X
 24.05.2021 Наша тема

Зошто ни се важни и како го менувале светот светите Кирил и Методиј?

Во современиот свет тие се единствените личности што можат да се дефинираат како мост меѓу вечниот ривалитет на Источна и Западна Европа

Светите Кирил и Методиј се едни од најважните личности во словенската, а со тоа и во македонската, но и во европската историја. Нивното дело е револуција во дотогашната светска мисла дека христијанството може да се проповеда само на три јазици - еврејскиот, грчкиот и латинскиот.
Тие успеваат со своите мисии да го внесат словенскиот јазик, создавајќи ја глаголицата како писмо засновано на говорите од тогашното население од околината на Солун.

По повод Денот на словенските просветители, кој се чествува секој 24 мај, се потсетуваме на важните придобивки од делото на словенските рамноапостоли, светите Кирил и Методиј. Нивната мисија е од огромна важност за сиот словенски свет, а неоспорни се и универзалните вредности на нивниот предизвик.
Најзначајната мисија за браќата е Моравската мисија, за која специјално ја создале глаголицата, посебна азбука според јазикот што го зборувале Словените, составена од 38 букви. Превеле дел од Библијата на словенски јазик и неколку богослужбени книги на словенски и заминале во Велика Моравија.
Нивната дејност наишла на силен отпор од германските свештеници, кои жестоко се бореле против воведувањето на словенскиот јазик во богослужбата и против глаголското писмо.
Веста за мисионерите во Моравија стигнала и до папата Никола Први, па двајцата браќа тргнале кон Рим, на средба со папата.
За делото и големината на браќата Константин и Методиј дознал и кнезот Коцел од Панонија (Панонска мисија), кој ги повикал браќата да им помогнат на панонските Словени против германизацијата. Константин и Методиј останале во Панонија 6 месеци и во тој период ги ширеле христијанството и писменоста кај тамошното население.
Оттаму преку Венеција отпатувале за Рим.
Во Рим браќата биле примени од папата Адријан Втори. Нему му ги предале моштите од папата Климент Први. Поради мудроста и пожртвуваноста на Константин и Методиј, поради нивната мисија за ширење на христијанството и поради честа што му ја направиле на починатиот папа Климент, Адријан Втори го ракоположил Константин за свештеник, а неговите ученици за презвитери и ѓакони. На Константин му било дозволено да изведе богослужба на словенски јазик, црковните книги што биле преведени на словенски јазик и писмо биле оставени на поклонение во еден од римските храмови, а преводот на Библијата бил осветен од папата, кој дозволил во Велика Моравија и во Панонија да се одржува богослужба на словенски јазик.



Кои биле Кирил и Методиј?

Константин (познат под монашкото име Кирил) и Методиј се браќа родени и пораснати во Солун. Потекнуваат од угледно солунско семејство. Нивни родители биле Лав и Марија.

Методиј е роден во 826 год. Се школувал во специјални училишта за стекнување воени вештини и за извршување високи државни функции. Поради стекнатото знаење и способностите што ги поседувал, Методиј на 20-годишна возраст добил чин војвода од византискиот двор. Тој како војвода во 845 година бил испратен да биде управник на Словенското Кнежество во Македонија, кое се простирало во Струмичко-брегалничкиот регион. Задача на Методиј била да ја осигури поддршката од месното население во борбата против бугарските напади на таа територија.

Константин бил роден во 827 год. Се школувал во солунските училишта во кои оделе само децата од поимотните семејства. Како најдобар ученик, рано се школувал на Цариградскиот универзитет, каде што изучувал повеќе науки и повеќе јазици. По завршувањето на студиите Константин станал професор по филозофија на универзитетот во кој и самиот учел претходно. Како вреден и образован, стекнал голема доверба на византискиот двор.

Кирил бил монах, а Методиј епископ и архиепископ.

Во Рим, Константин тешко се разболел. Се замонашил во февруари 869 година и по педесетина дена починал. Непосредно пред смртта го примил монашкото име Кирил. Неговото тело со високи верски почести било положено во црквата „Св. Климент“ во Рим, каде што се наоѓа до денешни дни.

Методиј со добиениот архиепископски чин од папата се вратил во Велика Моравија за да продолжи со мисијата. Заедно со своите ученици, дејноста ја вршел со големи тешкотии поради силниот притисок од германското духовенство, сѐ до смртта во 885 година.

Мисии што го промениле светот


Прва мисија на Константин била мисијата кај Сарацените во Багдад (Арапска мисија), која имала државно-политички и религиозен карактер. Со Сарацените водел полемики на повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите. Потоа бил испратен да му помогне на својот брат во Словенското Кнежество во Македонија (Брегалничка мисија). Доаѓајќи во Брегалничко, според легендата, Константин покрстил 54.000 Словени. Таму Константин ги уочил проблемите со кои се соочуваат Словените, со немањето своја азбука и неможноста да се употребува грчкото унцијално писмо и латиничното писмо за запишување на специфичните словенски гласови.
Во 860 година, Константин е испратен од Византија кај Хазарите на брегот на Црно Море (Хазарска мисија). Тие немале официјална религија. Кај хазарското население имало Евреи, муслимани, христијани и пагани (многубошци). Задача на Константин во оваа дипломатска и верска мисија била да го прошири христијанството на оваа територија и да ослободи византиски затвореници. Тој со себе го понел и својот брат Методиј.
Во оваа мисија на Крим тие ги откриле моштите на папата Климент Први (Римски) и со верски почести ги положиле во црквата „Св. Димитрија“ во градот Херсон. Константин напишал и „Пофално слово“ и химна за папата Климент. Дел од моштите Константин понел со себе. По успешната мисија кај Хазарите, Константин бил испратен во нова мисија кај Аланите, во градот Фула, на источниот брег на Црно Море. И оваа мисија успешно ја завршил покрстувајќи голем број пагани.

Европски заштитници


Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
За животот и дејноста на словенските просветители, најмногу податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“ и „О`писменех“ од Црноризец Храбар.

Во современиот свет тие се единствените личности што можат да се дефинираат како мост меѓу вечниот ривалитет на Источна и Западна Европа.
Ако нивната просветителско-христијанска мисија беше столбот на едниот крај од Европа, одлуката на папата Иван Павле Втори да ги прогласи за созаштитници на Европа е столбот од тој мост на другиот крај на Европа.
Секоја година на 24 мај продолжува да се слави нивното дело, најмногу од словенските народи.
Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема