X
 24.06.2020 Технологија

Најбрзиот суперкомпјутер во светот работи на наоѓање лек за коронавирусот

Јапонски суперкомпјутер, кој е прогласен за најбрз суперкомпјутер во светот, го користи својот капацитет за да пронајде потенцијален лек за коронавирусот.

Оваа недела Јапонија се врати на првото место од 2011 на листата со земји со најбрзи суперкомпјутери. Јапонскиот суперкомпјутер „Фугаку“ може да направи над 415 квадрилиони пресметки во една секунда, односно е 2,8 пати побрз од системот „Самит“ развиен во САД, кој беше најбрз суперкомпјутер претходната година.

Јапонската технолошка компанија „Фуџитсу“ и истражувачкиот институт „Рикен“ работеле на развивањето на суперкомпјутерот „Фугаку“ во последните шест години. Суперкомпјутерот може да тестира илјадници супстанции неделно.


Фото: Fujitsu

Суперкомпјутерите се над илјада пати побрзи од обичните компјутери и може да се користат за симулирање нуклеарни експлозии, тестирање на виртуелно оружје и моделирање на климатски системи. Во Јапонија „Фугаку“ ќе работи на модел за влијанието на земјотреси и цунами.

Суперкомпјутерот вреден 130 милијарди јени (околу 1,2 милијарда долари) ќе работи со полн капацитет наредната година, но експертите се надеваат дека тој ќе помогне во наоѓањето третман за Ковид-19 користејќи податоци за околу 2.000 постојни лекови. Со него веќе се направени симулации за начинот на кој капките што се исфрлаат при зборувањето се шират низ канцелариите и во јавниот превоз.

Автор: Џастин Меккари
Извор: theguardian.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија