесуваш во интервју со медиумите. Го потенцираат моментот „биди скромен“. Скромноста значи дека во моментот кога разговарам со вас, јас сум гласник на наставниците во светот. Колку што е убаво, толку е и одговорно - додаде Михајловски.
#GlobalTeacherPrize
#varkeyfoundation
#UNESCO
#GEMSEducation
#TeachersMatter