X
 16.10.2020 Наука

Научниците конечно открија зошто светулките синхронизирано трепкаат

Секоја година, во период од две кратки недели во јуни, во шумите во југоисточниот дел на САД се случува неверојатен феномен. Роеви машки светулки трепкаат синхронизирано.

Овој момент е мистериозен исто толку колку што е и убав. Со векови луѓето се прашуваа како овие бубачки успеваат да го координираат нивниот танц со светлината. Објаснувањата беа дека за тоа придонесува ветерот на кој се изложени или чиста случајност. Еден писател во магазинот „Сајнс“ од 1917 година предложил дека станува збор за илузија генерирана од самото трепкање на оној што ги набљудува.

Но, истражувањата покажале дека синхронизацијата е реална. И математичките модели покажаа како се развива синхронизацијата, со текот на времето. Но, механизмот со кој се случува таа механизација останал нејасен.

- Дали светулките се поврзани со нешто што ги тера да сакаат да се синхронизираат? Или дали тоа зависи од нивното опкружување? - вели физичарот Рафаел Сарфати од Универзитетот во Колорадо Болдер.

Сега, ново истражување предводено токму од Сарфати ја откри алката што недостигаше: тродимензионалниот простор.

Откако направил стереоскопско видео од рој светулки во националниот парк Грејт смоки во Тенеси, истражувачкиот тим го реконструирал трепкањето во тродимензионален простор и открил дека не постои некаков чуден вроден ритам на светулката, туку таа се синхронизира со копирање на другите светулки околу себе.

Собирањето податоци се одвиваше во јуни минатата година, а Сарфати и неговите колеги отишле во паркот, поставиле шатори и две камери. Тие снимале колку што е можно повеќе од парењето на светулките. Околу 90 минути на ден, почнувајќи од половина час по зајдисонце, тие снимале како светулките почнале да светат, а потоа да трепкаат по повторена шема; неколку кратки трепкања во низа, проследени со пауза од неколку секунди, проследени со повеќе трепкања. Додека светулките се синхронизирале, светлината како да се бранувала низ теренот.

Исто така, тимот забележал дека ројот се наоѓа на околу два метра над земјата, а формата на ројот внимателно ја следи формата на теренот. Кога тимот изолирал светулки во шаторите, работите станале прилично интересни. Тие го изгубиле чувството за ритамот што се случувал надвор. Тие трепкале спорадично, несинхронизирано со главниот рој. Работите станале уште поинтересни кога во шаторот биле додадени мал број светулки. Со околу 15 светулки, трепкањето и понатаму било непостојано. Но, како што се зголемувал бројот, така тие почнале да пулсираат заедно.

- Кога ќе собереш 20 светулки, тогаш сфаќаш што претходно си гледал во дивината. Има редовни трепкања и сите тие се синхронизирани - вели Сарфати.

Според тимот, ова значи дека синхронизацијата е социјална. Светулките гледаат што прават другите светулки во нивната непосредна близина и реагираат, при што се добиваат бранови светлина.

Што се однесува до прашањето зошто го прават тоа, научниците сè уште не знаат. Постои теорија дека синхронизацијата се развила затоа што интервалите на темнина им овозможуваат на машките светулки да најдат послаб блесок на женските светулки, како еден вид светлосен повик и одговор.

- Овој вид синхронизација се јавува во многу природни системи. Клетките во нашите срца истовремено се свиткуваат и собираат. Невроните во нашите мозоци исто така се синхронизираат - вели физичарот Орит Пелег.

Може да има и практични причини. Синхронизацијата е од витално значење за многу технологии, како што се радиокомуникациите, џи-пи-ес и паралелното сметање. Роботиката со рој е растечко поле, каде што може да се синхронизираат рој мали роботи за да работат заедно како инсекти, со цел да завршат одредена задача.

Освен тоа, откривањето работи за овие навидум волшебни суштества може да помогне и за нивна заштита.

- Многу луѓе имаат позитивни искуства со светулките. Освен тоа, тие се многу кревки. Многу видови се загрозени поради загадувањето со светлината, кое е сѐ поголемо - вели Сарфати.



Извор: Science Alert
Фото: ruiruito/Creatas Video
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука