X
 24.04.2019 Образование

УКЛО одбележува голем јубилеј - на 25 април слави 40 години постоење

По повод чествувањето на јубилејот - 40 години УКЛО и во пресрет на Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола, 25 април, ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски одржа средба со новинарите и ја запозна пошироката јавност со активностите и манифестациите поврзани со овој посебен настан кој се одвива под мотото: „Нашите 40 години“.

Стожерот на јубилејното одбележување е поврзан со свечена академија, која на еден несекојдневен и неконвенционален начин ќе понуди компилација од уметнички перформанс и музички дел, концерт на Влатко Стефановски. Воедно, универзитетот ќе ги пречека гостите и студентите со ретроспективна изложба во фоајето од театарот во Битола, која низ артефакти и вредни фотографии ќе овозможи документаристички увид во четиридеценискиот развој на УКЛО.

Ректорот проф. д-р Сашо Коруновски истакна дека во фокусот на УКЛО првенствено место имаат студентите. Во таа насока, студентската недела на УКЛО беше посветена на креативни настани, ораторски натпревар, работилници и интересни  предавања, но и спортско-рекреативни активности.

Во рамките на достоинственото одбележување на 40-годишнината се одржува и промоцијата на 15 нови доктори на науки, што е значаен чинител на универзитетското дејствување. Според ректорот Коруновски, промоцијата на високата титулата доктор на науки, стекната на УКЛО, редовно е поддржана и со заложбата таа да се чува со достоинство и пиетет.

укло

Средбата со медиумите беше можност низ кус ретроспективен пресек ректорот да истакне дека, пред сè, универзитетот го сочинуваат луѓето, десетици илјади студенти и стотици вработени.

Ректорот на УКЛО, меѓу другото, подвлече дека УКЛО има со што да се гордее, дека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола претставува современ универзитет кој е и ќе остане еден од клучните актери во општествениот раст и развој на регионот и државата како целина.

Тој ги најави и другите манифестации и случувања што УКЛО ги организира по повод јубилејот.

Посебно место во  богатиот спектар на случувања има Собирот на студентите од државата чиј домаќин е Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. Државната манифестација ќе се одржи на 9 Мај, по повод Денот на европското обединување.

Со мотото „Нашите 40 години“ УКЛО отпечати и публикација како сведоштво за изминатиот едукативен растеж на универзитетот, со осврт на четиридецениското постоење, но и отворено прашање - како понатаму?, во духот на новото време и променетото дејствување на универзитетите во 21 век.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование