X
 24.10.2022 Здравје

Колку е важна брзината на одењето, а колку бројот на направените чекори додека пешачите?

Брзината со која одите е исто толку важна како и бројот на чекори што ги правите во еден ден, посочува ново истражување кое потсетува дека 10.000 чекори дневно се поврзани со намален ризик од развој на деменција, срцеви заболувања, рак и прерана смрт.

Но, експертите неодамна открија дека побрзото темпо на пешачење e уште покорисно за здравјето во споредба со бројот на преземени чекори, пишуваат британските медиуми.

- Нашата порака е - одете побрзо - вели коавторот на истражувањето, д-р Метју Ахмади, научен соработник во Центарот „Чарлс Перкинс“ на Универзитетот во Сиднеј. Експертите откриле врска помеѓу правење 9.800 чекори и 50 отсто помал ризик од развој на деменција. Општо земено, поголем број чекори дневно беше поврзан со помал ризик од развој на различни форми на деменција. Истражувањата покажаа дека на секои 2.000 направени чекори постепено се намалува ризикот од прерана смрт за 8 до 11 отсто. Слични врски се забележани во случаи на кардиоваскуларни болести и развој на рак.

Во една нова студија научниците открија дека побрзото темпо на одење во целина доведува до помалку срцеви заболувања, рак, деменција и прерана смрт и е поефективно за здравјето во споредба со вкупниот број дневни чекори.

- Луѓето почесто се фокусираат на нивните фитнес-следачи и мобилни апликации кои го мерат нивниот број на чекори, пулс и слично, но ретко размислуваат за темпото со кое одат - вели еден од авторите на истражувањето, Емануел Стаматакис. професор на Универзитетот во Сиднеј.

Резултатите од студијата беа објавени во списанијата „Џама интернал медисин и џама неуролоџи“, а користеле податоци од претходната студија на „Биобанк“ на Велика Британија. Заклучокот е донесен врз основа на податоците собрани меѓу 78.500 лица на возраст од 40 до 79 години, чии здравствени навики биле следени седум години.

- Силните докази досега посочуваат дека 10.000 чекори дневно се одличен начин за одржување добро здравје, а побрзото темпо на одење е поврзано со дополнителни придобивки. Понатамошните истражувања кои вклучуваат подолготрајна употреба на следачот ќе откријат повеќе информации за придобивките поврзани со интензитетот на секојдневното одење - заклучува д-р Ахмади.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје