X
 24.03.2025 Живот

Финска осма година по ред најсреќна земја во светот - каде се балканските држави?

Според новиот Извештај за среќа, објавен под покровителство на Обединетите нации, Финска и оваа година е прогласена за најсреќна земја во светот, осми пат по ред. Веднаш зад неа се Данска, Исланд, Шведска и Холандија, додека првата неевропска држава на листата е Костарика.

Од земјите на Балканот, највисоко рангирана е Словенија, која се наоѓа на 19. место, потоа следува Косово (29. место), Србија (31. место), Босна и Херцеговина (56. место), Црна Гора (71. место), Хрватска (72. место), додека Македонија се најде на 86. позиција од вкупно 147 држави.

Оваа година Извештајот ја испитувал поврзаноста меѓу довербата во другите и чувството на среќа. Експертите намерно губеле паричници на различни локации низ светот, а потоа следеле колку од нив ќе бидат вратени. Резултатите покажале дека луѓето биле двојно пољубезни отколку што очекувале, што укажува на тоа дека вербата во добрината на другите е тесно поврзана со среќата.

Д-р Џон Ф. Хеливел, економист од Универзитетот во Британска Колумбија и еден од авторите на Извештајот, истакна дека резултатите јасно покажуваат дека луѓето се многу посреќни во средини каде што чувствуваат дека навистина се грижат едни за други.

Како се мери среќата?

Во 13. издание на Извештајот истражувачите од Универзитетот во Оксфорд ги замолиле испитаниците да ја оценат сопствената среќа на скала од 0 до 10 - каде што 0 значи најлош можен живот, а 10 најдобар можен живот. Потоа, рангирањето на земјите се засновало на просекот од последните три години.

sreka
Фото: Visual Capitalist

Финска повторно го зазеде првото место со просечна оцена 7,736 од 10, а првпат во топ-10 се најдоа Костарика и Мексико.

Топ-10 најсреќни земји во светот

1. Финска
2. Данска
3. Исланд
4. Шведска
5. Холандија
6. Костарика
7. Норвешка
8. Израел
9. Луксембург
10. Мексико

Клучни наоди од извештајот за 2025 година

Среќата во САД и делови од Европа опаѓа, што е поврзано со намалената општествена доверба и зголемената политичка поларизација.

Заедничките оброци со семејството и пријателите се покажале како значаен фактор за благосостојба. Исто така, бројот на блиски членови на семејството е поврзан со повисоко ниво на среќа.

Д-р Џефри Д. Сакс, претседател на Мрежата за одржлив развој на ОН, вели дека среќата произлегува од довербата, љубезноста и социјалната поврзаност.

- Во време на зголемена социјална изолација и политички поделби, мораме да најдеме начини за повторно поврзување на луѓето бидејќи тоа е клучно за нашата индивидуална и колективна благосостојба - истакнува Јан Емануел де Нев, директор на Оксфордскиот центар за истражување на благосостојбата.

Извор: Vijesti.me
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот