22 септември беше важен датум во историјата на телевизијата, годишнината од емитувањето на првата епизода на една од најпопуларните серии на сите времиња - „Пријатели“ („Friends“). Премиерно прикажана на 22 септември 1994 година, серијата брзо ги освои срцата на гледачите низ светот и стекна статус на култна класика.
Феномен на една генерација
Кога Рос, Рејчел, Моника, Чендлер, Џои и Фиби првпат се појавија на малите екрани, малкумина можеа да претпостават дека „Пријатели“ ќе стане серија која ќе дефинира цела генерација. Во нивните секојдневни предизвици, љубовни авантури и хумор, многумина препознаа делови од своите животи. Токму спојот на комични и емотивни моменти создаде трајна врска со публиката.
Редефинирање на ситкомот
Освен што беше исклучително популарна, серијата го редефинира поимот ситком. Продуцентите успеаја да спојат забавни ситуации со подлабоки теми: пријателство, љубов, кариера. Сите шест лика имаа еднакво внимание, па обожавателите и денес расправаат кој всушност беше „главен“.
Автентичноста беше дополнително зајакната од фактот дека актерите Џенифер Анистoн, Кортни Кокс, Лиса Кудроу, Мет Лебланк, Метју Пери и Дејвид Швимeр останаа блиски и во приватниот живот. Тоа чувство на вистинско пријателство надвор од екраните ја зацврсти врската помеѓу публиката и серијата.
Културно влијание кое не избледува
Иако последната епизода беше емитувана во 2004 година, „Пријатели“ и понатаму има огромно културно влијание. Репликите, модните комбинации и фризурите станаа дел од поп-културата, а хуморот и шегите од серијата се универзален јазик на генерациите. Во дигиталната ера, мемињата со референции кон серијата и понатаму ги преплавуваат социјалните мрежи, а помладата публика ја открива повторно, како да станува збор за нова содржина. Серијата успешно ги помина границите на јазикот, културата и времето, останувајќи релевантна речиси три децении подоцна.
Најгледана епизода: „The One After the Superbowl“
Најгледаната епизода на „Пријатели“ ја проследија дури 53 милиони гледачи истата вечер. Станува збор за епизодата во два дела насловена „The One After the Superbowl“ од втората сезона, емитувана на 28 јануари 1996 година, како вовед во преносот на Супер боул.
Во епизодата гости беа низа познати личности, меѓу кои Брук Шилдс, Крис Ајзек, Џулија Робертс, Жан-Клод Ван Дам, Фред Вилард и Ден Кастеланета. Со речиси 53 милиони гледачи и удел од 47 отсто во гледаноста, епизодата и денес е рекордер меѓу воведните програми за Супер боул.
Сценариото ја следеше приказната на Рос кој дознава дека неговиот поранешен миленик, мајмунот Марсел, глуми во филм во Њујорк, додека Чендлер ја среќава старата пријателка од детството, Сузи Пентис Мос (која ја толкува Џулија Робертс), со која имал интересно минато.
Големо финале на серијата
Последната епизода, „The Last One“ (позната и како „The One Where They Say Goodbye“), емитувана во 2004 година во два дела, собра околу 52 милиони гледачи. Тоа беа 235. и 236. епизода и збогување со ликовите кои го одбележаа животот на милиони луѓе.
Во финалето Моника и Чендлер се селат во предградие со посвоените близнаци, Џои оди во Лос Анџелес за да ја продолжи актерската кариера, а Фиби веќе го најде својот среќен крај, венчавајќи се за Мајк. Рејчел останува со Рос наместо да замине во Париз за да ја работи работата од соништата, момент што ги воодушеви обожавателите.
Дали ќе се обединат повторно?
Прашањето за враќање на екипата од „Пријатели“ беше поставувано многу пати. Иако актерите јасно рекоа дека класично продолжение нема да има, во 2021 година се собраа во посебна емисија на платформата Ејч-би-о макс, што предизвика бран на носталгија, солзи и смеа. Меѓутоа, надежите за уште едно вакво собирање засекогаш се изгасија во октомври 2023 година, кога почина Метју Пери, кој го глумеше незаборавниот Чендлер.
- Бевме повеќе од колеги - бевме семејство - напишаа тогаш во заедничка изјава Џенифер Анистон, Мет Лебланк, Дејвид Швимер, Лиза Кудроу и Кортни Кокс.
Извор:
bizlife.rs
Фото:
Instagram