X
 10.10.2019 Култура

Вашингтон го укинува Денот на Колумбо, ќе ги слави Индијанците

Градските власти во Вашингтон соопштија дека празникот на Христофор Колумбо, првиот европски колонист кој пристигнал во Америка и чии критичари го осудуваат за извршените злосторства, ќе се замени со прослава на американските Индијанци.

Денот на Колумбо официјално станал федерален празник во 1937 година, и покрај фактот што Колумбо не ја открил Северна Америка, дека за време на неговото доаѓање во Северна Америка на оваа територија веќе живееле милиони луѓе и дека тој никогаш не стапнал на брегот на денешните САД, изјави локалниот советник Дејвид Гросо, објаснувајќи ја одлуката.

Гросо навел дека морепловецот однел во ропство, колонизирал, осакатил и масакрирал илјадници и илјадници Индијанци во Америка.

kolumbo

Повеќе американски сојузни држави, како Мејн, Вермонт, Њу Мексико и Хаваи, како и над 100 града веќе го преименувале октомврискиот празник во чест на домородните заедници.

- Оваа промена е можност за подигнување на свеста за уникатната и богата историја на оваа земја, која е тесно поврзана со првите народи што живееле на нејзината територија и која е постара од патувањата на Христофор Колумбо - соопшти Националниот конгрес на американските Индијанци.

Одлуката на Вашингтон сепак не била добро прифатена од сите. Италијанско-американската федерација ја оценила како вознемирувачка и раздорна и го повика главниот град на САД повторно да ја преиспита промената на празникот што го слават повеќе од 20 милиони италијански Американци.

Според податоците, првата средба меѓу европските колонисти и индијанското племе Накочтанк, кое живеело на просторите на денешен Вашингтон, се случила во 1608 година. Во текот на наредните 40 години исчезнале три четвртини од домородното население, како жртви на болести што ги однеле Европејците или во војната со колонистите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура