X
 24.05.2018 Здравје

Повеќе од 300 милиони луѓе стрaдаат од депресија, може ли образованието да помогне?

Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека депресијата погаѓа повеќе од 300 милиони луѓе во светот, правејќи ја главната причина за попреченост. Страдањето од депресија може многу да го отежни соодветното функционирање на една личност на училиште и на работа. Не само што ова влијае врз животите на оние што се погодени и врз нивното опкружување туку има и пошироки економски последици за општествата, главно поради големите медицински трошоци и загубата на продуктивноста на вработените. Всушност, неодамнешните истражувања покажуваат дека вкупните годишни трошоци поврзани со депресија надминуваат 90 милијарди евра во Европа, што ја прави депресијата едно од најскапите ментални нарушувања.

Овие бројки повикуваат на акција. Но, можат ли образовните системи да направат нешто за тоа? Одговорот не е толку јасен, но можеби има докази кои покажуваат дека образованието има барем некаков удел во борбата со депресијата. Возрасните со мали достигнувања во полето на образованието често се оние што пријавуваат највисоко ниво на депресија. Како и да е, исто така е вистина дека депресијата меѓу студентите може да е причина за помали достигнувања во образованието, правејќи да биде невозможно да се каже со сигурност дали подобрите резултати во образованието резултираат со помала веројатност за депресија.

Дури и да е така, оваа двосмисленост не треба да нè обесхрабрува: образовните системи сè уште можат да одиграат некоја улога во борбата со депресијата и треба да се борат да ги задржат луѓето во образованието барем додека не завршат средно. Ова значи давање соодветна поддршка на оние студенти што имаат послаби резултати и обезбедување клима на добросостојба во училницата и така да се создаде атмосфера која промовира позитивни ставови кон менталното здравје и на учениците им ги дава најдобрите шанси за успех.

Дури и меѓу возрасните со слично ниво на образование веројатноста да пријават депресија варира во зависност од земјата и може да ги одрази културните ставови и свесноста за проблемите со менталното здравје. Процентот на возрасни луѓе со понизок степен на образование што истакнале дека страдаат од депресија е особено висок во Исланд (над 20 отсто), додека е генерално низок кај луѓе со различно ниво на образование во Италија. Резултатите во Исланд се во согласност со извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), кој посочува дека таа земја е најголемиот консумент на антидепресиви по глава на жител. Ниското ниво во Италија, од друга страна, може да е поврзано со културолошките табуа околу депресијата: неодамнешно истражување утврди дека три четвртини од Италијанците веруваат дека луѓето што страдаат од депресија треба да избегнат да зборуваат за нивните проблеми. 

Фото: OECD

Разликите не се само меѓу земјите, полот исто така игра значителна улога во веројатноста да се пријави депресија. Жените просечно пријавуваат повисоко ниво на депресија од мажите, но веројатноста да се каже дека некој страда од депресија се намалува како што жените добиваат дополнителни квалификации. Намалувањето на овој полов јаз може да се објасни со променливите изгледи за работа низ различни нивоа на образовни достигнувања. Да се биде вработен често се поврзува со помала преваленција на депресија, а јазот меѓу родовите кога станува збор за процентот на вработеност исто така генерално се намалува со зголемувањето на образовните достигнувања.

Менталната болест може да ги отежни шансите за наоѓање работа, но истовремено ментално болните луѓе што наоѓаат работа често покажуваат подобрување на нивната состојба преку поголемо чувство за вредност во општеството и преку засилено самопочитување. Затоа е важно образовните системи да обезбедат лесна транзиција од училиште на работа, особено за оние што имаат слаби резултати на училиште, бидејќи тие е поверојатно да страдаат од кумулативни недостатоци. Студентите треба да влезат на пазарот на работна сила опремени со вештините за да можат соодветно да напредуваат и да го уништат магичниот круг кој може да доведе или да ја одржи депресијата.

Иако свесноста за депресијата потекнува уште од времето на античките Грци и Римјани, болеста сè уште се стигматизира. За среќа, сега знаеме дека депресијата не е предизвикана од страна на демони или зли духови, но двоумењето или неуспехот да се препознае депресијата ги спречува повеќето луѓе што се во ризик да ја добијат поддршката која им е потребна. Важно е да се отстранат табуата околу оваа болест и да се натераат луѓето да зборуваат повеќе за неа.

Образовните системи имаат улога во идентификување на оние што се под најголем ризик уште од рана фаза и во зголемувањето на свесноста за да се осигури дека тие добиваат соодветна поддршка и дека го добиваат потребното внимание од наставниците или од советувачите. Секако, вистина е дека училиштата треба да бидат посветени на одгледување на когнитивните вештини на учениците, но тие исто така мора да ги опремат со самодоверба и самопочитување - два важни фактора кои можат да помогнат против депресијата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје