Екстракорпоралната шок-бранова литотрипсија (ESWL) претставува револуционерен метод во урологијата кој овозможува неинвазивно кршење камења во уринарниот тракт. Овој метод користи високоенергетски шок-бранови кои се фокусирани врз каменот, предизвикувајќи негово распаѓање на помали фрагменти кои лесно се исфрлаат преку урината. Со оглед на тоа што не е потребна хируршка интервенција, ESWL е најминимално инвазивната метода за третман на нефролитијаза и уролитијаза.
Принципот на концентрирање на звучни бранови е познат уште од антички времиња, но развојот на ESWL започнува во 1969 година кога германските инженери од компанијата „Дорниер медикал системс“ (Dornier Medical Systems) го истражувале ефектот на шок-брановите врз ткивото. Во 1980 година првиот пациент бил третиран со ESWL, а во 1984 година методот бил одобрен од Американската агенција за храна и лекови (FDA) за клиничка употреба.
Шок-брановите се создаваат надвор од телото со различни генератори и потоа се пренесуваат низ телесните ткива до таргетираниот камен. Тие предизвикуваат механички стрес врз каменот што доведува до негово распаѓање преку различни механизми како што се спал фрактура, кавитација и акустична компресија.
Постојат неколку вида генератори на шок-бранови. Електрохидрауличните генератори произведуваат шок-бранови преку искра во вода, создавајќи ударен бран кој се насочува кон каменот. Електромагнетните генератори создаваат шок-бран преку магнетна индукција, кој потоа се фокусира со акустична леќа. Пиезоелектричните генератори користат пиезокерамични елементи за создавање шок-бранови со висока фокусираност.
ESWL најчесто се користи за камења во бубрезите и уретерите. Процедурата започнува со позиционирање на пациентот, обично во лежечка положба, на специјално дизајнирана маса. Прецизното лоцирање на каменот се врши преку флуороскопија или ултразвук со чија помош шок-брановите се насочуваат кон точната локација. Потоа, се нанесува специјален гел за подобрување на спроводливоста на шок-брановите и се генерираат од 2.000 до 4.000 шок-бранови со постепено зголемување на енергијата. Целта е каменот да се распадне на доволно мали делови кои можат природно да се исфрлат преку урината. По завршувањето на третманот, пациентите се охрабруваат да внесуваат големи количини течности за да се олесни исфрлањето на фрагментите. Дополнително, препорачливо е да се дава медицинска експулзивна терапија, најчесто со алфа-блокери и терапија со ПДИ метода (перкусија, диуреза, инверзија).
Ефикасноста на ESWL зависи од фактори како што се големината, локацијата и составот на каменот. Степенот на успешно отстранување на камењата варира од 50 % до 90 %, а најдобри резултати се добиваат кај камења помали од 2 см.
Иако ESWL е безбедна процедура, може да предизвика хематурија (крв во урината) како резултат на руптура на мали крвни садови, болка поради минување на фрагментирани камења низ уринарниот тракт, а во ретки случаи може да доведе до формирање ренални хематоми или оштетување на бубрежното ткиво.
ESWL претставува најнеинвазивна, ефективна и широкоприменувана метода за третман на уролитијаза. Со постојани подобрувања во технологијата и пристапот, оваа метода останува златен стандард за неоперативно третирање на камења во уринарниот тракт.
Автор: д-р Ристо Пејков, специјалист по уролошка хирургија во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје