Сите некогаш сме добиле сомнителна порака или сме кликнале на необичен линк од непозната, а понекогаш и од позната личност што ја следиме на социјалните мрежи.
За да избегнете вируси и можност за кражба на идентитет на „Фесјбук“, најважно е да не кликате на пораки од непознати лица и да не отворате сомнителни линкови.
Што е „фишинг“?
„Фишинг“ или кражба на идентитет претставува напад врз корисниците на онлајн услуги преку мејл, во разговори или наизглед „легитимни“ веб-страници, со цел да се добијат доверливи информации. Ваквите напади ве наведуваат да ги откриете вашите лозинки за напаѓачите да можат да пристапат до вашите податоци и профили.
Кога ќе го преземат вашиот фејсбук-профил, напаѓачите можат да ги преплават вашите следбеници со несакана или несоодветна содржина.
Само еден клик на лажна врска може да доведе до губење на контролата врз профилот, бидејќи фишингот го прекршува правилникот за сајбер безбедност на „Мета“.
Знаци на напад
Ако добиете порака од некој што не го познавате или мејл во кој се бара да кликнете на некој линк, да решите наводен проблем со нарачка, да учествувате во наградна игра или да ја внесете вашата фејсбук-лозинка, никако не правете го тоа. Лажни врски и барања можете да добиете преку мејл, инстаграм-пораки или месинџер.
Дали е украден идентитетот?
Ако не можете да пристапите до вашиот профил, ако некој ви јави дека од вас добива необични или несоодветни пораки, ако следите нешто што сами не сте го избрале, тогаш се загрозени сите ваши профили, па и банкарските сметки.
Превенција
Препорака е да се проверуваат сите пораки, но и адресата на мејлот од која е испратена пораката. Измамниците често користат адреси кои личат на официјалните мејлови за мета-поддршка. Измамниците што испраќаат барања за партнери во „бизнис-менаџер“ често вклучуваат линкови за кражба на идентитет. Потребно е да бидете внимателни, особено бидејќи овие известувања можат да пристигнат од легитимен мета-домен (facebookmail.com). Ако не го познавате испраќачот, не кликајте на ниту еден линк.
Никогаш не давајте го вашето корисничко име или лозинка на никого бидејќи „Фејсбук“ никогаш нема да ги побара преку мејл. Исто така, никогаш не отворајте или преземајте нешто што е во вашиот мејл од фирма или лице што не го познавате. Дури и позната личност може ненамерно да ви испрати опасен мејл.
Секогаш користете уникатни и силни лозинки и избегнувајте употреба на иста лозинка на повеќе веб-страници или апликации.
Што ако вашиот фејсбук-профил е загрозен?
Штом ќе забележите дека не можете да се најавите на својот фејсбук-профил, веднаш пријавете дека е загрозен. Итно сменете ја лозинката ако сте го внеле корисничкото име или лозинката на злонамерен линк. Одјавете се од сите уреди што се најавени на вашиот профил и прегледајте го дневникот на активности за да проверите сè. Исто така, проверете ги последните мејлови што ги испратил „Фејсбук“ за да утврдите дали има проблеми со вашиот профил. Избришете ги сите објави што не сте ги поставиле вие или некој близок до вас. Ако мислите дека сте примиле сомнителна порака во „Месинџер“, пријавете ја преку функцијата за пријавување во четот.
Кога ќе се посомневате дека некој пристапил до вашите финансиски сметки, веднаш контактирајте ја банката.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik