Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје го објави конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии на студиските програми во учебната 2025/2026 година.
Според конкурсот, најстариот и најголемиот универзитет во земјава годинава има 9.719 слободни места, од кои 4.683 за редовни студенти кои се финансираат од буџетот, 4.081 за редовни со школарина и 955 за вонредни студенти.
Најголем број слободни места годинава има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), вкупно 1.020, а по него следуваат Природно-математичкиот факултет (ПМФ) со 910 слободни места, па Филозофскиот со 880, Филолошкиот со 810 слободни места итн.
Првиот рок за пријавување кандидати што се рангираат само според успехот од средното образование е на 19 и 20 август, вториот на 11 и 12 септември, а третиот на 24 септември. По објавувањата на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 4 и 5 септември, на 22 септември и на 29 септември, соодветно според рокот на пријавување.
Првиот рок за пријавување на кандидатите кои се рангираат според успехот од средното образование и според проверката на знаењата и умеењата е на 19 и 20 август, додека проверката на знаењата е на 25 август (за кандидатите на Факултетот за ликовни уметности проверката на знаењата е на 1 и 2 септември). Вториот рок за овие кандидати е на 11 и 12 септември, а проверката на знаењата на 15 септември. Третиот рок е на 24 септември. По објавувањето на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 4 и 5 септември за кандидатите од првиот рок, освен за оние што сакаат да се запишат на ФЛУ, кои за запишување ќе треба да почекаат до 9 и 10 септември. За кандидатите од вториот рок запишувањето е на 23 септември, а за пријавените во третиот рок, на 29 септември.
ТУКА можете да го прочитате целиот конкурс, да погледнете кои документи ви се потребни за упис и колку слободни места има на секој факултет.