X
 25.03.2018 Живот

Како би изгледало едно училиште ако Алберт Ајнштајн би бил директор?

Често се тврди дека Ајнштајн бил лош ученик кому не му одела математиката. Меѓутоа оваа приказна е лажна, така што Ајнштајн кога дознал за неа, слатко се изнасмеал. Всушност, неговата логика толку многу работела, што до средно успеал да ги усоврши неговите математички знаења, а на 13 годишна возраст тој можел да ја разбере тешката филозофија на Емануел Кант. Повеќето возрасни луѓе денес не го знаат ниту едното ниту другото.

Точно е дека не се грижел за училиштето. Тевтонските школи на неговата младост биле спротивно на она што него му било потребно. Строгоста на властите, режимот на денот и лошиот стил на учење се судирале со неговата апстрактна генијалност и тенденција за мечтаење. Додека брилијантноста на Ајнштајн успеала да ја преживее оваа грозна околина, кој знае колку големи умови не успеале во тоа.

Д-р Ајнштајн имал свои идеи за тоа како треба да се структурира образованието, а тоа го објаснил во говорот на Државниот универзитет во Њујорк во 1931 година.

Во говорот признава дека работите што има да ги каже се само негово мислење и е лаик кога станува збор за образованието. Сепак, тој во говорот тврди дека организација како што е образованието, бара повеќе специјалисти за да се постигне во неа нешто и дека неговите идеи вреди да се слушнат.

Како што очекувате, тој се надевал на училиште со помалку стандрдизација и погенерална подготовка за животот. Тој цврсто верувал во идејата за користење на образовниот систем за развој на поединецот како автономен критичен мислител. Во неговиот говор тој зборува за најголемата важност велејќи дека: „Развојот на општата способност за независно размислување и расудување секогаш треба да биде на прво место“.

Како одговор на оние кои сметале дека образованието треба да се фокусира на техничка обука за подоцнежно вработување, тој вели: „Ако еден млад човек ги обучил своите мускули и физичка издржливост со гимнастика и пешачње, подоцна ќе биде спремен за секаква физичка активност. Ова исто така важи и за обуката на умот и на менталната и мануелна вештина“.

„Најважниот начин на образование отсекогаш се состоел од тоа како ученикот бил поттикнат на вистински перформанси“, вели Ајнштајн. За него, концептите мора да бидат применети во реалноста. Не постои цел да се учи табелата за множење, ако ученикот не знае да решава равенки. Со тоа, неговото гледиште за образованието е насочено кон генералниот развој на личноста и практичната примена на предметот.

Тој изразил слични идеи во неговиот политички есеј насловен „Зошто социјализам“ каде што вели дека образовниот систем треба да помага да се поттикне индивидуата, која подоцна ќе може да работи за подобрување на човештвото.

Неговите мотиви позади ваквиот вид на училишен систем се премногу добро замислени за да бидат отфрлени како реакции. Во неговиот говор, како и во неговиот политички есеј, тој ја изразува потребата од образование што ќе помогне во промовирањето на општото добро, нешто што високо функционалните поединци би можеле да го направат најдобро.

И додека сите што имаат образование ќе имаат некакво мислење за тоа како би можело да се подобри образованието, мислењата на еден гениј како Ајнштајн би можеле повеќе да го привлечат нашето внимание. И покрај тоа што бил студент на науката и производ на многу строг училишен систем, Алберт Ајнштајн нè охрабрува да го пренасочиме нашиот образовен систем кон развојот на целата индивидуа, а не само на техничките вештини што се потребни за пронаоѓање на работата. Исто така, нè охрабрува да го избегнеме досадното учење и роботското меморирање.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот