X
 25.02.2021 Наука

Научниците откриваат каква катастрофа би се случила ако се заменат магнетните полиња на Земјата

Последната замена на магнетните полиња на Земјата најверојатно се случила пред 42.000 години, а тоа веројатно била причината за големо истребување на цицачите и неандерталците, покажа новата анализа на фосилизираните прстени на дрвјата.

Наодите од истражувањето, претставени во списанието „Сајнс“, посочуваат дека свртувањето на магнетните полиња, доколку се повтори, би било поразително - тоа би овозможило засилено зрачење од вселената и развој на екстремни временски услови.

Земјиното магнетно поле се протега во вселената и е најконцентрирано на Северниот и Јужниот Пол. Но, тие не мируваат и повремено се заменуваат на секои 200.000 до 300.000 години, но досега нема доволно научни согледувања за влијанието на овој настан врз нашата планета.

Во новото истражување, Алан Купер од Музејот на Јужна Австралија во Аделаида и неговите колеги го идентификувале најточниот момент во историјата кога се случила последната замена на магнетните полиња на Земјата, наречена Лашамп настан.

Тимот проценил дека тоа се случило пред 41.560 до 41.050 години и дека обратната состојба траела помалку од 1.000 години.

Тимот дошол до оваа процена врз основа на анализа на радиоактивен јаглерод во прстените на античкото, фосилизирано дрво каури зачувано во мочуриштата на Северен Нов Зеланд.

- Дрвото живеело во текот на настанот Лашамп. Користевме промени во радиоактивниот јаглерод Ц-14 во атмосферата за да откриеме кога точно се срушило магнетното поле - изјави Купер.

Земјината магнетосфера, областа во која доминира магнетното поле на Земјата, ослабува додека се вртат половите. Тимот на Купер проценил дека магнетното поле на Земјата за време на настанот Лашамп имало сила од само 6 отсто од денешната.

Познато е дека магнетосферата го штити животот на Земјата од различно високофреквентно зрачење, т.н. јонизирачко зрачење, и од космички зраци.

Кога магнетното поле ослабува, космичките зраци влегуваат во атмосферата и ги трансформираат атомите на јаглерод во радиоактивна форма C-14. Со мерење на нивото на C-14 во секој прстен на фосилизираното дрво каури, тимот бил во можност точно да го датира Лашамповиот настан.

pole
Фото: Freepik

Во следниот чекор научниците користеле моделирање за да утврдат дали некои клучни климатски промени се совпаѓаат со Лашамповиот настан за да ги испитаат можните климатски ефекти од пресвртот на половите. Резултатот бил потврден - ослабеното магнетно поле овозможило повеќе космички зраци од вселената и јонизирачко зрачење од сончевите ракети да стигнат до Земјата и да ги променат климатските услови.

Ова можеше да предизвика екстремни временски услови, вклучувајќи молњи, високи температури и многу сончева светлина - па на организмите можеби би им било тешко да се приспособат.

- Овие екстремни промени во животната средина можеле да предизвикаат или барем да придонесат за истребување, вклучувајќи го и она на големите цицачи во Австралија и неандерталците во Европа - вели Пола Ример од Универзитетот „Квинс“ во Белфаст, која не била вклучена во истражувањето.

Мегафауната низ Австралија и Тасманија - праисториски гигантски цицачи кои постоеле во доцниот плеистоцен - и неандерталците во Европа изумреле некаде во исто време како и менувањето на магнетните полиња, пред 42.000 години.

Но, експертите посочуваат дека талкањето на Северниот Магнетен Пол, кое е забележано во последните сто години, не мора да значи дека може да се случи пресврт во блиска иднина.

- Не мора да значи дека пресвртот ќе се повтори, но кога би се случил, тоа би била апсолутна катастрофа -  вели Купер.


Извор: Newscientist.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука