X
 25.03.2021 Наша тема

Tренира во Бугарија, а настапува за македонската репрезентација: Рејчел Стојанов - најуспешната македонска ритмичка гимнастичарка

Многу пати сум настапувала во странство под знамето на Македонија и се надевам дека годинава ќе ми се исполни најголемата желба - да ги исполнам условите за учество на Олимписките игри во Токио, вели Рејчел

Додека нејзините врсници уште учеа да бидат стабилни во одењето, таа почна со гимнастички вежби. Ритмичката гимнастика стана дел од нејзиниот живот уште на петгодишна возраст. Таа денес има 18 години и секој ден тренира по 12 часа. Рејчел Стојанова, најуспешната спортистка на Битола за 2020 година, цел живот го посвети на најженствениот спорт - ритмичката гимнастика.

Рејчел, која без конкуренција е најуспешната македонска гимнастичарка на сите времиња, денес живее и тренира во Бугарија. По мајка има македонско потекло, поточно бабата и дедото ѝ се од Охрид и Тетово. Родена е во Лос Анџелес, САД, а има двојно државјанство, македонско и бугарско. Таа е член на Клубот за гимнастички спортови „Партизан“ од Битола. Живее и тренира во Софија, Бугарија, но настапува за македонската репрезентација.



Тренира од 8 наутро до 8 навечер

- Се натпреварувам со срце за Македонија и ми претставува чест што ги бранам боите на државата и на клубот „Партизан“ од Битола. Многу пати сум настапувала во странство под знамето на Македонија и се надевам дека годинава ќе ми се исполни најголемата желба - да ги исполнам условите за учество на Олимписките игри во Токио - вели Рејчел.

Таа живее во Бугарија, каде што ритмичката гимнастика е многу популарен спорт и често омилен на девојчињата. Има среќа да работи со врвни тренери, меѓу кои на прво место е легендарната Нешка Робева, најтрофејниот тренер во историјата на светската гимнастика со освоени над 280 медали на европски и на светски првенства како селектор на бугарската репрезентација. Рејчел добива поддршка и од Федерацијата на гимнастички спортови на Македонија и претседателот Љупчо Арнаудов.



- Професионалното занимавање со ритмичка гимнастика значи буквално одрекување од многу работи во животот и посветување на овој спорт. Вежбите ѝ започнуваат во 8 часот наутро и завршуваат во 8 часот навечер. Таа нема време ни за другарување ни за игра, за ништо друго освен за вежбање. Можете да замислите колку треба да го сакате овој спорт за да му го посветите цел живот - вели Миле Петровски, техничко лице во Федерација за гимнастички спортови на Македонија.

Поради презафатеноста со вежбање, Рејчел полага испити во приватно училиште кога нема натпревари, а останатиот дел од времето го троши спортувајќи. Деновиве полнолетноста ја прослави работно, освојувајќи четири медали на Феникс куп-турнирот. Ова е само еден од годинашните успеси на Рејчел, која досега имаше повеќе настапи на кои котираше меѓу победниците. Го освои и купот „Златен Пирин“ во Бугарија.

- Ритмичката гимнастика се состои од четири вежби, и тоа: со топка, чуневи, обрач и трака. Секоја вежба има посебна кореографија и музика. За да може да учествува на турнири, Рејчел мора да биде пријавена во сите четири дисциплини. Покрај тренинзите, таа мора да посетува и часови по балет зашто ритмичката гимнастика, освен по тежината на елементите, се оценува и по уметничкиот впечаток што го остава натпреварувачката - вели Петровски.



Се подготвува за Олимпијадата во Токио

Рејчел на теренот плени со елеганција, сигурност, прецизност и безгрешност до совршенство. Минатата 2020 година за неа беше доста успешна. Таа учествуваше на повеќе меѓународни турнири, како што се Гранд при во Москва, каде што освои 12. место во повеќебој, Меморијален турнир во Букурешт, Романија, со 8. освоено место, Интернационален онлајн-турнир во организација на руската гимнастичка федерација со второ место и сребрен медал. Потоа, еден златен, три сребрени и еден бронзен медал на Меѓународниот турнир во Бургас, Бугарија, 11. и 16. место со обрач и во повеќебој на сениорското Европско првенство во Киев, Украина. На крајот од годината беше прогласена и за најдобар спортист на Македонија за 2020 г. Со овие постигнувања, се смета дека таа е дефинитивно на врвот на европската ритмичка гимнастика.



Најголема желба ѝ да учествува на Олимписките игри во Токио оваа година. Таа е единствениот кандидат во женска конкуренција од Македонија, во спортска гимнастика односно ритмичка гимнастика.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Жанета Здравкоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема