X
 25.07.2023 Живот

За претставата на Џон Малкович на Охридско лето карти купувале и од Холандија, Франција, Бразил, САД...

Уникатно и совршено сценско доживување. Така на денешната прес-конференција беше најавена утрешната претстава „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“ која во Охрид, на Охридско лето и првпат во Македонија како актер го носи светски познатиот холивудски глумец, режисер и продуцент Џон Малкович.

Поврзувајќи ги класичната музика и глумата во еден голем сценско-музички проект, славниот актер утре ќе настапи во придружба на Оркестарот на Виенската академија и сопранистите Чен Реис и Сузан Лангбејн.


Како што појасни селекторката на драмската програма на „Охридско лето“, Сања Арсовска, станува збор за претстава на авторот и режисер Михаил Штурмингер, која својата драматуршка структура и емотивна архитектура ја гради врз две спротивставености - комедијата и психолошката драма.

- Од една страна, серискиот убиец со лесна духовитост и луцидност ги нижи настаните од својот живот, а публиката ја лови во мрежа од ироничен хумор, и додека публиката мисли дека е уловена во комична атмосфера, на сцената почнува вистински пекол, придружен со оркестар и силни сопрани. Тука серискиот убиец Џек Унтервегер започнува да ги вади демоните од себе... рече Арсовска.
Актерот Џон Малкович, кој својата уметничка кариера ја започна во театарот, појасни дека оваа претставата првпат ја одиграл на сцена пред 15 години, но оти таа е видоизменета, пред сѐ поради ограниченоста на уметничките перформанси наметната од коронавирусот.

- Делото минатата година го освеживме, се работи за претстава што многу сакам да ја играм, особено поради тоа што ги обединува класичната музика и актерската игра. Иновативниот пристап е она што ги привлекува луѓето - рече тој.
Министерката за култура Бисера Костадинова-Стојчевска истакна дека честа е огромна што Малкович ќе се впише на листата со најгламурозни уметници во фестивалската историја на Охридско лето, како еден од петте најелитни европски фестивали.

Малкович нагласи дека Охрид и Македонија се прекрасни. Наведе дека повеќепати бил во регионот и во државите на поранешната југословенска заедница, но оти ова му е првпат во Охрид. Неговите барања се доста скромни, она што е познато е дека побарал да го види манастирот „Свети Наум“, што ќе му биде исполнето денеска.

Инаку, за претставата е резервирана големата сцена на Античкиот театар, таа ќе се изведува пред над две илјади гледачи, а потврда за огромниот интерес кај публиката е тоа што многубројни резервации за неа има од регионот, но и од Холандија, Франција, Бразил, САД...

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот